ИТ Индекс: Singular – компанија која специјализира во развој на игри на среќа

IT.mk редакција

во feature, Интервјуа, ИТ.МК

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа?
Сингулар почнува со работа во декември 2009 година со отворање на првите канцеларии во Тбилиси на 17 декември. Во тоа време, примарната дејност на фирмата е правење на социјални игри во капацитет на маркетинг за поголеми компании. На 1 ноември 2013 година Сингулар се шири во Скопје кога доаѓа и до промена на дејноста на Сингулар.

2. Од кого е основана компанијата?
Иницијалниот капитал во фирмата е вложен од страна на Акаки, Џорџ и Мамука од Грузија. Додека Акаки и Џорџ се активно вклучени во управувањето на фирмата, Мамука уште од самиот почеток не се вклучува оперативно во Сингулар, бидејќи човекот е слаткар. Можеби нема големи познавања во технологијата и startups, но ги прави најдобрите слатки и торти во Тбилиси, а како што се покажа и доста паметни инвестиции 😊 .

Дарко Гацов влегува во приказната периодот 2011-2012 со инцијатива за менување на примарната дејност на компанијата од социјални игри во игри на среќа, промена што направи компанијата да има комплетно различен тек на развој. Дарко во првичниот период допринесува за трансфер на know-how и дефинирање на продукти и услуги кои се барани од индустријата. Неговото искуство стекнато во Аџарабет, еден од најбрзо растечките оператори за игри на среќа на глобално ниво, се покажа круцијално за понатамошниот раст и продуктен развој на Сингулар.

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте?
Табла, онаа со зарови, што има прва, втора и трета игра. Баш таа табла, ама дигитална. Тоа беше првата игра на среќа што Сингулар ја направи и ја продадовме на нашиот прв клиент Аџарабет. Се работи за истата компанијата која ја спомнавме погоре каде Дарко Гацов имаше водечка улога пред да се вклучи во приказната на Сингулар.

Уште од самиот почеток играта почна да покажува резултати и даде јасен знак дека Сингулар има сериозни намери, а воедно и капацитети да испорача квалитет. Успехот од тој проект даде многу голема мотивација на тимот да се направат амбициозни планови за креирање на цел оперативен екосистем.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
6 луѓе во стан од 36 квадрати, поточно 35, зашто 1 квадрат беше балконот 😃.

5. Колку вработени сте сега?
Се доближуваме до бројката 100 на глобално ниво. Мислам дека во 2019 година ќе ја надминеме и оваа бројка. Доколку судиме според последниот квартал од 2018 година, зделката која ја потпишавме и плановите кои ги ставивме како цели, еден од предизвиците ќе биде да се справиме со новото темпо на забрзан раст.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
Специјализираме само во една индустрија – игри на среќа. Fin-Tech која е индустрија што исто така често се поврзува со Сингулар е само нус-појава на индустријата за игри на среќа. Во текот на нашиот развој и раст, работејќи во ИКТ и профилирајќи се како растечка компанија, наидовме на многу различни можности во многу различни полиња. Меѓу нив: меѓународни проекти за банки, барање за државни решенија за транспорт, телекомуникации и многу други работи. Без разлика колку овие можности беа лукративни како бизниси, ниту во еден момент не зачекоривме во друга насока. Сите партнери бевме со истиот став – ние работиме iGaming и наместо да се расплинуваме за сè што е интересно, ќе се фокусираме да станеме најдобри!

Поточно, специјализираме во еден цел екосистем за игри на среќа. Доколку некоја компанија, инвеститор или група на инвеститори има идеја да влезе во оваа индустрија ние нудиме целосно решение. Платформа заедно со сите продуктни вертикали (спортско обложување, казино, покер, лотариски решенија), сервисно ориентирани компоненти за менаџирање на секој сектор на операциите на компанијата, без разлика дали функционира онлајн или има физички локации. Не би можел да ги набројам сите решенија, бидејќи еве како пример, само платформата има повеќе од 60 сервисни модули кои ги нудиме во зависност од што бараат или што им е потребно на нашите клиенти.

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Индивидуалниот пристап. Во оваа индустрија, софтверот процесира многу различни валути, различни локални јазици, потоа треба да биде согласен со различните регулативи, како и прилагоден на оперативниот пристап и начин на работа на секој клиент. Предизвикот е уште поголем кај компании кои се веќе профилирани и имаат стари системи кои сакаат да ги заменат со нешто модерно.

Ние не правиме генерички решенија и истите да ги мултиплицираме за секој клиент. Можеби тоа не е најдобриот бизнис модел и поради тоа сите други конкуренти го имаат одбрано генеричкиот модел – како за еден, така за сите. Спротивно на тоа, за нас секој клиент е своја приказна.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?
Имаме клиенти насекаде низ светот, Кавказ, Јужна Америка, источна Азија, Африка и Балтичкиот регион се некои од териториите каде имаме клиенти. Можеби е чудно, но сѐ уште немаме соработка со клиент од Македонија. Искрено се надевам дека тоа ќе се смени во нареднава година, посебно зашто би ни било посебно драго да имаме соработка и на домашен терен, не само во странство.

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Интересно прашање, посебно со моментот на неограничени ресурси. МНОГУ би смениле! Пред сѐ, би сакале да допринесеме во создавање на причини младите луѓе да не си одат од Македонија, а тие што се веќе заминати да сакаат и да можат да се вратат. Сржта на нашата иднина, на посреќни следни генерации се состои во ова клучно прашање.

Многу работи треба да се направат за да може да се мотивираат младите, а баш една од светлите точки е нашата ИКТ сцена. Таа е една од економските полиња со голем потенцијал. Целта би била да се излезе од рамките на нашата држава и да пробаме да направиме еден регионален центар на знаење, истражување и иновативност. Со неограничени ресурси би се стремеле кон креирање на механизми и процеси да се зголемам знаењето, а последователно и квалитетот.

Имаме генијални млади дечки, најголем број навистина се заљубени во тоа што го работат, гладни за учење и напредување во нивните знаења и способности. Да ги задржиме дома, да им дадеме крилја, да се фокусираме на создавање вредност, на македонски производи, на решенија кои ќе ја профилираат нашата ИКТ сцена не само преку потенцијалот на аутсорсингот, туку и преку пионерството, создавање и иновирање на софтверски производи од почеток до крај.

10. Што ќе работи Singular во 2023 година?
Сите ќе мора да ги следиме и соодветно да се адаптираме на тектонски промени кои се случуваат во технологијата. Промените во банкарство, телекомуникација и комуникациски инфраструктури, процесирање на информации (Big data), вештачка интелигенција и machine learning се само некои од темите кои ќе ни го менуваат светот побрзо од што сакаме па можеби и побрзо од тоа што ќе можеме ние да се менуваме.

Сепак до 2023 година верувам дека ќе може да сме во чекор со тие промени, но секако ќе останеме на тоа дека Сингулар специјализира и ќе се фокусира само во индустријата на игри на среќа. Ќе иновираме, ќе правиме нови и позабавни производи и ќе се грижиме крајните корисници секогаш да бидат заштитени и да имаат контрола на нивните активности и нивите одлуки, како и достапност до потребните информации.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Иако функционираме како едно големо семејство, луѓето во Сингулар имаат силен дух за натпреварување. Можеби фактот дека креираме софтвер за игри на среќа влијае врз создавање на силна желба за победа. Па така, кога минатото лето го почнавме Singular Smoothie Challenge, натпревар за најдобро смути, секој тим ја сфати работата сериозно и излегоа многу креативни рецепти и презентации 😂. Без разлика, дали се работи за готвење, рафтинг, покер или било која друштвена игра, “we are in it to win it” 😊.

Официјален сајт: ​
singular.uk

Singular на друштвени канали:

Facebook / Twitter / LinkedIn

Посетете го профилот на Singular на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.