Како кечерот Хулк Хоган го згасна популарниот Gawker

После 14 години работење, Gawker.com, еден од најпопуларните веб сајтови во светот, ќе престане да работи, а останатите сајтови на фирмата Gawker Media како LifeHacker, Gizmodo, Kotaku, Jezebel се веќе продадени на Univision, американско-шпанска телевизиска мрежа za 135 милиони US долари.

Почетоците на Gawker.com и Gawker Media…

Gawker_Media_Logo

Gawker.com беше сајт кој објавуваше контроверзни и саркастични статии со препознатлив тон, мешаа хумор, шоу бизнис и политика, а и често пати беа брутално искрени во откривањето на јавни тајни, па дури и јавно откривање на интернет тролови. Kомпанијата зад сајтот, Gawker Media, беше основана во 2002 година од страна на британецот Ник Дентон, со правно седиште во Будимпешта, а оперативни канцеларии во Њујорк.

Компанијата во тоа време имаше неколку веб дестинации на разна содржина, но некаде околу 2008 година, се реши да посвети повеќе внимание и да инвестира во своите најуспешни сајтови од тогашното портфолио Gizmodo, Kotaku, LifeHacker и Gawker, како и Jezebel, io9, Deadspin и Jalopnik. Според податоците на Wikipedia, Gawker како сајт во септември, 2008 година имал вкупно 274 милиони прегледи.

Низ годините, Gawker Media ќе добие значителен удел од глобалниот интернет сообраќај преку своето портфолио на сајтови, заработувајќи и до 20 милиони долари на годишно ниво, а во 2014-та BusinessInsider.com ќе ја процени вкупната вредноста на компанијата на 250 милиони US долари.

Зошто Gawker Media беа толку популарни?

Во своите 14 години работење, Gawker Media беше симбол за независно новинарство, објавуваше статии кои третираа актуелни теми, но практикуваше и преземање на целосни истраги и објавување на истражувачки статии.

Image 694

Во април, 2010, Gizmodo го објави прототипот на iPhone 4 по откупување на телефонот за 5.000 US долари од човек кој го пронашол телефонот откако вработен во Apple го загубил. Во следните денови, Gawker известуваше за сѐ што беше поврзано со телефонот, колку реално чини неговата изработка, а колку компанијата сака да го продава и сл. Што секако не им се допаѓаше на Apple.

Gizmodo користеше и краудсорсинг кампањи за да добие информации и да ги објави, како тогаш во 2013-та кога собраа 200.000 US долари преку KickStarter за да го откупат видеото во кое градоначалникот на Торонто, Роб Форд, ужива во наркотици.

Gawker разоткриваше и популарни интернет тролови, како Violentacrez на Reddit, беа меѓу првите кои објавија истражувачка сторија за Slik Road, онлајн дестинацијата за дилање на дрога, а и јавно ја разоткрија политиката на BuzzFeed да брише статии кои не им се допаѓаат на компаниите кои се рекламираат на сајтот.

Секако, не секоја вест објавена на нивните сајтови беше вредна информација која требаше да биде објавена.

Скандали како составен дел од работењето

Gawker Media низ годините ќе ги пратат куп скандали, дел иницирани директно од нивното пишување и објава на непроверени податоци, а дел и заради природата на работата.

Во 2010 година над 1.3 милиони акаунти на читатели беа украдени од страна на хакерската група Gnosis, во 2011 компанијата направи комплетен редизајн низ сите сајтови во своето портфолио, но се соочи со функционални проблеми како неприкажување на линкови, содржина и чудни редиректи. Самиот редизајн беше пропратен и со еден куп незадоволни корисници, што подоцна се прикажа како причина за губење на дел од читаноста. Дури и основачот, Ник Дентон, јавно објавуваше кладби со неистомисленици убеден во редизајнот, за да после некое време се соочи со вистината и им овозможи на самите читатели да бираат помеѓу новиот и стариот дизајн, што доведе до враќање на дел од изгубената читаност.

Дополнителни скандали како објавување на сценарио од 146 страни на Квентин Тарантино кое резултираше со тужба од Тарантино кон Gawker.com и носење одлука за стопирање на филмот, тужење на компанијата од страна на практикантите и вработените за непокривање на оперативни трошоци се само дел од контроверзиите кои ја пратеја Gawker Media низ годините.

Но, компанијата згреши на големо кога објави кратко секс видео во октомври, 2012 година, во кое беа кечерот Хулк Хоган (реално име Тери Џин Болеа) и Хедер Клем, радио водителка.

Хулк Хоган vs. Gawker Media

По објавување на видеото во 2012-та, Дентон и Gawker Media не се согласија на барањето на Хулк Хоган да ја отстранат статијата од своите сајтови, што резултираше во судски спор.

После година дена, во април, 2013-та судијката која го водеше спорот донесе наредба со која Gawker Media мораше да го отстранат видеото. На тоа, Gawker Media објави:

“Судијката ни нареди да го избришеме нашиот пост за секс видеото на Хулк Хоган. Но ние нема да го направиме тоа.”

На ова, Хоган (или Тери Џин Болеа), поднесе дополнителна тужба во која бараше оштета од 100 милиони US долари заради нарушување на приватност.

Петер Тиел, еден од основачите на Paypal и меѓу првите инвеститори во Facebook, лут на Gawker заради тоа што пишувале јавно за неговата хомосексуалност, го подржал Хулк Хоган со финансирање на тужбата.

По неколку години докажувања и притисоци, во март годинава, поротата одлучи на Хулк Хоган да му додели 135 милиони долари оштета, од кои 10 милиони треба да дојдат директно од Ник Дентон. Секако, по ова Gawker Media објави жалба на одлуката, но…

Во јуни, 2016, судот му забележа на Дентон дека лажел околу тврдењата на реалната вредност на компанијата, и се обидел да го манипулира судот и јавноста дека поседува акции од само 8 милиони долари во Gawker Media, а всушност поседува акции во вредност од 30 милиони долари, по што судот заклучил дека Дентон не се обидел да го реши спорот праведно и му дозволил на Хулк Хоган да почне со прибирање на досудената наплата преку преземање на поседите на Gawker Media.

Со цел да го избегне моментот кога Хоган ја презема компанијата, Дентон и Gawker Media на 16 август комплетно се продаде на шпанско-американсата ТВ мрежа Univision за 135 милиони долари, која со цел да ја одбрани својата репутација донесе инстанта одлука да го згасне сајтот Gawker.com а да продолжи со операции со сајтовите:

  • Deadspin – сајт за спорт,
  • Gizmodo – гаџети и технологија,
  • Jalopnik – автомобили,
  • Jezebel – мода, Холивуд трачеви,
  • Kotaku – гејминг и азиска поп култура, и
  • Lifehacker, сајт за продуктивност.

Gawker.com, во свој стил вчера го објавија и еден од нивните последни постови:

Image 693

1 коментар на “Како кечерот Хулк Хоган го згасна популарниот Gawker

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии