Како светските ИТ компании се обидуваат да помогнат околу COVID-19

Доколку се осврнеме на минативе неколку седмици, очигледно е дека COVID-19 коронавирусот има огромно влијание врз активности низ целиот свет. Ова секако важи и во светот на технологијата, каде имаме настани кои се откажуваат скоро секој ден. Покрај локални, како M3Con, Startup Week Skopje и слични, се откажуваат и настани на светско ниво кои се планираат со месеци уназад.

Многу од компаниите кои требаше на ваквите настани да прикажат некој од своите нови производи, било тоа хардвер или софтвер, се решија истото да го сторат онлајн, преку интерактивни сесии или YouTube видеа. На овој начин, корисниците ќе дознаат за најновите вести без нивното здравје да биде загрозено.

Но, ова не е се кога станува збор за чекорите кои големите компании во индустријата ги превземаат за да се спречи ширењето на вирусот.

Zoho Remotely бесплатна до 1-ви јули

Една од најпопуларните алатки за remote работење, Zoho Remotely, која на своите корисници им нуди огромен број можности, е бесплатна до 1ви јули. Многу компании со голем број на вработени одбираат во ваква ситуација да им овозможат на своите вработени да работат од дома, па има зголемено побарување за ваквите алатки.

people sitting down near table with assorted laptop computers

Zoho Remotely е всушност целосен пакет за соработка на проекти, и нуди алатки за разговор, за видео конференции, презентации, и се друго што би ви затребало во ваква ситуација. Истата се користи ширум светот во најразлични компании, и дефинитивно овозможува тим, или повеќе тимови, да работат како да се во иста канцеларија.

Microsoft Teams е бесплатна за компании во наредните 6 месеци

Microsoft Teams е софтвер кој е направен за компании, и слично како и Zoho, ви овозможува да соработувате на проекти, да имате навремена комуникација помеѓу членовите на вашиот тим, и да имате видео конференции и разговори. Како една од најпопуларните вакви алатки, Microsoft се одлучија премиум верзијата од истата да ја понудат бесплатно на компаниите, во наредните 6 месеци.

Една забелешка е дека доколку пробате да се пријавите за да ја користите, ќе бидете насочени кон локален Microsoft партнер кој би требало да ви помогне да започнете со работа со истата.

Исто така, во бесплатната верзија на Teams, која досега беше прилично ограничена од гледна точка на функционалности, се зголемува бројот на членови кои може да ги вклучите во вашиот тим, и се овозможуваат видео повици и конференции.

Премиум функционалностите на Google Hangouts бесплатни до 1ви јули

Иако многу од нас можеби користат Google Hangouts за приватна комуникација, факт е дека премиум функционалностите на оваа апликација генерално ги користат поголеми компании. До 1ви јули, бесплатно ќе може да снимате состаноци и да ги зачувувате на Google Drive, како и да имате стрим во живо со не повеќе од 100,000 корисници.

Google logo neon light signage

Како и со другите компании, причината за ова е да се овозможи нормално функционирање на компаниите и едукативни институции додека нивните вработени и корисници остануваат дома поради вирусот. Најголеми придобивки од ова ќе имаат школите кои користат G Suite for Education, кои ќе можат да ја користат Hangouts Meet алатката за видео конференции, како и Google Classroom.

Компаниите ги охрабруваат своите вработени да останат дома

Ако може да заклучиме нешто од сето горенаведено, е дека компаниите се трудат да им овозможат на своите вработени да останат дома, на сигурно, а сепак да можат да продолжат со својата работа. Многу од компаниите, како на пример Facebook и Microsoft, најавија дека вработените кои поради оваа ситуација нема да се потребни на нивните работни места, сепак ќе ја добијат платата која им следува. Факт е дека трендот на работа од дома деновиве започна да се забележува и кај македонските компании, особено оние во ИТ секторот.

И за крај, Amazon изјавија дека малите компании кои имаат канцеларии во зградите кои се сопственост на компанијата, ќе бидат ослободени од плаќање кирија во текот на еден месец. Ова би требало да им го олесни функционирањето и да им овозможи побезболно да го пребродат ваквиот период.  

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии