Како Ендава #РаботиОдДома

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Неодамна имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи.

Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал насловен “Како [локална компанија] #РаботиОдДома” од повеќе текстови ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.

Ова е праксата на компанијата Ендава. Компанијата има повеќе од 20 годишно искуство во развој на софтвер и технолошки сервиси за најголемите светски брендови. За работата од далечина во случај на пандемија зборувавме со Елена Сарџоска.


Како се справувате се овие отежнати услови за работа?

Основа на нашата компаниска култура се вредностите врз кои се изградени сите процеси на работа: адаптибилност, отвореност и грижливост. Во изминатите две децении, врз овие вредности, Ендава го гради својот препознатлив пристап трудејќи се да ја редефинира врската помеѓу луѓето и технологијата и светот околу нив, преку имплементација на новите технологии. Со нашето знаење, примената на технолошките стратегии, градењето на интерактивни кориснички искуства, поткрепено со инженеринг од светска класа, се трудиме да им овозможиме на нашите клиенти да бидат поефикасни и полесно да се прилагодат, па дури и да ги водат промените во пазарните трендови.  

Во оваа тешка ситуација за целиот свет, ние успеавме брзо и без потешкотии да го прилагодиме нашиот начин на работа, со непрекинато испорачување на високо квалитетни решенија за нашите клиенти. Како и секогаш, нашиот фокус е и на заштитата и благосостојбата на нашите колеги, како и високото ниво на социјална одговорност, што во овој момент е повеќе од потребно.

Какво е влијанието врз работата и клиентите?

Ендава, како дел од своите стандардни процедури, подготвува и презема активности за одржување на бизнис континуитетот, па така и во оваа ситуација истите беа активирани уште во раните фази на ширење на вирусот. Тоа им овозможи на нашите клиенти и нашите вработени да бидат подготвени за секојдневните промени кои беа во согласност со превентивните мерки на сите локации каде Ендава има свои канцеларии.

Една од клучните состојки за нашиот успех е блиската соработка со нашите тимови и со клиентите. Соработката со клиенти преку креирање на виртуелни тимови, е нешто што веќе е секојдневие, не само во Ендава, туку и во целата индустрија. Тоа многу помага во овие услови да продолжиме да работиме непречено без поголемо влијание врз секојдневната работа. Дури и во почетните фази, многу од нашите клиенти ги прифатија нашите насоки и го искажаа нивното воодушевување за брзината на нашите реакции и ја потенцираа едноставноста со која преминавме во далечински начин на работа од дома.

Една од работите која сега е различна од порано е што тимовите целосно соработуваат виртуелно. Можеби на почетокот беше нејасно како тоа ќе влијае на блискоста кон која сме навикнати додека сме сите во нашите канцеларии, но со дополнувања и мали промени во редовните дневни распореди, сè појасно ни станува дека соработката е одлична, без разлика на далечината која битовите ја поминуваат да стигнат до нас.  

Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?

Најголем дел од нашите вработени се дел од виртуелни тимови распоредени на неколку локации на Ендава низ Европа и САД. Токму поради тоа, користењето на cloud сервиси и можноста за пристапување до сите потребни алатки за работа од било која локација, секогаш биле приоритет за секојдневната работа. Во овие моменти уште поважни се доверливите и сигурни алатки за комуникација и размена на информации, а алатките од групата на Microsoft и Atlassian, како што се Teams, OneDrive, Sharepoint, Jira, Confluence, се само некои кои ги користиме за непречена работа и комуникација. Сега уште повидлив е принципот дека алатките се толку добри, колку што е добар начинот на нивното користење. Затоа се обидуваме да ги искористиме на најдобар начин, со цел да биде поедноставено работењето на нашите тимови.

Освен алатките за комуникација, тука се и дополнителните иницијативи кои им помагаат на нашите вработени полесно да се справат со секојдневните предизвици кои ги носи работењето од дома. Во Ендава, тоа е во рамките на концептот #EndavansWorkFromHome. Овој концепт опфаќа серија на настани и иницијативи на локално, регионално и глобално ниво, со кои ја поттикнуваме комуникацијата помеѓу тимовите, ја подобруваме соработката и управувањето со времето, го одржуваме квалитетот и ритамот на испорачани резултати,  а во исто време обрнуваме внимание на сите прашања, грижи или дополнителни потреби што нашите колеги можеби ги имаат. Како дел од овој концепт имаме активности со кои се обидуваме на современ начин да ја доловиме атмосферата од канцеларијата во домот. Продолжуваме со редовните активности, кои вклучуваат технички презентации, обуки, отворени дискусии со менаџерскиот тим, активности за родителите, па дури и останатите случувања после работно време, во кои неизоставен дел се физичките активности од дома како аеробик и јога, како и редовните дружби во петок после работа кои сега се одвиваат онлајн. 

Кои се предизвиците при работа од дома?

Работата за многу од нас претставува значаен дел од нашите животи, тоа е место каде што професионално растеме, место каде што можеме многу да научиме, место каде што поминуваме голем дел од своето време, тоа ни е главниот извор на приходи, но е и место каде запознаваме многу нови колеги и клиенти, кои стануваат и наши добри пријатели. Преместувањето на сето ова во дигиталниот свет, секако доаѓа со предизвици, особено во овој необичен период. Главен предизвик е и блискоста, која сега е уште поважна за задржување на тимскиот дух, кој само пред неколку месеци доаѓаше сосема спонтано кога ќе се пречекори прагот од влезната врата на канцеларијата. Нашите тимови работат секојдневно на одржување на тимскиот дух, мотивацијата, дружбата, како и на прилагодување на начините на кои се споделува знаење и искуство со цел сите да имаат можност за континуирано учење и напредок.

Благодарни сме што сепак и во овие турбулентни времиња, исполнети со несигурност, но и со оптимизам, успеваме да го одржиме истиот ритам на работа, да се предизвикаме себеси да бидеме подобри, да останеме поврзани и да ги живееме нашите „Ендавски вредности“ и од дома.

Но сега, научивме и многу повеќе едни за други, па сега можеби станавме и уште поблиски. Влеговме во импровизираните работните простории на нашите колеги и клиенти, па успеавме покрај професионалната соработка да видиме дел и од нивниот приватен свет. Влеговме во ентериерите на нивните домови, се запознавме со нивните деца кои понекогаш срамежливо знаат да ни се придружат на состаноците внесувајќи ведрина и насмевки во регуларните активности. Ги видовме куќните миленичиња, споделивме кои ни се омилените хобија, серии, филмови, автори, рецепти, или начините на кои си го исполнуваме слободното време. Секако тоа води кон дополнително испиени кафиња на далечина и надвор од работно време. А сево ова ни донесе нови перспективи кои ни овозможуваат уште повеќе да го цениме она што го имаме.

Имавте ли некој специфичен предизвик кој можеби не можевте да го предвидите?

ИТ индустријата е една од индустриите кои се најдобро подготвени за ваков вид на ограничувања, и воедно најбрзо се адаптира на новонастанатите услови. Ендава како компанија има поставено стандардни практики за управување со непредвидени ситуации и одржување на бизнис активностите на потребното ниво. Едно од сценаријата кои се предмет на редовно разгледување беше и ризикот за неможност на работа од канцеларија. Во рамките на тој процес, точно беа предвидени чекорите кои треба да бидат преземени, во случај ризикот да се оствари, и тоа ни помогна да реагираме координирано и навремено, имајќи ги предвид, во прв ред, безбедноста на нашите вработени и нивните семејства, но и сигурноста на нашиот бизнис.

Секако дека ова што се случува во моментот не можеше да се предвиди во детали. Секако дека ни фалат малите работи кои ни го правеа секојдневието во рамките на канцеларијата убаво, ни фали физичката блискост, широките простории, канцеларите за заеднички состаноци, сончевата тераса, посетите на клиентите и заедничките дружби. Но, сето тоа во овие моменти е помалку значајно.

Сите ние сме ставени пред глобален предизвик и овие промени се минорни во однос на предизвиците кои ги имаат хероите кои се во првите борбени линии на оваа глобална пандемија. Сите ние треба да ги употребиме знаењата кои ги стекнавме досега, да ги следиме препораките и во периодот што доаѓа уште повеќе да ги зацврстиме нашите професионални и општествени капацитети.
Ендава е во одлична форма, во или вон канцеларија, и ние остануваме подготвени да се соочиме со идните предизвици што претстојат и да ги споделиме новите искуства, истовремено останувајќи социјално одговорни, со фокус на стабилен раст и испорака на високо квалитетни решенија за нашите клиенти.

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии