Како инвестицискиот фонд SC Ventures ги охрабри балканските стартапи

Инвестирањето во македонски стартап не е баш нова вест, имало помали и поголеми инвестиции и во минатото во стартапи од и поврзани со Македонија и убедени сме дека ќе има уште и во иднина, но последнава година инвестицискиот фонд South Central Ventures сериозно го размрда регионот со своето доаѓање, најава на фонд од 40 милиони евра, присуство преку отворање локални канцеларии  во Скопје, Белград и Загреб и додавање на неколку стартапи од овие земји во своето портфолио во првите неколку месеци.

Фондот, кој започна со работа од октомври, 2015-та година, својата прва инвестиција ја направи во новосадскиот drytools во март годинава, инвестирајќи 300.000 евра наменети за drytools да ја доразвијат својата софтверска платформа за алатки за програмери. Три месеци подоцна, SC Ventures ја најави и новата инвестиција, повторно на српскиот пазар, во стартапот кој изнајмува и купува станови и куќи без провизија City Expert, зајакнувajќи го нивниот капитал со посериозна инвестиција од 700.000 евра.

Откако добро го “прочешла” српскиот пазар, SC Ventures во јули се реши да ја направи најголемата инвестиција во своето портфолио и да инвестира 1 милион евра во хрватскиот Agriviплатформа која нуди аналитики за да ја зголеми продуктивноста и заработувачката од одгледувањето на над 60 земјоделски продукти, која btw, е достапна и за македонските земјоделци.

Откако фондот во своето портфолио ги доби drytools, City Expert, и Agrivi, продолжи со поагресивната стратегија и на почетокот на август најави уште една инвестиција на српскиот пазар, во стартапот WorkPlus, но овој пат сумата и детали од партнерството не беа јавно презентирани.  Кратко потоа, фондот ја објави и својата прва инвестиција во локалниов пазар – 100.000 евра во chatbot платформата Letz.do.

Која е стратегијата на инвестирање на SC Ventures?

Според она што стои на сајтот на SC Ventures, нивната инвестициска стратегија ја делат на две компоненти кога станува збор за сумата:

  • Почетен капитал до 100.000 евра за развој на идејата и лансирање на продуктот
  • Развоен капитал до 3 милиони евра за интеранционална бизнис експанзија на оние што веќе покажале развој и успех

Фондот јавно си кажува дека поголем дел од својот 40 милионски капитал ќе го распредели во доделување на развоен капитал на селектирани стартапи и дека почетниот капитал е ограничен на вкупен буџет од 1.5 милиони евра. Дополнително компанијата е заинтересирана и бара идеи и стартапи кои во предвид го имаат глобалниот пазар, имаат уникатни идеи и посветен тим и добар продукт.

Фокусот на SC Ventures е југоисточна Европа:

Image 751

Тимот кој ги носи одлуките во фондот, е предводен од партнерите Татјана Забасу,  Јуре Микуз и Јан Коблер, поддржани од локални претставници, како што се Ирена Ефремовска-Трајковска и Ивана Станковиќ  од нивната канцеларија во Скопје.

sc-ventures

Што е тоа што SC Ventures препозна во македонскиот Letz.do?

На прашање што е тоа што SC Ventures препозна во македонскиот Letz.do на Нино Карас и Мартин Анчевски, кои како што напоменавме и во најавата на инвестицијата, се индивидуи кои веќе од поодамна се навлезени во македонскиот стартап свет со свои активности, еден од партнерите на фондот, Татјана Забасу, ни одговори:

Првично, верувам дека тимот на Letz е доста способен, со голема визија, посветеност и одлучност. Letz, од друга гледна точка, е chatbot кој веруваме дека ќе се поврзе со корисници преку интелигентна и забавна комуникација, помагајќи им да ги менаџираат нивните дневни задачи. Со големата популарност на chatbot платформите, бевме среќни што пронајдовме добар тим кој развива продукт во оваа сфера.

Несомнено дека одлуката за инвестирање токму во Letz.do не е случајна. Како и секој процес кој инволвира пари, SC Ventures добро размислиле и ги разгледале можностите пред носење на една ваква одлука.

Во последната година интервјуиравме околу 60 стартапи од Македонија, што мислам дека е добар број за вака мала земја. Би сакала да потенцирам дека една инвестиција во 60 интервјуирани е доста добар однос во светот на вложениот капитал. Поголемиот дел од интервјуираните стартапи беа во почетен развој или со почетен капитал, дури голем дел од 60-те не беа ниту спремни за почетен капитал. – додава г-ца Забасу. Македонскиот стартап еко-систем се развива релативно кратко време, и сеуште се смета за млад. Има многу индивидуи и иницијативи кои се присутни, вклучувајќи и поддршка и од владата и нејзините институции, што се надевам дека овие активности ќе резултираат во подобар можности за нас, што значи поголем број на компании кои се спремни за една ваква инвестиција.

Што значи инвестицијата и присуството на SC Ventures за македонскиот пазар?

Ако пред неколку години генерализираната и првична поплака на секој домашен претприемач беше дека нема пристап до инвестициски фондови и пари, последниве две години, купиштата стартап натпревари (локални и регионални), расфрлањето со пари на Фондот за иновации и локалните канцеларии и инвестиции на SC Ventures го променија тоа размислување. Сега проблемите се други, никој не зборува за немањето капитал или можност за добивање на инвестиција, туку се зборува за проблемите со пронаоѓање на ко-основачи и технолошки партнери, за проблемите на ИКТ индустријата и новите идеи со застарената регулатива и правото, а каде и да е, наскоро посериозно ќе се зборува и за одливот на ИТ кадар и за нелојалната конкуренција на домашниот ИКТ сектор создадена од странските инвестиции во ИТ индустријата.

Timska-SlikaТимот на Letz.do

Инвестицијата од 100.000 евра во Letz.do е солидна инвестиција за еден мал стартап да може да се фокусира на развојот и лансирањето на продуктот, барем за период од година дена и да добие реални шанси за пласман на глобалниот пазар кој сега повеќе од кога е достапен и поотворен заради друштвените мрежи. Она што лично се надевам дека оваа инвестиција ќе значи за нашиот пазар е – соодветна мотивација. На нашиот пазар недостасуваат реални успешни приказни кои успеале на глобално ниво, како онаа на Fueloyal,  на U:Plug и SportyPal. Под зборот реални и успеале ги дефинирам стартапите и идеите кои дошле до инвестиции, корисничка база и постоеле или уште постојат повеќе од 1 година со соодветни бизнис операции кои наликуваат на здрав бизнис, а не оние кои ќе имаат идеја, ќе ја пласираат во демо верзија преку која ќе добијат некоја инвестиција и после ќе пропаднат кога ќе се потрошат парите или пак кога ќе соочат со суровите потрошувачи заради неодржливоста на идејата – такви примери имаме многу и за жал се погрешната мотивација за еден мал пазар како Македонија.

За сите оние кои ја имаат соодветната мотивација и имаат продукт кој е издржлива идеја, треба да се знае дека ова не е единствената инвестиција на SC Ventures на македонскиот пазар.

Сѐ уште разговараме со нови потенцијални кандидати, остануваме во контакт со луѓето со кои веќе сме оствариле средба, што ме наведува позитивно да размислувам на тоа дека ќе има и други инвестиции. За среќа, заедницата не е премногу големина и имаме локален тим присутен во Скопје, што ни дава доста добра слика за пазарот. Исто така, постои и соработка со индивидуи и организации кои се активни во заедницата, ни даваат препораки и сл. Од друга страна, како инвестициски фонд се обидуваме постојано да бидеме присутни во медиумите – и традиционални и нови – за да бидеме повидливи за компаниите кои сакаат да ни пристапат., додава г-ца Забасу.

1 коментар на “Како инвестицискиот фонд SC Ventures ги охрабри балканските стартапи

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии