Како да препознаете онлајн измама

Честитаме добитник сте на супер награда! Само внесете ги вашите податоци овде и овде… а, да и потребен ни е бројот на вашата кредитна картичка. Онлајн измамите се огромен проблем и иако „експертите“ сега тврдат „Еј знаев јас…“ или „Веднаш се забележува…“, онлајн измамите стануваат сè посериозен проблем.

На почетокот на неделата друштвените мрежи ги преплавија супер понуди за наградно патување со Wizzair. „Компанијата“ по повод својата својата 15-годишнина креираше наградна игра во која им „понуди“ на сите 2 билите од по 1 евро до било која дестинација. Звучи премногу добро за да биде вистина? Затоа што и е. Wizzair не ја организираше наградната игра, туку измамници. Но, тука е првиот совет за забележување на измама: Ако нешто изгледа дека е премногу добро за да биде вистина… Најверојатно е измама.

Штом корисникот кликне на facebook-објавата се префрла на друга страница. Тука одговара на неколку навидум логични прашања и дознава дека баш тој е еден од среќните добитници. Страницата веднаш ве префрла на друга на која и оставате вашите податоци и си ги купувате картите.

Секогаш, ама баш секогаш проверете го url-то пред да внесете лични податоци!

Страницата на која ги внесувате податоците изгледа легитимно. Времето во кое измамникот ќе ве префрли на некој смешен сајт со две полиња е завршено. Денес сајтовите често се цели копии на оригиналните, од изгледот, па се до палетите кои се користат. Иако ни прегледувањето на url не е 100% сигурно, сепак е значително побезбедно.

Не купувајте онлајн преку отворена или небезбеднa Wi-Fi мрежа.

Купувањето преку небезбедна мрежа е лоша идеја. Можеби никој не го следи протокот, но можеби и хакер го следи интернет сообраќајот. Ако е вториот случај, со купување му ги предавате вашите податоци.

Ако тука сте ги внеле податоците јавете се на банката и блокирајте ја сметката.

„Деновиве актуелна е појавата на сè поголем број спонзорирани објави и реклами на Фејсбук од страна на лажни интернет продавници кои се декларираат како застапници на познати светски брендови како Визер, а со цел собирање на податоци за вашите платежни картички и нивна понатамошна злоупотреба. Доколку се сомневате дека сте ги споделиле вашите податоци и податоците од картичката со лажна интернет продавница, јавете се во нашиот 24/7 контакт центар на (02)3100 109 со цел блокирање на картичката и спречување на понатамошна злоупотреба на вашите средства“, велат од Стопанска банка за СДК.

Речиси секогаш кога некој за награда ви бара некои податоци однапред, или број на кредитна картичка, најверојатно станува збор за измама.

Проверете дали постои начин на кој ќе ви се вратат парите. Ако нема или ви изгледа сомнително, проверете повторно или откажете се.

Користете Google

Добра вест е и дека најчесто не сте прва жртва на некоја измама. Ако нешто ви изгледа сомнително, искористе го пребарувачот и проверете дали некој веќе напишал нешто.

Поставете лимит на картичката

За да не може никој да повлече многу пари од вашите картички може да поставите лимит. Ова ќе овозможи секогаш кога ќе бидат подигнати или префрлени премногу пари банката да ви прати известување. Ако не сте вие кои го надминале лимитот, ќе можете навремено да реагирате за дополнителна заштита на сметката или нејзино блокирање.

Користењето на добар софтвер за заштита значително ќе ви помогне. Така може да ве извести дали страницата и претходно е пријавена за лоши практики или има скриен малициозен код.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии