ИТ Кариера: Рециклирање на универзитетски дипломи во сертификати

(Текстот е дел од серијалот на тема ИТ Кариера во .мк општеството кој ќе ви помогне да ја пронајдете и добиете вистинската ИТ позиција за вас.)


Дообразување и оспособување на нови кадри во идни дизајнери, создавачи и уредувачи на содржини, веб дивелопери итн. итн. е нешто што стана нов мост помеѓу “класичното” високо образование и пазарот на трудот. Се случи експанзија на овој тип на кадри, а пазарoт на трудот се труди да се приспособи и на овие промени. Ова можеби најмногу се должи на нерамнотежата создадена од работењето на високообразовните институции во Македонија.

Значителен број на професии на доста луѓе не се (или не биле со децении) вредни на пазарот на трудот. Па затоа многу “дипломци” се снаоѓаат на било кој алтернативен начин што може да го најдат. Доколку не се во можност или можеби не сакаат да бараат и трето чаре како иселување тогаш се оставени со уште некоја опција која останува за интелектуален напредок.

ВПШ Неформално образование во РМ

Токму тука во игра влегуваат повеќето поголеми и помали едукативни центри кои ги има и во повеќе градови во земјата каде што ги нудат своите пакети за дообразување за оние чии што вокации едноставно не можат да му служат на општеството, особено не во толкав број. Можеби малку смешно и малку жално истовремено, но и вистина, што сега установите меѓу овие кругови се нарекуваат новото ВПШ (Вашата Последна Шанса).

Меѓутоа и ова има еден интересен пресврт. Се повеќе средношколци се решаваат најпрвин наместо во универзитет да се образуваат во едукативен центар и својата идна професија да ја формираат надвор од границите на академското образование и тоа да го направат со ново научени алатки.

Рециклирани Дипломци

За волја на вистината на која компанија или пак установа и се потребни 20 историчари на уметност во една година? Одговорот е блиску до нула секако. Годишната квота на завршени студенти на овој и слични факултети и институти се движи околу таа иста цифра (20). Со тоа автоматски добивате луѓе кои се (или не се) во одредена мера работоспособни и квалификувани во своето поле кое условно речено веќе се смета за непотребно. Нажалост констатираме дека истиот институт одамна треба да ги затвори своите врати за нови студенти (барем додека не се реструктуира).  Тука е во предност неформалното образование кое пак наместо дипломи, кои единствено што вредат е да го красат ѕидот на идните академски граѓани, нуди сертификати како што се оние на Adobe, Microsoft, Cisco и други кои пак вредат малку повеќе.

Дипломирани млади, па и постари луѓе се повеќе сакаат да се дообразуваат со некој вид на неформално образование. Само во последните две години оваа бројка се дуплира, а доказ за тоа се сè повеќе нови “студенти” во едукативните центри. Најчесто се нудат курсеви и часови што се поврзани со ИТ. Од графички дизајн, веб дизајн, па се  до back-end програмирање.

Ова колку што е добра алтернатива исто така е уште една капка во чашата наречена Образование во Македонија која и без тоа е доста полна. Проблемот може да се бара и  во краткотрајноста на курсевите или пак се должи на низа други фактори. Одговорот многу лесно може да се слушне од неколку генерации на студенти претходно. Постојат и повеќе бесплатни алтернативи за да се научи нова алатка за работа кои пак како и секоја форма на образование има потреба од вложено време, пари и ресурси и напори за да вроди плод.

Она што може да се понуди како совет доколку некој сака да потроши време за дообразување е секоја понуда и пакет детално да го провери бидејќи, првенствено курсевите чинат многу и ветуваат многу. Она што останува е тој што ќе седне да учи нов “занает” да го добие максимумот од ветеното.

it-kariera-reklama

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии