Но иако е нова технологија, тој телефон постои бидејќи ние, корисниците имаме потреба од него. Ние сме друштвено инволвирани и споделуваме најразновидни информации со своите пријатели. Поголемиот дел од тие информации се приватни, споделени за да ги видат неколкуте пријатели, повеќето се занимливости и забава. Но… таа забавна технологија поседува доволно моќ за да може секој од нас директно да влијае врз текот и развојот на едно општество.

Хулигани и граѓанско новинарство

Се случи тепачка меѓу хулигани на плоштадот Македонија во Скопје. Низ медиумите се крена врева за тепачката, се разгоре етничката тензија, власта и опозицијата реагираа критикувајќи го насилството, премиерот го посети повреденото дете, полицијата уапси неколкумина, се активираа граѓанските друштва, Европската Унија реагираше… се случија еден куп настани кое се всушност резултат на 50 секунди аматерска снимка од обичен граѓанин кој во тоа време поминувал на плоштадот и носел камера..

Што ќе се случеше да не беше снимен овој настан, да не беше пренесен до медиумите и да не се информираше јавноста? Дали би и верувале на полицијата да ги искористи безбедносните снимки низ плоштадот да ги најде хулиганите? Сега благодарение на поминувачот сите знаеме како изгледал настанот и кои се хулиганите. Поради таа снимка нема да може да се игнорира настанот, ниту пак да има лажни обвинувања.

Граѓанското новинарство е релативно ново во Македонија, пред се поради технологијата, не секој носи камера или телефон со квалитетна камера. Но од друга страна тоа е достапно. Се прашувам дали македонски граѓанин би го снимил ова? Од снимката се слуша англискиoт, “Why are they fighting?“ и „Cut the camera out” велат снимателите. Се работи за странци, поминувачи, кои реагирале и снимиле настан и со тие 50 секунди позитивно влијаат врз секојдневието.

Дали македонскиот менталитет би ни дозволил да снимиме ваква тепачка, пред се поради страв од одмазда или пак поради недовербата во властите да не заштитат, па затоа не се мешаме во настаните?

Колективно граѓанско новинарство

„Ајде секој по две три фотки или краток видео прилог од својот град, од руини, диви депонии, сквернавени споменици… и да направиме видео #Makedonija2010, кое ќе ја претстави реалната слика на Македонија.“ вели Јане „Рибаро“ Ѓорѓиоски, креаторот на Facebook групата „Mакедонија 2010 vs. Скопје 2014“.

Facebook е друштвена мрежа каде 1/4 од Македонија или над 550.000 луѓе имаат свој профил. „Mакедонија 2010 vs. Скопје 2014“ е одличен пример како преку интеренет и друштвените мрежи можете сами да започнете проект и со помош на останатите корисници да го остварите тој проект.

Користејќи технологија која секој од нас ја има, мобилен, фото-апарат, интернет и лесна за користење друштвена мрежа, 998 членови на групата објавија 98 фотографии и едно интересно видео.

Интересно со колективната свест е што не е идеја само на еден човек. Токму затоа можете да го гледате видеото како критика кон трошење пари за проект како Скопје 2014, наместо за подобрување на околината. Или пак можете да го гледате како желба од денешната уринирана реалност да направиме средено општество како што е замислено со Скопје 2014.

Блогови и граѓанско новинарство

Блоговите во Македонија често се игнорирани како релевантен извор, игнорирани се од самите читатели, од медиумите, но и поради содржината која ја објавуваат, бидејќи поголемиот дел од блоговите не објавуваат нови информации туку постовите се реакција на веќе случени настани. Но, тоа не значи дека немало и дека нема да има исклучоци.

Познат пример на граѓанско новинарство се активностите на археологот и блогер Василка Димитровска. Таа со својата археолошка активност остро изреагира на својот блог критикувајќи ги македонските оператори за уништување на археолошки локалитети со поставување на антени.

Нејзината реакција на блогот, линкајќи на друштвените мрежи Twitter и Facebook, предизвика јавен интерес и со помош на медиумите ги натера мобилните операторите да се извинат, да добијат кривична пријава и да се повлечат од локалитетот за да не направат уште поголема штета.

Видеото подолу е од E-Society ’09, каде Василка го објаснува случајот од откривањето, заканите до медиумскиот и јавен интерес до решавање на проблемот. Нејзината презентација ќе ја најдете тука.

Јас и вие, медиуми

Технологијата е достапна, но уште поважно, технологијата станува се полесна за користење. Не мора да бидете некој ИТ професионалец за да закачите видео на YouTube или да закачите слика на Facebook. Скоро секој мобилен телефон има камера. Сликајте, префрлите, закачите. Plug and play! Не сите 550.000 македонски граѓани што се на Facebook се ИТ експерти. Но сите ние сме граѓани. И сите ние можеме да влијаеме, дали поради пристапот до поширока публика или моќта на секојдневните уреди – вие сте медиумот!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии