Како HASELT #РаботиОдДома

Несомнено е дека COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Неодамна имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи.

Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал насловен “Како [локална компанија] #РаботиОдДома” од повеќе текстови ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.

Ова е праксата на компанијата HASELT. HASELT e е компанија која работи на софтверски решенија, инженеринг и консултантски услуги. За работата од далечина во случај на пандемија зборувавме со Бојан Вељановски, „Chief Technology Officer“ во компанијата.


Како се справувате во овие отежнати услови за работа? 

Ја следевме ситуацијата активно уште пред да се појават првите случаи низ Европа. Знаевме дека доколку се прошири вирусот ќе треба да направиме некои измени во начинот на работа. Реагиравме прилично рано кога се појави во Македонија со тоа што се префрливме целосно да работиме од дома, односно да не доаѓаме во канцеларија.

Овој период поактивно комуницираме меѓу нас како и со клиентите со цел да излезeме во пресрет каде има потреба од секој аспект.

Какво е влијанието врз работата и клиентите? 

Начинот на работа со странските клиенти од секогаш ни бил далечински, така да во тој поглед нема никакви измени. Со локалните клиенти единствена промена е тоа што сите состаноци што сме ги правеле во живо сега се целосно преку видео повици.

Како организација која негува флексибилност во работата, и претходно имаме денови или периоди кога дел од тимовите работат од дома. Имајќи го тоа искуство, не нè спречува за секојдневните обврски и сега да ги вршиме на слично ниво кога целосно сме од дома.

Сепак ова не е класична „работа од дома“. Една од главните точки на дискусија беше да станиме свесни дека не се очекува исто ниво на продуктивност како и претходно, пред се заради тоа што вонредната ситуација го налага тоа – многу побитно е да бидеме тука за нашите најблиски, наспроти да ја завршиме работата.
Најбитно е да бидеме свесни и умешни и да се прилагодуваме зависно како налага ситуацијата во овој неизвесен период.

Од секогаш се фокусираме за секој индивидуалец да има солидни комуникациски вештини и да се трудиме повеќе да комуницираме плански (т.е. асинхроно) наместо адхок. Ова драстично помага кога тимовите не се во иста физичка просторија.

Нашите вредности се за да се помагаме и грижиме едни за други. Тоа во канцелариска околина е многу поедноставно бидејќи pair programming, решавање на проблеми при кафе-пауза и слично е многу поприродно и за тоа не се потребни алатки. Моментално истиот начин на работа и комуникација го прилагодуваме целосно онлајн за да функционира повторно солидно.

Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?

Секогаш целиме да бидеме на работ на технологиите кои ги создаваме и користиме. Начинот на работа и култура не зависи од физичката локација на луѓето, туку на нивната желба за колку сакаат да соработуваат со колегите, следејќи една иста цел. Бидејќи работиме со повеќе клиенти, и тимовите се прилично искусни, врз база на потребите користиме различни алатки. Листата е подолга, но во главно: Slack/Flock/MS Teams, Google Meet/Zoom, Discourse како интерен форум, Azure DevOps/Gitlab/YouTrack за project management, итн.

Услугите што ги нудат овие алатки ги користиме прилагодено на начинот на како ние функционираме. Односно, не зависи толку многу на дали работиме од канцеларија или далечински, освен секако за алатките за видео конференции – кои сега се целосна замена за face-to-face комуникацијата и screensharing.

Кои се предизвиците при работа од дома? 

Предизвици, како и предности на работа од дома во однос на работа од канцеларија е широка тема, која и доста е разработена во книгата REMOTE (од од DHH и Jason Fried) – од каде делумно имаме извлечено идеи околу начинот на колаборација, независно дали работиме во иста физичка просторија или пак далечински. Принципот е ист: почитувај и цени го времето и енергијата на другите. Се останато се гради над овој принцип.

Но денешниот предизвик е сосем друг: работа од дома во вонредна состојба.

Сите сме општо во исчекување до кога ќе трае оваа состојба, како сето ова ќе влијае во секојдневието понатаму, што е следно.
Така што би рекле овој период најтешкото при работа од дома е компаниите да имаат разбирање дека ова не е класична работа од дома. Потребно е многу повеќе луѓето да имаат слобода да си го организираат времето дома, да се постават очекувањата соодветно според ситуацијата и луѓето да можат да бидат посреќни и пофокусирани за приватниот живот од вообичаено.

Како компанија, нашиот став е дека многу побитно е да бидеме тука за нашите најблиски или за луѓето за кои им е неопходна помош или подршка овој период, наспроти да ја завршиме работата.

Во нормалните денови кога работиме од дома, предизвиците најчесто се околу секојдневните неформални социјални интеракции кои обично природно се случуваат во канцеларија. Како пример: спонтаните дискуси при правење на кафе/чај, споделувањето на идеи и замисли за време на пауза, како и општо запознавањето на луѓето подлабоко. Сето ова доколку претходно се случувало неплански и сосем природно, сега, во една целосно онлајн средина, не се случува на истиот начин. Односно, сега сме во ситуација каде истото треба да се стимулира и планира на други начини.

Другите секојдневни работни предизвици се помали бидејќи тимовите одлично функционираат и комуницираат проактивно. Секојдневните работи како pair programming сесии, code reviews, технички дискусии ги правиме користеќи ги соодветните алатките кои ги спомнавме во погорните прашања. Тоа значи дека доколку не сме во можност во иста физичка локација да бидеме за таа работа, сосема исто функционира доколку е и далечински, од аспект на продуктивност.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии