Каде се троши вашиот интернет?

Пропусниот опсег на вашата интернет конекција понекогаш знае да ги искомплицира работите и сурфањето да биде со отежната брзина. Во поголемиот број ситуации, тоа е затоа што одредени системски алатки, или апликации кои вие сте ги инсталирале, влечат интернет без ваше прашање или почит кон вашите моментните обврски. Како подобро да ги идентификувате и да ги спречите ваквите процеси?

Кој троши?

Наредниот пат кога ќе забележите забавување на интернет брзината, консултирајте се со Task Manager така што ќе претиснете ctrl+alt+del и ќе изберете Task Manager од ново-појавениот син екран. Откако ќе ви се отвори прозорецот, преку јазичето Processes погледнете во колоната Network (четврта по ред). Обично, тука се чита никаква или мала процентуална зафатеност, но доколку гледате повеќе од 10%, а знаете дека ништо не преземате, тогаш исклучете го тој програм или прелистувачки прозорец и набљудувајте дали ќе се промени ситуацијата. Дали го делите пропусниот опсег со некој друг член од семејството? Проверете некој друг да не стримува видео или пак да не презема некој торент од некој друг компјутер.

Колку се троши?

За да дознаете колку податоци се преземале преку вашата конекција во последните 30 дена, кликнете на Windows логото (лев агол), па на запчаникот. Од ново-отворениот прозорец, кликнете на Network & Internet, па на Data usage. од тука, ќе можете да видите колку GB се имаат преземено во последните 30 дена и дали се тоа поклопува со вашите активности. За подобар увид, кликнете на View Usage per app за да видите која апликација колку трошела. Кликнете на стрелката од горниот лев агол и ќе се вратите на одделот Data Usage. Од тука, кај Background data изберете Always за да наметнете ограничувања на апликации кои не ги активно користите.

Како се троши?

Доколку не го добиете вашиот одговор и решение со горните два чекори, можно е да има некоја сомнителна апликација во форма на малвер. За поефикасно пронаоѓање и справување, инсталирајте GlassWire. Ова е една од подобрите апликации за визуелно прикажување на сите ваши онлајн интеракции и детален увид за секој програм кој бара пристап до интернет. Преку одделот Apps можете да видите која апликација колку троши, а со десен клик на некоја можете да го автоматски отсечете пристапот до интернетот. GlassWire ќе ви покаже и која апликација до што се приклучува за да можете да заклучите дали барањето е веродостојно.

За интересно надгледување за тоа како се троши пропусниот опсег, би можеле да инсталирате и Fing. Апликацијата е достапна за iOS, или Android. Fing не може да блокира направи кои се приклучуваат на вашата интернет конекција, но успешно ги листа сите што ќе се осмелат да го направат тоа, заедно со нивната IP и MAC адреса. На тој начин, инстантно дознавате дали некој тајно ја цеди вашата интернет претплата. Со апликацијата можете да покренете тестови за вашата брзина, да детектирате отворени портови или да пробате да исправите одредени проблеми со мрежата или направите кои се конектираат кон неа.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии