ИТ Настан: Имате само уште неколку дена да се пријавите на RailGirls Skopje

По сѐ изгледа на девојките и жените во Македонија им недостасувале локални ИТ настани. Доказ за ова е интересот за работилницата Rail Girls Skopje 2019 за која веќе има над 200 пријавени. Интерес има и за ментори и веќе има над 15 искусни ментори кои се пријавени за поддршка на учесниците. Сите кои се заинтересирани, но можеби не се пријавиле досега имаат време до 15 март, кога се затвораат апликациите.

Целта на Rails Girls работилниците е да бидат влезна точка за што повеќе девојки за програмирање и развој на веб технологии. Настанот е бесплатен, а учесничките треба да имаат основно познавање од работа на компјутер и да можат да донесат лаптоп. Rails Girls Skopje 2019 ќе се одржи на 12 и 13 април во просториите на WebFactory.

Rails Girls е глобална непрофитна организација чија цел е да обезбеди алатки и заедница на девојки заинтересирани за програмирање и развој на нивните идеи. Сето ова, преку обезбедување на искуство во развивање на дигитални нешта и преку зголемување на достапноста на технологијата. Започната е во Финска од Linda Liukas и Karri Saarinen.

Првата работилница е одржана во Хелсинки во 2010 година. Веќе 9 години се организира на преку 220 локации во светот. Навистина нѝ е мило бидејќи од годинава и Скопје се наоѓа на мапата на Rails Girls помеѓу Токио, Чикаго, Лондон, Луксембург, Брисел, Лос Анџелес и многу други.

Апликантите за време на оваа работилница ќе научат основи на sketching, prototyping, базично програмирање и ќе бидат воведени во светот на технологијата. Ова е одличен workshop за сите кои се заинтересирани за програмирање но, не знаат од каде да почнат. Но, и за луѓе кои работат во IT компанија но, не од техничката страна и сакаат да комуницираат поефективно и поефикасно кога станува збор за програмирање. Можеби сакаат и да се запознаат со Rails или им е потребно менторство за да добијат поголема самодоверба при изработка на апликација, вели Мариана Јаневска во претходно интервју за IT.mk.

Спонзори и поддржувачи на настанот овојпат се и GitHub, JetBrains, GitLab и многу други.

Повеќе за настанот и линкови за пријавување на веб-страницата RailGirls.