ИТ настан: Отворени денови за поддршка при употреба на нови технологии во Метаморфозис

Фондацијата Метаморфозис започнува со серија настани наменети за сите претставници на невладиниот сектор, независни активисти, блогери, медиуми и други заинтересирани лица за поддршка при користење информациско-комуникациски алатки во разни области и за разни цели.

Целта е да се овозможи запознавање со потенцијалите кои ги нудат компјутерските алатки за да можат што повеќе да се користат за промоција на демократија, транспарентност и активизам.

Почнувајќи од понеделник, 19 декември, до 29 декември, секој ден, во просториите на Метаморфозис помеѓу 16 и 17 часот, ќе се одржуваат работилници на разни теми со презентација на различни алатки. Секоја тематска работилница ќе се состои од краток воведен теоретски дел и практична работа. Зависно од интересот на учесниците како и од самата тема, работилниците може да добијат форма на консултации или дискусии.

  • 19 декември, понеделник – Користење друштвени мрежи за промоција на активности на НВО. Претставување на група алатки за зголемување на видливоста на своите работни активности на интернет и за промоција на содржини. Ќе бидат опфатени Facebook, Twitter, SlideShare, YouTubeи Flickr. Покрај кусото претставување на техничкиот аспект, ќе бидат сугерирани и корисни тактики за промоција во даден контекст.
  • 20 декември, вторник – Како до поголема промоција на вашиот веб-сајт или блог со помош на Пинг.mk? Презентација на веб-сајтот Ping.mk, начинот на кој може да се користи со цел да се овозможи поголемо присуство на содржините од својот веб-сајт или блог на интернет, како и преглед на дополнителните можности за интеракција и директно објавување текстуални содржини.
  • 21 декември, среда – Како да се справите со електронскиот отпад? Презентација на начините за справување со старата електронска и електрична опрема во вашиот дом или работен простор.
  • 22 декември, четврток – Придобивки од волонтерската работа како автор и/или преведувач за Global Voices Online. Презентација на меѓународниот проект Global Voices Online, начините на кои заинтересираните кандидати би можеле да се вклучат и вештините кои притоа можат да ги стекнат или зајакнат. Постои можност за пишување и превод на македонски и на албански јазик.
  • 23 декември, петок – Како до поголема видливост за НВО преку блогирање? Користење на веб-сајтот kauza.mk како платформа за објавување содржини на интернет на одредена тема и учење на основните правила и техники за веб-уредување. Алатката може да се користи како примарен медиум за објавување содржини за дадена кауза, односно на одредена тема, при што постои и можност за отворање нов тематски подсајт, доколку соодветен не постои. Веб-сајтот Кauza.mk се базира на платформата WordPress, што значи дека учесниците на работилницата во иднина би можеле да се снајдат работејќи на кој било друго сајт што ја користи истата.
  • 26 декември, понеделник – Граѓански активизам со користење на достапни веб-алатки.  Презентација на неколку алатки кои можат да ги користат самите граѓани за да поттикнат решавање на некој инфраструктурен проблем (Поправи), комуникација со своите избраници на локално ниво (Пиши им), информирање за остварувањата на политичките субјекти (Вистиномер) и споредба на сопствените ставови со политичките програми на партиите во време на избори (Гласомер).
  • 27 декември, вторник – Основи на користење на платформата Џумла за веб-сајтови на НВО. Работа со сајтови кои се базираат на платформата Јоомла и дискусија за начините на кои може да се оптимизира еден ваков сајт со цел да одговори на потребите на една организација, институција или граѓански активизам.
  • 28 декември, среда – Како да ги користите вики-сајтовите за промоција на локални проблеми и случувања? Практична работа на вики-платформа со можност за вклучување во работата на веб-сајтот Wiki.mk или негово користење за промоција на свои содржини од локално значење. Учеството на оваа работилница ќе овозможи стекнување знаење за објавување содржини и на Википедија на македонски јазик.
  • 29 декември, четврток – Како да се заштитат децата на интернет? Проекција на едукативни филмови и други содржини од областа на заштитата на приватноста и безбедноста на децата на интернет и презентација на достапните алатки и совети кои помагаат во тој процес. Настанот е наменет за родители, наставници и НВО-и кои се занимаваат со човекови права.

Секој кој е заинтересиран да присуствува на еден или повеќе настани, едноставно треба да дојде во Метаморфозис (ул. Апостол Гусларот 40, Скопје, Македонија) во зададените термини. Доколку имате прашања, можете да нè контактирате на [email protected] или на телефон: 02/3019-325.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии