Како им помагате на хакерите да дојдат до вашите информации

Најчеста мета на хакерите се големите компании, „влијателните“ корисници на друштвените мрежи и гиковите кои сигурно имаат доста информации и сервиси поврзани со своите профили. Но, никој не е имун на хакирање и може да му се случи на секого, и најважно е што е можно повеќе да го зацврстите ѕидот околу вашите информации.

Во моментот, најтаргетирани се Facebook профилите, а со оглед на тоа дека голем дел ги имаат поврзано и со другите друштвени мрежи и сервиси, лесно може да се преземе контролата и врз нив. Доволно е да ви го пробијат вашиот Facebook профил кој, благодарение на Facebook Connect, може да е поврзан со куп други сервиси, пример Twitter, Foursquare, Instagram и други апликации.

Затоа Facebook е првото место на кое мора да се обезбедите, иако не треба да заборавате дека имејлот, дали Gmail, Yahoo, Hotmail или преку некој друг клиент, ви е контактот на кој добивате секакви нотификации и дури пораки за верификација на други сервиси. Прин што треба да направите е да обезбедите добра лозинка. Ако лозинката ви е 123456, 654321, или вашиот роденден или роденденот на девојката или детето, тогаш не е лошо да ја промените веднаш! Лошите лозинки кои можат да се најдат во речник се број 1 ранливост за вашата приватност. Користите мали и големи букви, користете знаци и користете бројки во вашата лозинка.

Не заборавајте да бидете претпазливи. Проверете кои информации се видливи за корисниците што не ви се пријатели, поставите ги вашите безбедносни поставувања, додадете авторизација кога некој се логира од нов компјутер или прелистувач, наместете да добивате SMS пораки и слично. Доколку сакате да прочитате повеќе за заштита на приватноста на Facebook, прочитајте го прирачникот од Метаморфозис.

Што се однесува до безбедноста на на мејловите, најчесто сервисите содржат двојна проверка, барем Gmail ја има таа можност. За да ја овозможите одете во Account → Security и вклучете ја 2-step verification опцијата, понатаму следете ги инструкциите. За некои можеби и не е некој проблем доколку останат без својот имејл, но некои мејловите ги користат за договарање со својот работодавец, некој друг бизнис или пак го користат за онлајн банкарство.