Ќе може ли Xiaomi да го освои македонскиот пазар?

Hi Store e македонска продавница, стартувана лани, од каде можете легитимно да нарачате Xiaomi телефон или друг Xiaomi уред. Да не дојде до забуна, македонскиот Hi Store се неофицијален претставник на Xiaomi за Македонија, бидејќи компанијата нема официјални претставништва надвор од Кина. Компанијата е дел од MIUI Adrija групацијата која е единствена на Балканот со официјална поддршка за уредите на Xiaomi. Телефони на Xiaomi може да се најдат и во други македонски продавници.

„За да да може да се користи во предели кои не се Кина каде Google сервисите, Facebook и куп други се забранети, нивниот оперативен систем треба да е локализиран“, Вели Герасим Андоновски, директорот на Hi Store. „Има можност доколку се задоволат законите на некоја држава директно да се земат апарати. Официјално Xiaomi не продава уреди надвор од Кина, ние сме нивен неофицијален партнер за регионот.“

Xiaomi е кинески производител на мобилни уреди кој успеа да стане трет најголем производител во светот, благодарение на стратегијата да го копира Apple со платформата на Google. Нивните уреди се доста добри споредено со поголемата конкуренција, а од неодамна објавија и нов конкурент на iPhone.

„Не навлегувам колке е етички или правилно, презентациите се копија на Apple, но Apple ова навистина го прави подобро од другите. Што се однесува до оперативниот систем не се слoжувам, барем мене не ми наликува на iOS. Tрендот во моменов е „flat“, и само поради „flat“ иконите не може да се тврди дека оперативниот систем е копија“, вели г. Андоновски за честите споредби кога се во прашање споредбите со Apple.

Г. Андоновски вели дека Hi Store ја следи продажната и маркетинг стратегијата на Xiaomi, односно продажбата е единствено онлајн, со што се намалува цената на производот елиминирајќи ги посредниците. Стратегијата за маркетинг е дека за квалитетниот продукт најдобро се препознава по препораки на пријатели, што најверојатно е точно, но помалото инвестирање во реклами допринесува до подолг период на прифаќање на производите.

Но, поради стравот на македонските купувачи од онлајн купувањето, и желбата од продавница да се замине со телефон во рака, Hi Store мораше да се прилагоди, па дел од телефоните се достапни преку официјалните партнери на продавницата. Договорот со претставниците е дека цената не телефонот во продавница не смее да биде поголема од сајтот на Hi Store. Недостаток на овој метод е што сепак некојпат може да се случи корисникот да мора да го почека телефонот. Сепак кога се во прашање Xiaomi телефоните, се чини дека е подобро купувачите да почекаат, бидејќи нивните уреди се едни од најфалсификуваните во Кина, а и може да се појават проблеми со гаранцијата.

„Навиката на луѓето за купување преку Интернет во Македонија е мала. Затоа се здруживме со девет партнерски продавници. Цената на телефоните насекаде е иста, тоа е наша политика и ќе ја задржиме до крај. Дали корисникот ќе го купи телефонот од тука, од продавница или од друг град ќе ја добие истата гаранција, истите права, истиот телефон за иста цена“.

Hi Store ветува локална гаранција, оригинални резервни делови, сервис за сите телефони со заведена гаранција. Но, постојат предизвици кога се во прашање кинески производи. Постои мислење дека кинеските производи се лоши, но токму квалитетните производи можат да го променат ова. Ова е битка на Xiaomi да ги убеди корисниците да го земат во обзир нивниот бренд кога следниот пат ќе купуваат телефон.

„Сите уреди се прават во Кина. За пример Foxconn ги произведува и iPhone и Mи телефоните. Сфаќањето дека се кинеско е фалш е неточно“, вели г. Андоновски.

Во блиска иднина Hi Store ќе започне со продажба на уреди и во Србија, а потоа и во регионот. Планот е уредите да се пренесат од магацините од Македонија во Белград, што ќе биде со минимален трошок за да се понуди телефон по конкурентна цена. Најавуваат и дистрибуција на OPPO, но поради проблеми со сертификатите, за сега ова е проблематично.

4 коментари на “Ќе може ли Xiaomi да го освои македонскиот пазар?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии