На пролет ќе го имаме четвртиот Startup Weekend Skopje, ни откри Наташа Петковска, еден од организаторите на хакатонот во промо видео што се појави на Facebook. Нема многу детали за новото дружење на стартапите и менторите, освен што е закажано од 8-ми до 10-ти мај. Но од тоа што го знаеме може да очекуваме уште еден забавен настан во кој млади македонски претприемачи ќе се обидат да креираат бизнис план и своја компанија, што можеби, ако се доволно добри, ќе ја продадат пред инвеститорите.
Startup Weekend Skopje е тридневен хакатон кој се одржува под лиценца во 100 градови ширум светот од 2011-та година. Меѓу градовите е и Скопје каде настанот, организиран од волонтери, ќе се одржи по четврти пат. Ако на претходниот собир во Скопје имаше инвеститори од реномирани компании, вклучувајќи го и бугарскиот стартап акселератор Launchub, тогаш може да очекуваме дека собирот во мај ќе треба да биде уште подобар. Всушност, македонската стартап сцена напредува од година за година, и не би било чудно да видиме малку поквалитетни идеи и продукти кои претприемачите ќе ги изработат во 54-те часа со помош на искусни ментори.