Како да ја следите пандемијата на COVID-19

Несомнено е дека пандемијата на коронавирусот COVID-19 е една од најпопуларните теми за разговор периодов, како низ светот, така и кај нас. Со оглед на ова, многу луѓе сакаат да ја следат детално ситуацијата и да знаат како стојат работите низ светот.

Доколку и вие сте меѓу нив, подолу ќе најдете неколку алатки кои ќе ви го овозможат истото. Ќе поразговараме накратко и за секојa од нив бидејќи ако сакате најпрецизна слика за ситуацијата низ светов, ќе треба да користите комбинација од истите.

covid19.mk

Започнувајќи локално, доколку сакате да знаете како стојат работите кај нас, најдобар ресурс е covid19.mk. Страницата се ажурира секојдневно, што значи дека податоците секогаш се точни на денот кога ќе ја отворите.

Истата горе ги нуди сите броеви за контакт во различните општини, на кои треба да се обратите доколку почувствувате некој од симптомите или имате прашања. Под неа, имате детални информации и статистики за дијагностицираните од вирусот во Македонија.

Покрај мапата на која се гледа кои градови се најпогодени од епидемијата, има и точни бројки на активни случаи, излечени случаи, нови случаи со последното ажурирање, како и случаи кои се во критична состојба, и смртни случаи. Исто така, достапни ви се и статистики за дијагностицираните и нивниот пол и возраст, како и информации за секој нов пациент, со нивната возраст, начин на зараза, во која болница се лекува и датумот кога бил дијагностициран.

Најдолу може да видите во кој град колку случаи има, како и која институција колку случаи потврдила. Исто корисен е и графикот на кој се гледа колку пациенти има во институциите, како и колку се на домашно лекување. Доколку ве интересираат сите информации за тоа како вирусот се шири локално, covid19.mk е најдобриот ресурс за истите.

Johns Hopkins Visual Dashboard

Универзитетот Johns Hopkins е приватна установа за истражување во Балтимор. Нивниот оддел за системски науки стои позади еден од наједноставните начини за следење на вирусот низ светот. Мапата служи како агрегат и ви дава на располагање податоци од 17 извори, вклучувајќи ги и Светската Здравствена Организација, како и Европскиот Центар за Превенција и Контрола на Болести, и неколку независни влади.   

Страницата ви дава приказ на вкупниот број на потврдени случаи, како и број на случаи по држава. Покрај тоа, има и мапа на која се гледа кои области се најпогодени, како и број на смртни случаи, и број на луѓе кои се опоравиле од вирусот.

Доколку се што ви треба е генерална слика за тоа како изгледа ситуацијата низ светот, без премногу детали, ова е одличен извор за истото.

91-DIVOC

Професорот Wade Fagen-Ulmschneider е позади овој проект, кој го претставува ширењето на вирусот преку графикон. Изворот за податоците е универзитетот Стенфорд, а за секоја локација, приказот започнува од моментот кога во истата биле потврдени 100 случаи.

Она што е интересно е што графикот не прикажува само апсолутен пораст, туку и со која брзина случаите се удвојуваат. Ова е интересен податок со кој може да се види дали епидемијата успорува, или не. Ако пристапите на страницата во моментов, на пример, ќе видиме дека бројот на потврдени случаи е значително понизок, и епидемијата се шири многу побавно, во држави во кои граѓаните претежно носат маски и ги почитуваат препораките, како Сингапур и Јапонија.

Додека 91-DIVOC не е најдобра опција за детални информации, ако ве интересира како се шири епидемијата и со која брзина, нема подобар избор.

IHME COVID-19 Projections

91-DIVOC ни дава слика за тоа како се шири вирусот во моментов, но доколку ве интересираат проекции за тоа што ќе се случува во иднина, институт при Универзитетот на Вашингтон прикажува како COVID-19 може да влијае врз здравствениот систем во повеќе држави во светот.

Проекциите се базирани врз основа на тоа како се шири вирусот досега, и каков и колкав капацитет имаат здравствените установи низ светот. Интересно е што моделите даваат информации за тоа и каков капацитет ќе е потребен, од што може да се види и колку ресурсите кои ги имаат државите ќе се доволни за да се справат со епидемијата. Линк

WorldOMeter

Можеби најпопуларната и најкористената алатка во вакви ситуации е WorldOMeter. Веб страницата е направена како агрегат кој собира податоци од владини агенции и извештаи на кои може да им се верува. Истата е еден од изворите за мапата на Johns Hopkins за која зборувавме погоре.

Доколку ја посетите, може да видите како стои ситуацијата генерално, колку потврдени случаи има, колку се опоравиле, и колку смртни случаи има. Покрај ова, веројатно најкорисниот дел од страната е деталниот преглед кој е организиран по држава. Користејќи го истиот, може да го видите вкупниот број на заразени во секоја држава, бројот на нови случаи (ажурирани секојдневно), вкупниот број на смртни случаи, новите смртни случаи, како и вкупниот број на пациенти кои се опоравиле, бројот на активни случаи, и бројот на случаи кои се во критична состојба.

Исто така, имате пристап до податоци за тоа колку случаи има за секој милион жители во државите, како и колку смртни случаи има на милион жители. И за крај, страницата ви кажува колку тестови се направени вкупно, и колку тестови се направени за секој милион жители.

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии