Како да одберете гејминг слушалки

Иако хардверот на кој играте генерално има поголемо влијание врз вашето гејминг искуство, сепак не смееме да ги заборавиме и оние надворешните компоненти кои можат да направат огромна разлика. Покрај тастатурата и глувчето, или можеби gamepad-от, кога купувате опрема за гејминг, една од работите која прави огромна разлика се слушалките.

Слушалките се особено важни кога се работи за first person shooter игри во кои неретко е клучно да сте свесни за вашата околина, и да можете во секој момент да определите од каде доаѓа вашиот непријател.

Доколку се земе во обзир дека на пазарот моментално има огромен број на слушалки, да ги одберете најдобрите може да е покомплицирано отколку што мислите. За таа цел, ќе разгледаме неколку критериуми на кои треба да посветите внимание, а ќе спомнеме и неколку актуелни модели кои се продаваат на локалниот пазар.

Што ги прави гејминг слушалките различни?

Не би биле изненадени доколку се прашувате како се гејминг слушалките различни од било кои други слушалки. За почеток, најважната работа е фактот што кај гејминг слушалките не се посветува толку многу внимание на самиот квалитет на звукот колку кај слушалки за музика. Иако ова можеби звучи како негативен аспект, производителите гледаат ваквите слушалки да ви овозможат подобро гејминг искуство, а не квалитетен звук.

За таа цел кај гејминг слушалките неретко ќе најдете софтверски функционалности како на пример виртуелен surround, кој ве става во средината на виртуелната околина и ви дава можност да чуете чекори или движење и лесно да определите од каде тоа доаѓа.

Покрај ова, тука е и најголемиот фактор поради кој гејмерите не користат слушалки правени за музика, а тоа е микрофонот. Всушност, кога купувате слушалки за гејминг, голем дел од цената оди кај микрофонот. При играње, комуникацијата е критична во многу ситуации, па затоа чист микрофон со кој другите ќе ве чујат лесно е огромен одлучувачки фактор кај слушалките.

За жал, покрај ваквите дополнителни функционалности, квалитетот на звукот за слушање музика паѓа на второ место, па не би препорачале гејминг слушалки доколку сакате квалитетен звук. Но, ако ова не ви е толку важно, ајде да разгледаме неколку работи кои ќе ви помогнат при изборот, без некој посебен редослед.

Ниво на изолација

Кога се обидувате да се сконцентрирате на играта, една од поважните работи е можноста да се изолирате од околината и да не ви влијаат надворешни звуци. Кај гејминг слушалките, активна изолација не е нешто што ќе го сретнете често, па она што преостанува е изолацијата како резултат од перничињата кои се користат.

Материјалот кој се користи кај перничињата ќе има огромно влијание. Помеки перничиња како оние кои ги користат SteelSeries се удобни, но изолацијата не им е баш најдобра. Од друга страна, обложените перничиња на HyperX Cloud моделите нудат значително подобра изолација без да изгубат многу комфорт.

Секако, на крајот на денот, колку изолација ви е потребна зависи и од околината во која ќе играте. Доколку сте сами в соба, лоша изолација нема да ви направи голема разлика. Но, ако често имате и други луѓе во просторијата во која што работите, истата и тоа како ви е потребна.

Удобност

Уште една клучна работа, посебно ако слушалките ги користите по неколку часа. Овде влијаат неколку фактори, но најважните се големината и материјалот на перничињата, материјалот на лентата за глава, и силата со која самите слушалки притискаат на вашето уво.

Повеќето популарни модели на слушалки се одлични од овој аспект, бидејќи се правени да се користат подолг период. За жал, удобност кај слушалки е индивидуална работа, и она што му е удобно на еден, не мора да му е удобно на друг. Доколку сакате да се осигурате дека она што го купувате ви одговара, најубаво е да ги пробате слушалките.

Овде повторно се спомнуваат HyperX Cloud моделите, кои според многумина се едни од најудобните слушалки на кои може да налетате. Покрај нив, често се препорачуваат и Arctis моделите на SteelSeries, со посебен акцент на Arctis 3 и подобрите модели, бидејќи оние најосновните користат малку помали перничиња и поинаков дизајн на лентата за глава. Секако, не треба да ги заборавиме и Logitech G моделите, посебно поскапите како на пример G Pro.

Квалитет на звукот

Како што спомнавме, самиот квалитет на звукот кај гејминг слушалките често е во втор план. Ова е бидејќи најбитно кај гејминг слушалките е да може да се ориентирате во просторот, за што некогаш треба одредени тонови да се поизразени, а некои други, помалку изразени.

Ова не значи дека слушалките за гејминг се лоши за слушање музика. Но, доколку споредите два пара слушалки, едните за гејминг, а другите за музика, од иста ценовна класа, квалитетниот звук ќе е секогаш на страната на оние за музика.

Од друга страна, кај ваквите слушалки добивате работи како виртуелен surround, кој во одредени ситуации може да ви помогне полесно да одредите точно од која насока доаѓаат чекорите кои ги слушате во играта. Со оглед на важноста на ваквите информации, не сме изненадени што ориентацијата е ставена во преден план, а квалитетниот звук во позадина.

Микрофон

Доаѓаме до последната, но за многу и најважна работа кај гејминг слушалките, а тоа е микрофонот. Иако истиот можеби не е толку важен кога станува збор за single player игри, кога играте нешто што бара комуникација и соработка со други играчи, добар микрофон е многу важен.

Поради ова и многу од моделите на кои ќе налетате, доаѓаат со одличен микрофон кој има и функционалности како намалување на позадинските звуци, а некои микрофони имаат и сертификација од популарни сервиси за комуникација како на пример Discord.

Од оваа гледна точка, најдобар избор ви се моделите на SteelSeries, но и HyperX и Logitech G моделите (бар поскапите) не се далеку.

Кога сме кај микрофоните, убаво е да се спомне дека некои од нив доаѓаат со дополнителни функционалности. На пример, кај повеќето од нив микрофонот може да се тргне од слушалките, или да се вовлече во нив, за да не ви смета во ситуации кај што не ви е потребен. Некои модели, како на пример Arctis 5 на SteelSeries, доаѓаат со физичко копче кое го исклучува микрофонот. Исто така, ќе налетате на микрофони со покривка од мека пена, која елиминира звуци од дување, нешто што може неверојатно многу да ги иритира вашите соиграчи доколку микрофонот не ви е наместен добро.

Што има на располагање локално?

Во последниве неколку години кај нас има сосема солиден избор на гејминг слушалки, а застапени се и повеќето популарни брендови како Logitech, HyperX, SteelSeries и други. Во продолжение ќе разгледаме што имате на располагање во локалните продавници.

Сетек

Покрај другите брендови, она што ќе го најдете во Сетек (и веројатно на ниедно друго место) се моделите на ASUS. Иако дизајнот, и фактот што ASUS повеќе се посветиле на него отколку на самиот квалитет, значи дека брендот не е најомилена опција кај сите, сепак имаат неколку солидни опции. Почнувајќи од TUF Gaming H3 и ASUS Cerberus Arcitc, преку TUF Gaming H5 и H7, Strix 2.0, ROG Echelon, ROG Delta Core, ROG Strix Fusion 300, па се до ROG Theta 7.1, имате избор за скоро сечиј џеб.

Додека сме кај Сетек, кај нив ќе ги најдете и моделите на Razer. На располагање ви се неколку модели, од Kraken X, преку Electra V2, Kraken, Nari Essential, Tiamat па се до Nari и Nari Ultimate, и овде имате голем број на модели.

Тука се и неколкуте модели на Cooler Master, но во моментов имате само три – Ceres 500, MH-751 и MH-752, и за жал во ценовниот ранг во кој се наоѓаат, има подобри модели од други брендови.  

За крај, во Сетек ќе најдете и голем број на HyperX модели, кои се всушност гејминг брендот на Kingston. Моделите почнуваат од HyperX Cloud Stinger Core, преку Cloud Pro и Cloud II Pro, и за крај Cloud Revolver, Cloud Revolver S и безжичните Cloud Flight.  

Анхоч

Во Анхоч ќе најдете солидна палета на производи од SteelSeries, меѓу кои се вбројуваат и моделите од Arctis серијата. Од најосновните Arctis 1 и Arctis 3, кои доаѓаат и во жичана, и безжична варијанта, преку Arctis 5 и Arctis 7, до одличните Arctis Pro, овде има по нешто за секого. Секако, со поскапите модели добивате и поквалитетна изработка, поудобен дизајн и дополнителни функционалности.

Покрај нив, во Анхоч има и голема палета на производи од Natec, производител кој може да е добар избор доколку сте ограничени со буџетот. За жал, квалитетот на изработка и перформансите на самите слушалки не се на ниво на моделите на попознатите брендови, но со оглед на цените, ова и не не изненадува толку.

Галерија

Во Галерија, покрај брендови како Razer и Logitech кои ги има и во други продавници, ќе најдете слушалки од брендот Redragon. Истиот е со солиден квалитет, посебно ако се земе во обзир цената по која доаѓаат моделите, но не се надевајте премногу, бидејќи сепак се работи за модели кои се наменети за купувачи со ограничен буџет.

Нексио

Иако Logitech слушалките ги има и во Анхоч и во Галерија, сепак во Нексио ќе најдете најголем избор, и неретко најдобри цени за истите. Моделите рангираат од оние со попристапна цена, како на пример G231 или G332, преку G432 и G635, па се до одличните G Pro X, кои се едни од најпопуларните слушалки на пазарот во моментов.

Алтернатива која вреди да се разгледа

Доколку сте отворени за малку поинаков пристап, има уште една опција. Ако она што ви треба е можност за ориентација во просторот при гејминг, одлични резултати ќе добиете и со таканаречените open back слушалки. Ваквите модели не се правени за гејминг, туку за квалитетен звук, но фактот што се отворени значи дека релативно лесно се определува од која насока доаѓа звукот.

Секако, ваквите слушалки не доаѓаат со микрофон, па во овој случај ќе треба да земете и надворешен микрофон. Доколку сте спремни да одвоите малку поголема сума на пари, надворешен микрофон во многу случаи ќе ви овозможи квалитет кој е ист, или подобар од оној кој би го добиле со микрофонот на гејминг слушалки.

Оваа комбинација неретко ќе ве чини сума на пари за која може да добиете квалитетен пар гејминг слушалки. Но, за разлика од гејминг слушалките, кога ќе го исклучите микрофонот, останувате со одличен пар на слушалки со кои може да уживате во музика, нешто што не може баш да се каже за гејминг слушалките.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии