Извозот на компјутерски услуги во Македонија го надмина извозот на земјоделски производи

Можеби сметаме дека сме земјоделска земја, но овошјето и зеленчукот не се најголемиот извозен производ од Македонија. Последниве неколку години извозот од компјутерски и информациски услуги достигна 160 милиони евра. Само последнава година порастот од овој сектор е пораснат 33 милиони евра, а пред само пет години извозот бил 60 милиони евра, пишува Извозници.мк.

Секако голема придобивка е што овој  сектор има значително поголем извоз отколку увоз. Минатата година кога извозот е 160 милиони евра увозот бил 55,8 милиони евра. Најголем дел од проектите се доработки на код. Ова веројатно и не е изненадување со оглед на тоа дека најголем дел од компаниите работат како подизведувачи за странски компании.

Без сомневање дел од компаниите и стартапите работат и на сопствен софтвер и иновативно решенија. Веројатно вистинскиот раст и успех во овој сектор ќе го видиме во годините кои доаѓаат. Со оглед на тоа дека овој сектор е речиси во целост извозно ориентиран, може да биде значителен двигател на економијата.

Мината година извозот на овошје и зеленчук донел 146 милиони евра, а извозот на вино донел 60 милиони евра. Иако овој сектор е голем за македонскиот пазар во споредба со опкружувањето е значително помал. Извозот од компјутерски и информациски услуги во Хрватска и Србија е над 1,1 милијарда евра.