Како да препознаете лажна информација на Twitter и другите друштвени мрежи

(Ова е текст на Филип Стојановски, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис, изработен во рамките на Сервис за проверка на факти од медиумите. Текстот е објавен е со дозвола од Филип.)

Новите технологии овозможуваат ефикасно ширење на информациите, но, исто така и можности за брзо ширење дезинформации и манипулирање на јавноста. Еден таков пример е примената на Тwitter веднаш по Светското првенство со цел убедување во однапред определен исход на финалето. Истата техника може да се користи и за убедување наивни во натприродни способности од самонаречени јасновидци и пророци.

Веднаш по завршувањето на финалето од Светското првенство во фудбал во Бразил, преку друштвените мрежи се прошири „вест“ дека „протекле“ информации, кои укажуваат на местење на мечот. Како извор беше посочуван Twitter-профилот @fifndhs насловен „Корупцијата на FIFA“ на кој можеше да се видат твитови кои го „предвидуваат“ исходот, а за кои е сигурно дека биле објавени неколку часа пред натпреварот. Твитовите се:

 

 

Како резултат на ширењето на оваа теорија на заговор, профилот за неколку часа доби повеќе од 43.000 следбеници, а некои од тие твитови беа ретвитнати, односно споделени, повеќе од 70.000 пати. Кредибилитет на тврдењето дека се објавени „инсајдерски“ информации го дава начинот на кој функционира Тwitter. На оваа мрежа, објавувањето на секоја порака, или твит, е проследено со точното време на објавување. За разлика од Facebook, Тwitter не дозволува накнадно уредување, односно менување на содржината на објавите. Фактот дека тие твитови биле напишани и објавени пред самиот натпревар е неспорен. Но, тоа не е доказ и дека навистина се работи за претходно знаење. Имено, на самиот профил можело да има и други објави кои биле објавени во исто време, но со друга содржина. На пример, дека резултатот ќе биде 2:0, или 3:1, или 0:1, или дека Меси ќе постигне гол. Бројот на комбинации е огромен, но бројот на веројатни исходи е конечен. Дел од тврдењата можат да бидат доволно општи, а да делуваат убедливо. На пример, или ќе има или ќе нема гол во продолжението. Пред да се објават „доказите“ доволно е да се отстранат тврдењата кои не одговараат на „теоријата“. Ако се остават само оние што биле „точни“, тогаш е лесно читателот на прв поглед да се излаже дека овде „има нешто“.Ова не е прв пат на ваков начин да се манипулира јавноста. Порталот за откривање компјутерски криминал Cyber War Zone посочува дека на сличен начин бил „предвидуван“ исходот и на Лигата на шампиони, преку профилот @uefacorruption, како и при извлекувањата за Светскиот куп преку профилот @FraudeMundial14. По сè изгледа, целта на објавувањето вакви профили е да се соберат што повеќе следбеници, а потоа профилот да се користи за други намени, односно да се продаде.При обработка на ваков вид информации од интернет, новинарите би требало да обрнат внимание на следните аспекти:

  1. Времето на објавување: Дали може или не може да се промени датумот и часот? На Twitter и Facebook не може, но на блог – може.
  2. Содржината: Дали е можно уредување, дополнување и менување на веќе објавени содржини? На Twitter не може, но на Facebook и блог – може. Дали самата содржина е во јавен интерес? (Во случајот на FIFA, дали има врска со реални проблеми и контроверзи.)
  3. Кредибилитетот на профилот/страницата: Кога е отворен? Може ли да се потврди кој или каков ентитет ги контролира содржините? Ако е анонимен, дали има и други содржини од истиот извор кои се неспорно точни или кредибилни (како Wikileaks)? Дали се работи за група луѓе кои имале и други акции? Или, пак, се користи псевдо-идентитет кој е украден или може било кој да го преземе (како Anonymous)? Дали се работи за борци за јавен интерес, кои се принудени да го кријат својот идентитет, или пак за нешто друго?
  4. Што другите зборуваат за случајот? Дали е веќе обработен од истражувачки новинари или специјалисти релевантни на темата? Што се добива ако профилот, или адресите кои се посочуваат како докази, се стави како клучен збор за пребарување на Google, или во интерните пребарувачи, особено на Twitter?

Техники на манипулација слична на горенаведената не се карактеристични само за дигиталниот свет. Слични случаи опишува и популаризаторот на науката Џон Ален Паулос во неговата книга за математичката неписменост од 1988 година, стр. 32-34:

„…Некојси демек-консултант става лого на луксузно отпечатен меморандум и праќа 32.000 писма до потенцијални инвеститори во некој берзански индекс. Во писмата се објаснува сложениот компјутерски модел, финансиската експертиза и внатрешните контакти кои неговата компанија ги поседува. Во 16.000 од писмата, советодавецот предвидува дека индексот ќе порасне, а во преостанатите 16.000 предвидува дека индексот ќе се намали. Без разлика дали индексот ќе забележи пораст или пад, се праќа наредно писмо, но само на оние 16.000 луѓе кои претходно добиле точно „предвидување.“ На првите 8.000 од нив следната недела им се предвидува пораст, а на другите 8.000 – пад. Што и да се случи, 8.000 луѓе веќе имаат добиено две точни предвидувања. Повторно, само до овие 8.000 лица, се праќаат писма во врска со однесувањето на индексот во наредната седмица: 4.000 што предвидуваат пораст, 4.000 што предвидуваат пад. Што и да испадне, 4.000 луѓе сега ќе имаат добиено три неспорно точни предвидувања.

Ова се повторува уште неколку пати, за на крај 500 луѓе да имаат добиено шест неоспорно точни „предвидувања.“ Консултантот сега ги потсетува овие 500 души за ова и им кажува дека за да продолжат да ги добиваат овие вредни информации и во седмата недела, секој од нив ќе мора да приложи по 500 долари. Ако сите тие платат, нашиот советодавец добива 250.000 долари.

Доколу вакво нешто се направи со предзнаење и со намера да се прелаже, законски се смета за нелегална измама (во САД). Од друга страна, се толерира ако колку се изврши без предзнаење од ентузијастички, но неупатени издавачи на берзански списанија, или од надрилекари, или од телевизиски проповедници. Постојано има доволно случајни успеси со кои може да се оправда било кое избрано верување….“

„Филтрирање на лошото и промашеното“ е присутно во односот на поголемиот дел од македонските медиуми кон разни пророци, исцелители, јасновидци, автори на хороскопи и слични производи кои се дел од индустрија на празноверие во која се вртат огромни пари. Дел од тие пари се извлекуваат директно од измамените граѓани од самите практикувачи на овие видови магија, а дел со посредство и соучесништво на медиумите, се добиваат индиректно, преку огласи, рекламирање и одземање на вниманието на публиката.

Како класичен пример може да се посочи написот според кој „ѕвездите“ предвидуваат дека „Тоше ќе се ожени на 33 години со постара жена“. Веста за изработена натална карта е објавена на 28 август 2007 година, неколку месеци пред прераната смрт на Тоше Проески. Потоа немаше никаква форма на отчет за лажните „предвидувања“, бидејќи оваа високопрофитна индустрија останува затскриена зад превезот на „забава“. Од друга страна, таквата состојба нуди низа можности за нови истражувачки стории со кои би се демаскирале практиките на измами во интерес на општата јавност, а особено на потенцијалните индивидални жртви на измами.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на USAID за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (USAID). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, USAID или Владата на САД. За повеќе информации за работата на USAID во Македонија, ве молиме посетете ги http://macedonia.usaid.govвеб сајтот иwww.facebook.com/USAIDMacedoniaFacebook страницата на USAID .

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии