Како Елизабет Ворен планира да ги подели техничките гиганти во САД

Претседателската трка во САД полека започнува дел од кандидатите кои ќе се обидат да ги освојат Демократите веќе се познати. Сенаторката Елизабет Ворен е една од 14 кандидати кои ќе се натпреваруваат за претставник на Демократската партија.

Веројатно за нас најинтересен е нејзиниот контроверзен став кој се однесува на големите технички компании како Apple, Amazon и Google.

Планот на сенаторката за овие компании е да се разделат. Причината за ова е одбрана на малите и нови бизниси. Дел од акциите кои ќе бидат преземани се и преглед и веројатно поништување на дел од спојувањата (купувањата) на компаниите. Сенаторката ги споменува Google за Waze и Double Click; Facebook за Instagram и WhatsApp; Amazon за Whole Foods и Zappos.

„Она што го посакувам е влада која ќе обезбеди сите, и најголемите и најмоќните компании во САД да играат по правила. Сакам да обезбедам следната генерација на американски технички компании да напредува. За ова потребно нѝ е да ја запреме оваа генерација на големи компании кои ја користат својата политичка моќ да ги обликуваат правилата во нивна полза и да ја користат својата економска моќ да го купат секој потенцијален конкурент“, вели сенаторката на својот блог.

Еве како изгледа потенцијалното разделување на овие компании:

Сите големи компании како Google, Amazon и Facebook ќе мора да бидат регистрирани како платформи. Сите останати сервиси и делови на компаниите ќе мора да бидат одделени од сите учесници на платформите.

На компаниите ќе им биде забрането да бидат сопственици на платформа и да ги користат платформите. Дополнително, нема да смее да постои било каква размена на податоци помеѓу трети страни и платформи. Платформите ќе мора да исполнуваат стандарди за фер, разумно работење и недискриминација кон своите корисници.

Според законот кој планира да го донесе сенаторката, Amazon Marketplace, Google Ad exchange и Google Search би биле платформи.

Дополнително, законот ќе опфаќа и мерки со кои ќе се брани конкуренцијата преку забрана за купување на иновативни конкурентски компании. Со овие законски решенија ќе бидат забранети купувања на компании како оние на Facebook кога ги купи Instagram и WhatsApp, на пример.

А каде е Apple?

Еден од гигантите кои не е споменат во блогот е Apple. Ако помисливте дека компанијата е безбедна под овие промени, погрешивте. Apple исто така е една од компаниите кои треба да се поделат, вели сенаторката во интервју за Verge.

„Apple треба да се раздели од App Store. Треба да биде или платформа или да учествуваат на продавницата. Не може да бидат двете работи истовремено.“

Сенаторката го поистовети сегашното однесување на техничките компании со однесувањето на сопствениците на железниците, во периодот кога се граделе пругите. Тогаш сопствениците на железница го користеле својот превоз на челик произведен во постројки кои биле во нивна сопственост. За нивниот челик цената на транспортот била значително пониска во споредба со челикот од конкурентите. Така компаниите успевале да обезбедат дополнителна заработка со злоупотреба на својата положба на пазарот. Законот кој сега би го предложила сенаторката е своевидна современа копија на овој закон.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии