ИТ Индекс: Ни Текна – компанија за истражување и развој, специјализирана за работа на сложени проблеми кои бараат интелигентни решенија

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа:
Друштвото за истражување и развој НИ ТЕКНА – Интелигентни технологии, или скратено НИ ТЕКНА, е регистрирано на 17. март 2008 г., инаку со работа почнавме на почетокот на октомври истата година.

2.Од кого е основана компанијата?
Од Андреа Кулаков, инаку професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:
Првата услуга со која почнавме со работа беше за понатамошен развој на софтвер и поврзување на системот за плаќање преку мобилни телефони, за нашиот партнер Маргенто од Словенија. Системот и денес се користи во некои продавници и супермаркети во Македонија преку кој се собираат и поени за лојалност од Телеком.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
Во март 2008 г. почнавме само со управител, па во октомври 2008 г. беа вработени првите тројца програмери.

5. Колку вработени сте сега?
Сега сме девет вработени, а во тек е оглас за прием на повеќе нови јава програмери, којшто може да се најде на нашите веб страни тука.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
НИ ТЕКНА е компанија за истражување и развој, специјализирана за работа на сложени проблеми кои бараат одредени напредни интелигентни решенија. Фокусирана е на областите бизнис интелигенција и обработка на мултимедиски содржини (слика, звук, говор, текст, видео), сето тоа комбинирано со мобилно и вградливо програмирање и развој на веб решенија.

Во првите 6-7 години од постоењето бевме целосно услужна компанија која истражувањата и развојот го правеше за други партнери.

Во последните две години поинтензивно ја развивавме АРЛОПУС – Синхронизирана музичка мобилна мрежа, каде корисниците можат да пуштаат музика на многу мобилни уреди истовремено, без да има ехо помеѓу нив.

Со АРЛОПУС може да се слуша истата музика во исто време, заедно со пријателите, на иста локација или дури и од разни страни на светот. Може да се користи од организатори на настани и кампањи, или од маркетинг агенции, како нова алатка за поголема вклученост на публиката, корисниците или потрошувачите. Самата музика е нешто кое му дава најголема енергија на човекот, а кога се слуша заедно од многу страни, ефектот се мултиплицира.

Покрај за обични корисници во мали друштвени групи, АРЛОПУС се нуди и за развој на посебни апликации за промоција на други производи, тимови или воопшто фирми и организации, при тоа апликациите може да се брендираат според потребите и желбите на корисникот. За ваквиот вид на корпоративни корисници, АРЛОПУС се нуди заедно со веб административен панел преку којшто може да се контролира и мониторира употребата и вклученоста на корисниците (од кои локации, колку лајка, споделувања, постови и коментари имало во текот на хепенинзите), да се организираат и наградни игри, да се испраќаат нотификации или е-писма и СМС пораки до корисниците и секако да се уредуваат песните и нивниот редослед за секој закажан хепенинг посебно.

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Тимот на НИ ТЕКНА е со повеќе награди и признанија од меѓународни натпревари за обработка на т.н. големи податоци. Во изминативе 4 години, на 4 такви натпревари оддржани во Полска и во Кина, тимот на НИ ТЕКНА се пласираше од 12-то до највисокото 3-то место, во конкуренција на 100-тина натпреварувачки тимови од целиот свет кои учествуваа на секој од овие натпревари. Исто така, заедно со нашите партнери Neurologix Security бевме и финалисти на Global Security Challenge 2013 во Лондон.

НИ ТЕКНА е поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија за апликацијата АРЛОПУС и сме едни од првите 7 корисници на ко-финансирачки грант за комерцијализација на иновација. Во голема конкуренција од целиот свет, бевме примени и ја имаме претставено оваа апликација на неколку саеми за иновации, како што се WebSummit во Даблин 2015 и Лисабон 2017, како и WebIT Festival во Софија 2016 и Wolves Summit во Варшава 2017. Во тек сме со изработка на навивачка верзија на оваа апликација со која навивачите ќе можат во големи групи да навиваат за својот омилен тим со помош на оваа апликација. Тоа ќе биде прва таква апликација во светот и се надеваме наскоро дека ќе ја промовираме и во Македонија.

Така што ние работиме на најпредизвикувачки проблеми и задачи кои вклучуваат техники од пошироката област на Вештачка интелигенција и имаме што да му понудиме на светот.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?
Во изминативе години сме соработувале со фирми од Словенија, САД, Франција, Бугарија и Хонг-Конг. Тоа биле и етаблирани фирми на кои им требало развој на нов софтверски производ или биле и стартапи кои сакале да пробаат нешто ново. Сме имале неколку истражувачки и развојни проекти за обработка на слики, како што се моделирање на 3Д објект за iPhone од само една слика, бришење на подвижни предмети и луѓе од низа на 5 последователни слики и имаме изработено прототип на систем кој ги означува акните на лицето преку анализа на слика добиена од веб камера или од мобилен телефон. Сме правеле истражувања и во областите на обработка на природни јазици, обработка на податоци од сензорски мрежи, откривање на измами при плаќања и слични други проекти. Најчесто клиентите бараат да се направи некакво истражување за одредени области од погоре споменатите за кои сме експерти и потоа сакаат да се продолжи со интегриран развој на веб и мобилни сервиси во еден систем во кого се вклучени резултатите од тие истражувања на почетокот.

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Сметаме дека поседување на неограничени ресурси не е здрава работа за било кого и дека треба да го преформулирате прашањето. Такво нешто е, помалку, работа на лукавиот, како што се вели. Затоа, наместо тоа, ние би можеле да размислиме што би промениле кога би имале доволно големи ресурси. Ние и со скромните ресурси со кои располагавме до сега, на пример, 10 години по ред ги поддржуваме натпреварите IEEE Xtreme Programming каде нашите студенти од Македонија речиси редовно остваруваат врвни резултати во светски рамки. Со повеќе ресурси, уште повеќе би поддржувале слични настани кои служат и за промоција на Македонија. Исто така би ги поддржувале професорите во средни школи и наставниците во основните школи по информатика и поврзани области, пред сè математика и физика, но и други природни науки дури како хемија и биологија, бидејќи тие се меѓу најбитните кои им ја всадуваат на најмладите љубовта кон технологијата воопшто. Ние сметаме дека многу подинамичен развој на Македонија може да се постигне со технолошки развој во кој секако ќе предничат информатичките технологии и поврзаните дисциплини (пример роботика со дронови и автономни возила, биоинформатика, компјутерска медицина и др.), па во таа насока би ги користеле и ресурсите кои ни се на располагање, без да чекаме тоа да бидат неограничени ресурси. Би ги помагале на повеќе начини секако и факултетите поврзани со овие области, пред сè информатичките. Со оглед на тоа што ние од ИТ стопанството можеме да обезбедиме повеќе работа во информатичката индустрија отколку што можеме да најдеме слободни луѓе кои ќе работат на тоа, фокусот треба да се стави на зголемување на опфатот на млади кои ќе сакаат да студираат на овие факултети со тоа што тие ќе станат уште поатрактивни. Ќе треба да се диференцираат појасно и потребите на фирмите и можностите на студентите, за тоа да се одрази и во понудата на факултетите, па на тој начин да се понудат разнолики можности за атрактивна кариера во ИТ индустријата за сите. ИТ индустријата нуди многу можности за личен развој, не само за програмери и системски архитекти, туку и за контрола на квалитет, администратори, дизајнери, проект менаџери, писатели на содржина, дефинирачи на потреби на корисници и уште многу други профили. Промени треба да се направат не толку во академското, туку пред сѐ во средното и високото стручно образование на младите.

Ние сме решени да останеме во Македонија и од тука да развиваме технологии со кои ќе го промениме човештвото на подобро, а во исто време на младите да им овозможиме перспектива за развој во Македонија. Во следниот период со уште поголеми ресурси ќе сме во можност да понудиме и на некои што веќе заминале од Македонија, да размислат и да се вратат да живеат и творат во Македонија. Сметаме дека може да понудиме во Македонија висок личен стандард, исполнувачка работа на најнови технологии и секако, на долг рок, посреќен живот опкружен со љубов од своите најблиски. Секој што ќе се препознае во ова нека нè контактира, да поразговараме што може да понудиме уште сега.

10. Што ќе работи NI TEKNA во 2022 година?
За 5 години се надеваме дека на овие први 9-10 години ќе гледаме како на еден подготвителен период за претстојната експанзија. Заедно со наши партнери, до тогаш планираме да отвориме и неколку центри за истражување и развој низ цела Македонија. Ќе продолжиме со понатамошниот развој на апликациите за истовремено слушање музика и за навивање, па до 2022 г. синхронизираното слушање на музика ќе стане омилениот начин на слушање музика на мобилен уред. Покрај со АРЛОПУС и со навивачките апликации, до тогаш ќе имаме и уште неколку производи кои ќе користат напредни интелигентни технологии и со кои ќе сме горди, но за тоа, би сакале да не откриваме сега, туку да нè прашате тогаш.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Секогаш кога прв пат ќе отидеме на некој шалтер, луѓето кои работат таму не можат да се воздржат, а да не се потсмевнат кога ќе го чујат нашето име. Но, веќе вториот пат, од далеку нè поздравуваат и викаат покажувајќи со прст кон нас: “Аааа – НИ ТЕКНА!”. Така што немаме проблем да нè препознаат и запомнат, одма им текнува како се викаме.

Инаку, на тие што работат со технологии веднаш им се допаѓа името, бидејќи ја сфаќаат врската и со нашето долго име НИ ТЕКНА – Интелигентни технологии (на англиски “технологии” се чита “текнолоџи”, па може и ние треба да викаме текнологии, со “к” наместо со “х”).

Мислите и идеите се индивидуален чин, прво мене ми текна, па спомнав на колегите, па некој дополни со нешто, па некој друг измисли и нешто трето и така, после заедничкото подобрување на идејата, ние можеме гордо да изјавиме: НИ ТЕКНА!

Името ни дава сила, бидејќи во него ни се сублимирани и иновацискиот циклус и тимската работа во исто време. Од името произлегува синергијата која со самото тоа ни е вградена во темелите на нашето друштво за истражување и развој. Тоа го чувствувавме од самиот зародиш на идејата за основање и затоа, откако проверивме дека се слободни домените ni-tekna.com и nitekna.com и дека е слободно името за регистрација на трговско друштво кај нас, ги купивме домените уште пред да се регистрира друштвото.

Официјален сајт:

http://ni-tekna.com/

Ни Текна на друштвени канали:

Facebook / Twitter / LinkedIn

Посетете го профилот на Ни Текна на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.

1 коментар на “ИТ Индекс: Ни Текна – компанија за истражување и развој, специјализирана за работа на сложени проблеми кои бараат интелигентни решенија

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии