ИТ настaн: Студенти, имате можност за пракса на проекти во Mozilla Macedonia

Слободен софтвер Македонија потпиша договори за соработка со Филолошки факултет и Филозофски факултет при УКИМ, со кои им се овозможува на студентите на овие два факултети кои мора да работат задолжителна пракса, тоа да го направат во организацијата. „За почеток планираме тоа да биде превод на содржини за поддршка на прелистувачот Firefox, или популарно наречено SuMo“, велат од Слободен софтвер Македонија.

Веќе е најавен прв состанок, кој воедно ќе биде и кратка презентација – вовед во тоа како функционира системот за преведување, ќе се одржи во хаклабот КИКА на 22.6.2015 со почеток во 18 часот.

Бидејќи праксата вклучува преводи, најдобро е студентите да имаат добро познавање на јазици, но може да се пријави секој што сака да научи нешто плус и да придонесе до проектот „чија мисија е да се грижи за приватноста и безбедноста на корисниците на отворениот интернет“.

„Целта од овие активности е на крај да имаме повеќе содржина на македонски јазик, но ограничувања во однос на јазиците не постојат, па може да се работи и на други јазици, согласно желбите, потребите и можностите на студентите“, велат од Слободен софтвер Македонија.

Mozilla Firefox е прелистувач за интернет што го користат десетици илјади корисници во Македонија и милиони низ светот. Сите придонеси од ваков тип стануваат веднаш достапни за корисниците, така што ако барате мотивација плус можете да сметате дека ќе бидете читани. За да се пројавите пишете коментар на овој напис со ваши информации, или пишете на novica-на-slobodensoftver.org.mk.