Ќе инвестираме во амбициозни стартапи, вели Татјана Забасу од South Central Ventures

Татјана Забасу дојде во Македонија во потрага по големи идеи кои ќе можат да го освојат светот. Таа е инвеститор од RSG Capital, и еден од партнерите основачи на South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот кој располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од Балканот. Официјално фондот е веќе стартуван во Загреб и Белград, и од пред некој ден беше отворена и канцеларијата во Скопје.

Инвеститорите од фондот се подготвени да дадат до амбициозни идеи – до два милиони евра на компании во развој кои веќе имаат продукт, и до 100.000 евра seed инвестиции во стартапи во рана фаза. Парите доаѓаат од разни извори: поголем дел доаѓаат од Европската комисија и европски институции; помал дел од приватни инвеститори и мал дел од државите. Но, бидејќи инвеститорите го преземаат ризикот во целост, очекуваат и големи придобивки. Затоа бараат храбри компании кои ќе продаваат надвор од границите на своите држави.

„Логиката на секој VC фонд е да прави пари кога компаниите раснат и си ја зголемуваат вредноста со тек на време. Значи кога ќе инвестирате во одредена фаза, се надевате дека компанијата ќе порасне и ќе ја продадете за значително повеќе“, вели г-ѓа. Забасу. „Но, ние веруваме дека компаниите не можат да раснат доволно ако оперираат само локално. Ние бараме компании кои ќе можат да станат глобални, кои имаат продукти и сервиси кои се интересни за глобалниот пазар, или барем во поширокиот регион“.

Компаниите можат да останаат во Македонија, да работат тука, но нивниот продукт треба да биде интернационален. Ова се разликува од неодамна стартуваниот државен Фонд за иновации и развој кој налага стартапите кои ќе добиат пари да останат во Македонија. На South Central Ventures ќе им остави слобода на стартапите да одлучат каде ќе работат и продавата, се додека целат да го освојат светот. „Но, тоа нема да биде ништо налик на аутсорсинг“, категорично негираше г-ѓа. Забасу. „Не сме заинтересирани за инвестирање во аутсорсинг компании. Тоа што го гледаме често е дека во таквите компании има девелопери кои си креираат свои spin-off продукти кои имаат вредност. Ако тие имаат свој продукт што сакаат да го продаваат било каде, тогаш сакаме да инвестираме во нив“, вели таа.

„Ние сакаме да им дадеме шанса на девелоперите да си развијат свој продукт, да имаат финансии да го развијат тој продукт и да отидат на поголеми пазари надвор…. Ако тие не таргетираат интернационален пазар, тие ќе бидат премали, нема да раснат, ниту ќе им се зголемува вредноста. Тие [во кои ќе инвестираме] нема да се преселат целосно надвор, ќе си го задржат тимот тука. И секоја компанија која ќе успее надвор [на поголеми пазари] нема да ги плаќа своите девелопери како кога би работеле локално придонес за локалната заедница тука. Тоа што го имаат е шанса да си ги финансираат своите нови идеи, и наместо да ви треба 10 години да успеете локално, ние тој успех ќе ви го овозможиме можеби за 1 година. А со технологијата вие немате време од десет години“.

Во кого ќе инвестира South Central Ventures?

За кратко време од разговорот беше очигледно што бараат. Низ целиот разговор, г-ѓа. Забасу повторуваше една важна карактеристика која ја бара кај компаниите – „Тие мора да имаат добар тим“. За неа добриот тим е најважното нешто што треба да го има стартапот за да може да се справи со сите предизвици. Ова важи и за компаниите во развој во кои сакаат да инвестираат стотици или милиони евра до два милиони, и за стартапите во рана фаза кои би добиле десетици илјади евра. Стратегијата е да се инвестира во „smart money“.

„Ние бараме луѓе што можат да решат проблеми. Бизнис планот може да се анализира и се менува често, се прави анализа на можни сценарија; исто така технологијата се менува често, пазарите се менуваат, се се менува брзо. Повеќето брилијантни идеи не доаѓаат одеднаш. Еднаш штом се појави актуелна потреба за нешто, тогаш се појавува шанса за бизнис таму, иако постои и можност да се креира потреба, што е малку потешко и треба повеќе време и пари за такво нешто“.

Кaко и секој venture capital фонд, така и во South Central Ventures бараат продукти кои се револуционерни, кои би можеле да бидат комерцијализирани, но и водени од тим „кој знае што прави“, или со други зборови има претходно искуство со развој на продукт. Фокусот е на ИТ индустријата, иако преферираат B2B (Business-to-business) сервиси бидејќи овие сервиси се полесни да се адаптираат на фрагментирани пазари како што е Европа. Нема да инвестираат во едноставни мобилни апликации. Бараат платформи кои ќе можат да ги развијат во поголем сервис. Нема да инвестираат ниту во игри. Г-ѓа. Забасу верува дека во Македонија како агрикултурна земја постои можност да се искористи тој потенцијал, иако тоа беше само предложена идеја, не и гаранција. Ќе инвестираат во стартапи „што размислуваат големо“. Инвеститорите ќе го преземат финансискиот ризик, но бараат од стартапите да бидат мотивирани да работат на својот продукт.

На прашање „што очекува во Македонија за две години?“, г-ѓа. Забесу одговори со претпазлив оптимизам. Иако ја цели македонската заедница за која вели дека е вредна и мотивирана, сепак „очекувам да има повеќе seed инвестиции во стартапи во рани фази, но не ја исклучувам можноста, бидејќи запознав многу ентузијасти и неколку успешни компании. Да бидеме искрени сите земји во овој регион се мали земји, и нема стотици големи успешни компании“.

Фондот ќе функционира 10 години, од кои во првите пет ќе се инвестира во компаниите, а во другите пет инвеститорите ќе го бараат излезот, односно ќе се обидат да ги продадат компаниите. Потоа може да отворат нов фонд итн. итн, во потрага по иновативни идеи во индустрија која се менува од година за година.

„Тоа што е предизвик е што ако инвестираш многу рано, ова време што треба да се направи нешто и да се направат некои приходи, треба малку повеќе време. Затоа seed инвестициите се малку поризични бидејќи немаш престава колку време ќе им треба да успеат. Втор проблем е што можеби ќе им треба повеќе време, што само една рунда инвестиција нема да помогне да се стигне до вистинскиот потенцијал. Иако постојат излез со IPO во САД, за нас ова не е баш добра стратегија, бидејќи веруваме во продавање на други стратешки партнери“.

Kако да дојдете во контакт со South Central Ventures

Г-ѓа. Забасу е директорка на канцеларијата во Скопје, фидбекот и анализите на стартапи ќе го прават Ивана Станковиќ и Ирена Ефремовска, кои се активни во македонската стартап заедница. Ирена, на пример, е еден од организаторите на Startup Grind Skopje. Но, South Central Ventures нема да организира настани, стартап натпревари или повици за апликации, бидејќи веруваат дека ако некој стартап е доволно мотивиран да работи на својата иновативна идеја, тогаш ќе најде начин да дојде до фондот, иако сите три дами велат дека ќе бидат целосно отворени за комуникација со стартап заедницата.

12 коментари на “Ќе инвестираме во амбициозни стартапи, вели Татјана Забасу од South Central Ventures

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии