Како да конвертирате видеа и да ги гледате на телевизор?

Мартин Јованчевски

во Совети, Софтвер

Програмот HandBrake постои веќе подолго време и се наметнува како солиден избор за бесплатна конверзија на видео материјали. Од неодамна, програмот доживеа огромна надградба, како во изгледот, така и во функционалноста. Со најновата верзија можете значително побрзо да конвертирате видео материјали кои се компатибилни со најразлични направи, не исклучувајќи го телевизорот, телефоните, и таблетите. Ова е програм кој ви дозволува да го смените форматот на видеото кое го имате, за да можете истото видео да го гледате или поубаво да го искусите на некоја друга направа. Дополнително, можете да го подобрите квалитетот на постарите видео материјали, да ги отстраните црните ленти кои доминираат кај некои видеа, како и да ги прегледате сите промени пред да ги имплементирате истите.

Преземете го програмот од следниот линк, така што ќе кликнете на црвеното копче од посетената страна.  По преземање и завршување на инсталацијата, автоматски се покренува програмот и бара од вас да го ставите видео фајлот кој сакате да го конвертирате. Откако ќе вметнете фајл, преку копчето Preview можете да го одгледате видеото и за тоа какви промени правите. Преку јазичето Summary може да видите во кој формат е видеото и димензиите. За конвертирање на видеото, се упатувате преку менито Presets, па на General. Од тука, можете да изберете Fast 1080p30, ова е форматот кој се препорачува за гледање на видеата на повеќето телевизори, но погрижете се да проверите дали вашиот телевизор всушност поддржува ултра висока дефиниција (ultra -high definition, UHD). Ваквото нешто можете да го проверите во прирачникот или пак видете што Google ќе пронајде за вашиот модел. Инаку, во случај да имате UHD телевизор со surround звук, тогаш погрижете се да ја изберете опцијата Super HQ 1080p30 Surround.

Мало потсетување дека со HandBrake можете да конвертирате видеа и да ги гледате на телефон, таблет, како и да ги поставувате видеата на веб сајтови. За да дојдете до тие опции упатете се кон менито Presets, па потоа на Devices. Отстранување на црните ленти од горната и долната страна се прави преку јазичето Dimensions, па избирање Automatic. Во случај да сакате да го подобрите квалитетот, тогаш упатете се кон јазичето Filters и од тука проверете какви ефекти можете да провлечете низ видеото. Од она што ние забележавме, можете да го изострите матното видео, или да го ротирате, односно превртите. Со кликнување на копчето Start Encode, сите промени се прифаќаат и конверзијата стапува на сила.