Ја тестиравме NVIDIA GeForce NOW, новиот начин за гејминг на стар компјутер, Mac, или Andrоid направа

Мартин Јованчевски

во feature, Вести

Како идеја со практична изведба, Cloud Gaming, или играње на облак, постои во солидно реализирана форма нешто повеќе од деценија. Можеби го паметите сервисот Onlive кој за месечна претплата ви дозволуваше да играте ААА игри на исклучително слаби компјутери и лаптопи. Сè што ви беше потребно беше исклучително брза интернет конекција. Но, многумина се сложуваат дека падот на Onlive e поврзан со нудење технологија со стримување игри во погрешно време.

Дали сега е вистинското време? Доколку го следевте напредокот, моделот и реакциите со Google Stadia, бргу би дошле до негативен одговор. За да ги користите предностите на Google Stadia, принудени сте да плаќате не само за претплатата туку и за секоја игра која би сакале да ја играте. Трошок врз трошок. Како би биле работите полоши, за максимален бенефит се бара интернет конекција од 35 Mbps, односно трошење од 20GB на час.

NVIDIA GeForce NOW се труди да ги ублажи работите во одредени аспекти и, споредено со Google Stadia, се чини како подобриот избор. Имено, GeForce NOW ви дозволува да ги играте поголемиот дел од игрите кои ги имате купено на Steam или EGS. Независно од тоа дали е инди игра или ААА игра од висока продукција, инстантно започнувате со играње од вашиот телефон, таблет, децениски стар лаптоп или компјутер.

NVIDIA GeForce NOW ги нуди услугите во бесплатна и претплатничка форма.

Како бесплатен корисник, можете да се втурнете во едночасовна гејминг сесија, но пред да почнете со играњето, ве ставаат во ред и чекате да се ослободи место. Иако сме среќни што се нуди бесплатна верзија, не можеме, а да не гледаме на неа како на еден вид демо, односно пробна верзија. Одредени гејмери кои од х причини не можат да се претплатат, дефинитивно ќе ја ценат можноста за краткотрајни сесии во графичко опкружување накитено до максимум. За таа цел, на располагање имате и над 30 бесплатни игри.

Founders е претплата која чини 5.5 евра месечно, што е поскапо од САД, каде цената е 5 долари. Цената ќе стане повисока, но доколку решите да ја искористите понудата веднаш, првите три месеци се бесплатни. Нема никакви рестрикции во Македонија, а лесно можете да овозможите претплата со PayPal. Доколку одите со Founders, не мора да чекате за да дојдете на ред, а гејминг сесиите траат шест часа. По истек на една таква сесија, без проблем можете да започнете друга. Паралелно со ова, Founders претплатниците можат да ги играат RTX (ray tracing) поддржаните игри и целосно да го почувствуваат бенефитот од таквото нешто.

Одбери, кликни и играј веднаш, на што било!

Неколку денови како се дружиме со NVIDIA GeForce NOW Founders. Примарното тестирање бешe извршено преку оптички интернет од 30Mbps. За играње игри во 1080p и со 60fps, NVIDIA препорачува 25Mbps. Од време на време, се случуваше да се појави знакот за недоволно брз интернет и, како последица, искусивме кратки замрзнувања или нарушувања на графичките детали пред нас, но бројот на графичките аномали беше поднамален кога започнавме гејминг сесија во 720p.

Како минимална побарувачка, односно за клауд гејминг во 720p, NVIDIA објаснува дека се бара барем 15Mbps. Од нашите тестови на конекција со 20Mbps, игрите беа прилично неигриви. Знакот со слаба или исклучително лоша конекција почесто трепкаше, видеото знаеше да замрзне, а визуелниот квалитет константно да опаѓа; како да гледате YouTube видео на цел екран, но во исклучително слаба резолуција. За жал, со графичко – позахтевни игри и послаб, односно нестабилен интернет, не можете да се ослободите од константното чувство дека ова е форма на гејминг која бара исклучително високи компромиси, директно врзани од вашата интернет врска. Не помогна ни тоа што лаптопот директно го поврзавме со кабел, а сите други направи ги отсековме од интернет.

Враќајки се на нашата примарна брзина за тестирање (30 Mbps), имавме време да поиграме десетици наслови. Во одредени моменти, искуството беше релативно пријатно, флуидно и впечатливо. По првпат, видовме која е предноста на ray-tracing и по првпат не нѝ беше криво што немаме исклучително скап компјутер.

Со NVIDIA GeForce NOW, поддржани се над 400 игри.

Започнување на сесијата е инстантна и, од кликнување на иконата, до водењето на вашиот лик потребно е нешто помалку од минута. Еуфорично е знаењето дека за ниедна игра не мора да чекате да се преземе и дека ве делат само моменти од започнување нова авантура. Имајте во предвид дека доколку таквото нешто го правите на телефон, таблет, или Android телевизор, потребен ви е џоистик. За да проверите дали вашата омилена игра е поддржана, кликнете на следниот линк и напишете ја во понуденото поле.

Во оваа ситуација, почнуваме да размислуваме за тоа колку се исплати ваквото нешто. Да претпоставиме дека веднаш се претплатуваме и добиваме три месеци бесплатно, а потоа плаќаме по 5.5 евра цела година. За 66 евра добиваме петнаесет месеци гејминг на облак. Тоа е 4.4 евра месечно, или околу 270 денари. Оптичкиот интернет од 30 Mbps кој авторот на овој текст го користи, чини 600 денари месечно, но искуството дефинитивно би било подобро со 50Mbps.

Во случај да имате потреба од неконвенционален гејминг, без да оддеднаш вложите огромна сума пари, тогаш NVIDIA GeForce NOW се чини како нешто што дефинитивно би требале да го пробате, барем бесплатната опција. Имајте во предвид, меѓутоа, дека задолжително се бара одредена доза толеранција кон привремени графички аномалии, кои, за жал, знаат да допринесат до рушење на имерзивноста.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии