Како да одберете noise cancelling слушалки

Во момент кога голем број на луѓе работат од дома, можноста да ги намалите работите кои ви го одвлекуваат вниманието е прилично важна. Ова е особено точно кога константно се соочувате со галама во (или околу) домот, и не сте во можност баш да ги извршите работните обврски.

Доколку имате ваков проблем, еден од наједноставните начини да го решите се слушалки со активна звучна изолација, или ANC (active noise cancelling). Истите нудат неколку придобивки, а интересни модели можат да се најдат и во нашите продавници.

Што се active noise cancelling слушалки?

Иако повеќето слушалки на кои ќе налетате имаат некаква солуција за изолирање на надворешен звук, голем број од нив се пасивни. Истите всушност рачунаат на изолацијата која се создава од контактот помеѓу слушалката и вашето уво.

Но, со слушалките со ANC, ситуацијата е малку поинаква. Технологијата користи мал микрофон (или неколку) на надворешниот дел на слушалката. Овој микрофон слуша сé што се случува надвор, како на пример звуци од сообраќајот или луѓе кои разговараат, и овие звуци ги предава понатаму на слушалките. Слушалката содржи технологија која го репродуцира точно спротивниот звук од она што го снима микрофонот, и резултатот е потполна тишина.

Најголемиот дел од слушалките со ваква технологија се всушност over ear модели кои го покриваат увото, од проста причина што во слушалката треба да собере дополнителни микрофони и електроника за изолацијата. Но, во последниве неколку години, гледаме и голем број на мали, in-ear слушалки со истата технологија кои функционираат одлично.  

Неколку работи кои ќе ви помогнат да ги одберете вистинските за вас

Бидејќи не секој има исти критериуми кога бара слушалки, еве неколку работи кои ќе ви помогнат да го одберете вистинскиот пар ANC слушалки за вашите потреби.

Форма и големина

Најбитниот фактор при купувањето на вакви слушалки е нивната форма и големина. Во моментов, доколку барате active noise cancelling, имате две опции – over ear модел или in-ear модел. Да, постојат и on-ear модели, но се навистина ретки и немаат баш најдобра изолација поради начинот на кој лежат на ушната школка.

Ако барате слушалки за домашна употреба, било која опција би ви одговарала. Но ако планирате да ги носите и надвор, in-ear моделите се покомпактни и зафаќаат многу помалку место кога не ги користите.

Исто вреди и да се спомне дека поради тоа што технологијата е релативно нова кај in-ear слушалките, истите се генерално поскапи и е тешко да се најде ефтин модел кој би работел солидно и без проблеми. Оние кои навистина вредат се претежно премиум моделите од попознатите производители.

Кабел или безжични?

Одговорот на ова прашање, барем во последниве неколку години, е едноставен – никој не сака кабли ако може да ги избегне. Секако, доколку не ви смета кабел и немате потреба од Bluetooth, ова е едноставен начин да заштедите малку.

Треба да се има на ум и дека сите нови и популарни модели на ANC слушалки се безжични, па доколку преферирате кабел или сакате да поминете поефтино, можеби ќе треба да побарате постар модел, како на пример Bose QC25.

Проверете колку трае батеријата

Ова важи за безжичните модели, бидејќи не сите доаѓаат со долготрајна батерија. Некои од нив траат по само неколку часа, додека кај поскапите, премиум модели, батеријата неретко трае и над 20 часа со едно полнење.

И полнењето варира. Кај over ear моделите, треба да ги приклучите на кабел. Од друга страна, доколку решите да одите на true wireless in-ear варијанта, истите обично доаѓаат со кутија која има вградена батерија. Се што треба е да ги вратите во кутијата и автоматски почнуваат да се полнат. Со ова, имате две до три целосни трошења на батеријата пред да треба да ја наполните самата кутија.

Одредете разумен буџет

Една работа која е вистинита за скоро сите квалитетни модели со активна звучна изолација е дека се скапи. Некои од моделите кои се наоѓаат кај нас достигнуваат цени и од над 20 илјади денари, што никако не е за потценување.

Кога го барате идеалниот модел за вашите потреби и барања, имајте на ум колку сте спремни да потрошите на ваков тип на слушалки.

Што може да се најде кај нас?

Интересно е дека кај нас всушност релативно лесно можат да се најдат голем број на модели од различни производители, и има по нешто за сечиј џеб.

Долгогодишниот крал на звучната изолација, Bose, кај нас ќе го најдете во Галерија. На избор ги имате QuietComfort 20 in-ear моделот, како и over ear опцијата, QuietComfort 35 II. Доколку парите не се проблем, на располагање ви се и врвните Smart Noise Cancelling Headphones 700.  

Покрај ова, во Галерија и во уште неколку други продавници имате и неколку модели на Sony, вклучувајќи ги и, во моментов, најдобрите over ear слушалки со ANC – Sony WH-1000XM3. Ако пак барате нешто поефтино, тука се h.ear ON 3 моделот, како и уште поефтините WH-CH700N. Оние кои преферираат In-ear опција, тука се и популарните WF-1000XM3, кои според многу нудат најквалитетен звук и ANC за парите. Некои од овие модели ќе ги најдете и во други продавници, како на пример Анхоч.

Додека зборуваме за Анхоч, и кај нив има неколку интересни модели, како на пример Marshall MID ANC, компактни on-ear слушалки со солидна активна изолација. Покрај нив, ги имате и Stereo LIVE 650BTNC и Stereo Tune 600BTNC од JBL, со релативно разумна цена за двата модели. И за крај, во Анхоч од неодамна има и производи на Anker, вклучувајќи ги и Soundcore Space слушалките со ANC.

Не смееме ни да ги заборавиме iStyle, кои имаат неколку навистина премиум модели на располагање. Покрај AirPods Pro на Apple, кои во моментов се веројатно најпопуларните in-ear ANC слушалки за корисниците на Apple уреди, тука се и B&O Beoplay H9i и поефтините H8i, како и контроверзните Beats Studio 3.

За крај, иако со недостаток на веб страна на која би разгледале модели, нешто од Sennheiser може да се најде и кај Амски. На располагање ви се HD4.50BTNC кои се одлична опција, но не е исклучена можноста и да се нарача некој модел кој во моментов не е на залиха.

И покрај фактот што многу луѓе сметаат дека цените за ваквите модели се прилично високи, стои фактот дека во истите има технологија која може да ви направи огромна разлика во секојдневниот живот, посебно ако ги користите за работа.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии