ИТ настан: Како вашиот стартап да не успее? е тема на Weekly Dose of Acceleration

Совети за успешен стартап ќе најдете насекаде. Но, никој нема да ви каже дека пред да успеат, се обиделе неколку пати и повеќето од тие пати неуспале. Причините за неуспех се многу, од емоции, до нетрпеливост до куп проблеми со пари, тим и погрешен пазар.

Но, што ако овие состојби ги пренасочиме во мотивација за реализирање на проектите и освојување на сите предизвици кои што не очекуваат? Ова е прашањето на Weekly Dose of Acceleration, неделен настан организиран од акселераторот NewMan’s Business Accelerator, кое ќе го одговори Дарко Булдиоски, ко-основач на NewMedia Mk и BuzzBase. Дарко ќе зборува на тема “How to Fail with your StartUp” и ќе го пренесе своето искуство поврзано со стартап иницијативи кои што не успеале, ќе даде совет како да научите нешто од тие грешки и како тоа да го трансформирате во успех.

На настанот, вели New Man’s, ќе имате можност да се запознаете со Ивица Пенич, регионален менаџер во NewMan’s Business Accelerator и Сопственик на Mariviam Success Academy, кој ќе ви пренесе реални примери поткрепени со 39 факти што треба да ги знаете, а се поврзани со успешното отпочнување на компанија.

За вредноста од самопроценување на квалитетите, соработката при започнување на бизнис, евалуирање на почетните очекувања, пишувањето на бизнис план, идентификувањето на пазарот и други факти… ќе чуете во просториите на NewMan’s во вторник, 07.10, во 19 часот. Настанот е отворен за сите.