„Проблемот е во неунифицираноста на латиничната транскрипција, односно неусогласеноста меѓу учебникот по латиница, Правописот на македонскиот јазик и Советот за македонски јазик, како и шаренилото што се среќава во практичната примена.“ пишува Бисерка Велковска во пост на новиот и многу потребен блог Лектор, каде ќе најдете куп интересни текстови за правилното користење на македонскиот јазик, како и одлични дискусии во коментарите.

Бисерка предлага неколку решенија за масовна примена на унифицирана латиница поаѓајќи од промена на учебникот за трето одделение (сликата погоре) каде се уште се користат српска латинична абецеда, до промена на Правописот на македонски јазик и барање Советот за македонски јазик да отвори своја интернет-страница „каде што ќе ги објавува ваквите и слични предлози, како и сите решенија што ги донесува. И секако, тие решенија да ги промовира гласно, зашто само така ќе допрат до голем број зборувачи на македонскиот јазик и ќе бидат прифатени.“

За тоа како правилно да се пишува на латиница, какви проблеми се појавуваат и како да ги решиме, го реобјавуваме нејзиниот текст.

„Македонски на латиница“

Така, во учебникот за трето одделение, кога децата првпат се среќаваат со латиницата, сѐ уште стои старата српска/хрватска абецеда, која се користела во времето на поранешна Југославија.

Проблемот со оваа абецеда е тоа што специфичните букви:

ѓ, ќ, ч, ж, ш, ѕ, џ

ги предава со дијакритички (надредни) знаци:

ģ, ќ, č, ž, š, dz, dž.

Нејзината неприфатливост произлегува од фактот што не ги задоволува потребите на современата пишана електронска комуникација, односно преку компјутер, Интернет, мобилен… Овие знаци имаат статус на специјални, што значи дека не се дел од вообичаената тастатура ниту на компјутерите ниту на мобилните. Тоа, пак, значи дека, за да ги употребиш, во некои случаи е потребен дополнителен напор, додека во други е сосема невозможно. Единствено прифатливо од оваа транскрипција е предавањето на љ и њ со lj и nj.

Поради тоа, при латинична транскрипција, не можејќи да ги употребат дијакритичките знаци, луѓето сами ги поедноставуваат буквите:

g, k, c, z, s, dz

Многу често знакот b се среќава и за ц и за ч; знакот g и за г и за ѓ; k за к и за ќ, z за з, ѕ и за ж, s за с и за ш, додека џ се предава со dz. Резултатот е попара и само од ова мешање, бидејќи нема механизам како да се разликуваат буквите. Дали со kuka авторот сакал да каже куќа или кука; дали Tosevski се однесува на Тошевски или на Тосевски? Дополнителна забуна се создава и поради тоа што нема доследност во практичната примена на латиничната транскрипција: нашето ѕ еден ќе го предаде со z, а друг со dz; истовремено некој ќе го употреби dz за да го означи џ, кое може да се сретне и како dzh или dzj.

Правописот на македонскиот јазик, пак, вели дека, освен буквите со дијакритички знаци, може да се употребат и комбинации со j: gj, kj, cj, zj, sj, dz, dzj.

Третата варијанта е мешана, со комбинации со h и ј:

gj, kj, ch, zh, sh, dz, dj.

Иако ја користиме токму оваа латинична транскрипција, од причина што е најблиска до некои интернационални стандарди за предавање одредени гласови, без оглед на тоа од кој јазик доаѓаат, дури неодамна дознавме дека таа всушност била поднесена и како предлог за официјализирање. На истава тема пишува Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик во јазичното катче во весникот >Време (благодарност до Јане Ѓорѓиоски за линкот). Во написот се вели дека уште во 2001 година во Билтенот на Советот за македонски јазик при Министерството за култура е објавена оваа предлог-транскрипција. Дали останало само на предлог или било донесено решение за или против, не ни е познато (веројатно не било).

Во секој случај, време е ова прашање да се затвори и латиничната транскрипција да се унифицира. Од веќе споменатите причини, ја предлагаме и ја препорачуваме третата варијанта, значи буквите gj, kj, ch, zh, sh, dz, dj.

… целиот текст ќе го најдете на Лектор.

13 коментари на “Како до правилен македонски на латиница во веб комуникација

  1. i jas ne znam zosto. kako te nervira? kako da sakas da izbegas od koza ?

    што мислиш дека е тој зборот на крајот: коза или кожа ?

    Идејата за транслитерација е во исклучителни услови, да ги намалиме можностите за недоразбирање.

    П.С. Странава нејќе да прима коментари иако сум најавен преку твитер :(

  2. Мене лично најмногу („најповеќе“ колку што знам не постои во нашиов јазик) ми смета кога имаме неправилна употреба на Кои / Кој. Грешките ги сретнувам и во многу книги, кој знае како преведуваат нашите „преведувачи“. Најчесто преведуваат од српски и се` им е каша-попара.
    Тука е проблемот, во самите книги, учебници кои што се напишани на кирилица. Луѓето не го знаат литературниот јазик, а токму од нив (се мисли на книгите кои тие ги преведуваат) треба да научиме нешто.
    За смс, форуми, комуникација со блиска личност битно е да се разбереш. Дали 4, дали ch, само c – сметам дека и не е многу важно.

  3. Ок, пак ќе прашам: Зошто?
    Замената на — на пример — „ч“ со „4“ или со „ch“ е сосема неважна. И двете замени се сосема арбитрарни — целта е да бидеш разбран. Зошто едното би било подобро од другото?

    Зошто мора да се *пропише* начин за „твитање“ од мобилен што нема македонска поддршка?
    Кој одредува правилно, а кој неправилно, во една сосема опскурна, неважна и ефемерна работа каква што е пуштање на љубовни пораки по SMS („Ti isprakam baknez4e“ – што не е јасно тука?)

    Ок, ова е суштината — дај да се занимаваме со побитни работи од ова. Седумдесет проценти од младите луѓе не знаат да пишуваат ракописно кирилица, а деведесет ракописно латиница.
    Веројатно исто толку не знаат дека „идеја“ се пишува со Ј, а „сфера“ со Ф, и дека на почетокот на наводот се става воведен наводник – „ а на крајот изводен наводник “. Да не зборувам за ѐ и ѝ.
    Ние (како целина) сме неписмени и на кирилица, а камоли на латиница.

    P.S. „ss“, „zz“ и сличните транскрипции потекнуваат од бившиот ТАНЈУГ. Кој не знае што е тоа, премлад е.

    1. Многу корисници немаат македонска тастатура на нивните мобилни, пример јас на мојот Nokia 5800 немам македонска тастатура (додуше не сум баш и потражил) но кај и да е мора да користам латиница за Skype, Twitter, SMS, чет, имејл и Facebook… верувам и дека многу други имаат сличен проблем т.е заради уредот користат латиница… па сигурно е подобро да го правиме тоа правилно, одошто да користиме 4 место ч. :)

  4. Како што е напишано во текстот уште во 2001 е објавена предлог транскрипцијата и таа во најголем дел се почитува од институции кои имаат лектор и работат на темата.
    Тоа што ова не е решено во образованието е проблем на сите нас но најповеќе на државата.
    Со оваа проблематике среќаваат и мобилните оператори кога испраќаат масовни пораки до корисниците. Паметам на времето дури имаше и примери каде се користеа ss-ш zz-ж и сл.
    Браво за постот

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии