Ја проверивме The Waylanders, играта зад која стојат RPG ветераните Крис Авелон и Емили Бак

Целото време кога ја тестиравме The Waylanders бевме воодушевени од потенцијалот на кој се алудира во играта. Уште на самиот почеток, очигледно е ветувањето за впечатлива и комплексна RPG игра која може да стои раме до раме со најголемите гиганти, особено со Dragon Age серијалот. Но, тоа е сè што е The Waylanders во моментот – почетен потенцијал за ветување кое допрва треба да се оплеменува.

The Waylanders – A party-based RPG inspired by beloved classics
The Waylanders започна како Kickstarter проект кој собро скоро 170 000 долари

Надвор од првите 10 минути со играта, многу проблеми и недостатоци стануваат инстантно забележителни. Тоа е затоа што моментната верзија на The Waylanders е во рана, почетна верзија на развивање. Многу сцени и меѓусеквенци недостасуваат. Како резултат, има огромни празнини во приказната, нелогично скокање од една на друга локација без правилно да знаете што се случува. Паралелно со ова, одредени багови го прават севкупното искуство фрустрирачко, неигриво или неисполнително. И покрај ова, никој не може да биде рамнодушен на моментниот продукт кој, иако е во почетен стадиум на развивање, сепак се заканува да се преточи во една од најдобрите RPG игри.

Финалниот продукт ќе има 4 раси, 6 главни класи, 30 напредни класи, и над 800 вештини!

The Waylanders е амбициозен проект. Не само што работат на него познатите писатели Крис Авелон и Емили Бaк; прсти има вмешано и креативниот режисер на Dragon Age – Мајк Лејдлоу, a за музиката е ангажиран Fallout 4 композиторот Инон Зур. Моментната верзија на The Waylanders ветува 10 до 12 часа содржини, од планирана кампања со времетрање до 50 часа. За време на првите три дела кои се отклучени можете интимно да се запознаете со приказната, борбата и светот.

Одлуките во приказната ќе влијаат и на двете временски линии

Од овие клучни аспекти, најмногу страда приказната. Откако состанокот со боговите ќе заземе несакана димензија, вашиот лик привремено ќе умре и, во процесот, ќе ја отсече поврзаноста не само со судбината туку и со времето. Ова ви дозволува уникатни моќи за патување низ две временски линии. Поради одредени празнини и скокови од една до друга точка во приказната кои сеуште не се имплементрани, се наметнува чуство на некохезивност и невозможно е емоционално инвестирање во ликовите. Слично на Dragon Age, сопатниците се комплексно изградени личности со различни морални кодови и начини на размислување, што допринесува до интересни дијалози. Иако на сите ликови им позамуваат гласови талентирани актери, вашиот лик не може да зборува и разговорот се одвива преку избирање една од неколку понудени опции.

Секој од вашите 8 сопатници ќе има по три мисии за лојалност

Системот за борбата е добро разработен и овозможува напредни можности за тактизирање, и покрај тоа што силата на непријателите се одгледа првенствено во нивната бројност. На располагање имате класи како ренџер, воин, волшебник или друид, како и неколку раси. За време на битките, можете да го стопирате времето и да зададете наредби на секој сопатник засебно. Откако времето ќе почне да тече, секој сопатник ќе ја изврши вашата наредба. Уникатно за The Waylanders е тоа што можете да создавате формации и да ги споите сите сопатници во значително попредизвикувачка сила. Имено, откако ќе одберете лидер за формација, по претискање на копчето F останатите сопатници ќе заземат уникатна формација како заштитен ѕид кој е одличен за бранење од стрели, или тријаголник со копја – одличен за пробивање низ толпа од непријатели. Формациите се менуваат во зависност од избраниот лидер. Иако идејата е интересна, во ниеден момент не почувствувавме вистинска потреба за нејзина реализација и полесно, а и поефикансо нѝ беше да ги оставиме сопатниците сами да се справат со непријателите, како стандардни, самостојни единици.

На располагање ќе имате 12 стилови на формација

Светот во The Waylanders е преубав и разновиден. Од моментната верзија се чини дека најмногу труд е вложен во осмислување на светот и локациите. Често се наоѓавме како застануваме, ја вртиме камерата и љубопитно ја испитуваме флората и фауната, се давиме во мистичната шума, или во импозантниот подземен град и неговите становници. Апсолутно никакви кратенки не се правени во поглед на дизајнот на светот и се чини дека на тимот тука и бил главниот приорит. Првин да се создаде светот, а потоа да се полни со останатите елементи.

Играта ќе биде во развој до почетокот на 2021 година

Со доволно време, талентираните луѓе од GATO STUDIO, ќе успејат да ги средат и останатите аспекти. Иако сме свесни за моментните недостатоци, нити губиме надеж во The Waylanders, нити се осмелуваме да ѝ судиме додека се наоѓа во оваа, исклучително почетна фаза на развивање. Доколку и вие сакате да го следите понатамошното развивање, играта е достапна како дел од раниот пристап на Steam. Во спротивно, дајте ѝ неколку месеци соодветно да созрее.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии