Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Неодамна имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи. Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал насловен “Како [локална компанија] #РаботиОдДома” од повеќе текстови ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.
Серијалот го започнуваме со ITgma, македонска ИТ компанија која работи на развој на софтвер во повеќе индустрии. Разговаравме со Дејан Гичевски, извршен партнер во компанијата…
Како се справувате се овие отежнати услови за работа?
За време на 11 годишното работење, ИТГМА има воспоставено присуство на глобалниот пазар со клиенти од Европа, Северна Америка, Азија и Австралија. Заради тоа, редовно и внимателно ги следиме случувањата на глобално ниво и подготвуваме различни стратегии за функционирање на бизнисот и во поинакви услови од нормалните. Појавата на Ковид-19 вирусот и неговиот замав во Кина во изминатиот период, крена аларм кај нас уште пред да почне да се шири во другите земји. Од таа причина ние навремено се подготвувавме за Business continuity на нашата компанија во вонредна ситуација во случај на пандемија, која за жал ќе остави тешки траги, и во изгубени човечки животи, и во економијата, на глобални рамки.
Какво е влијанието врз работата и клиентите?
Уште пред кај нас, во државата, да се прогласи вонредна ситуација и превземат построги превентивни мерки, ИТГМА беше подготвена своите сервиси од областа на развој и поддршка на софтвер и ИТ системи, целосно да ги пружа од мобилни локации.
Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?
Веќе на 12 март ние го започнавме концептот на Smart Work, т.е. работа од дома. Од овој датум нашите колеги веќе 100%, односно сите, работат на овој начин. Нашите тимови и нивните членови покажуваат висока одговорност и професионалност во извршувањето на задачите, држејќи ја продуктивноста на високо ниво, еднакво на она што го имаа и во нашите канцеларии. Користејќи ги апликациите за комуникација како што е Microsoft Teams и SharePoint, VPN конекции до нашите сервери и серверите на нашите клиенти, успешно се носиме со предизвикот на ситуацијата која го зафати целиот свет.
Имавте ли некој специфичен предизвик кој можеби не можевте да го предвидите?
Во однос на трендот во глобалната, но и локалната економија, кој има и ќе има големи негативни последици заради пандемијата од Ковид-19, и каде веќе сме сведоци на отпуштања на вработени дури и од индустриските гиганти, во ИТГМА не гледаме ризик за нашиот бизнис. Причината за тоа ја наоѓаме во нашата долгогодишна соработка со клиенти кои се претежно од сервисната индустрија, односно телекомуникациски компании, банки, ИТ и софтверски компании. Од друга страна, и бројноста на нашите клиенти ни обезбедува диверзификација на ризикот и сигурност на нашите ангажмани. За разлика од нас, доста софтверски компании во нашата земја, кои станаа побројни во последно време, беа формирани исклучиво заради потребите на ангажман на еден проект или ангажман за само еден клиент, и во ситуации како оваа, тоа може да биде доста проблематично, па дури и погубно за нив.