ИТ Индекс: GSIX – софтверска компанија која креира иновативни решенија со последната технологија

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа
Официјално започнавме со работа на 15 март, 2013 година.

2. Од кого е основана компанијата?
Приказната на GSIX започнува многу поодамна од официјалните наши 5 години. Мрежата на луѓе се формираше уште пред 10 години, далечната 2008 година.
Компанијата е основана од Теди, Влатко , Алекс, Бошко  и Никола .

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:
Пред 10 години започнавме со изработка и продажба на веб страници за локални компании, но исто така своевремено имавме доста популарна веб страница, па најверојатно првата продажба беше рекламен простор.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
Уште од самиот почеток започна да се гради мрежа на луѓе околу јадрото на GSIX која и до денес опстојува. За нашиот спој “виновна“ е креативата, потребата за иновација, талентот и способностите кој ги има секој во себе со што се создаде компатибилна екипа која растеше со членови кои ја делеа истата страст и визија. Горди сме што оваа синергија е присутна и ден-денес. За да бидеме попрецизни конкретната бројка со која започна GSIX е 5. (Да, бројот на луѓе не е поврзан со името).

5. Колку вработени сте сега?
Моментално во канцелариите во Скопје сме 22 вработени. Интернационално соработуваме со повеќе од 50 професионалци меѓу кои покрај софтверски инженери имаме и дизајнери, маркетари, агенти за продажба итн.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
Тимот кој стои позади GSIX е специјалиран и веќе докажан во областа на развој на дигитални продукти со фокус на софтверски решенија. Но, искуството низ годините и претприемничкиот амбиент кој го негуваме уште од самиот старт го разви нашиот mindset да полесно се адаптираме на најновите трендови, побарувачката на пазарот, корисниците, клиентите и се друго што е потребно една идеја да прерасне во успешен и долгорочен бизнис.

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Фузијата која ја создаваме од нашите способности и иновативниот начин на размислување кој не води oд самиот развој на еден продукт, па сѐ до пристапот и решавањето на проблемите и потребите кои се појавуваат, е една од главните премиси во која се разликуваме од нашите конкуренти.

Како софтверска компанија сме само еден дел од мноштвото компании во истата индустрија, но искуството си го прави своето, а веќе едната деценија на пазарот не истренира да бидеме агилни, динамични и брзо-прилагодливи кон потребите на пазарот кој постојано се менува.

Да се биде дел од тимот на GSIX е нешто што најмногу го вреднуваме и одржуваме. Работната атмосфера е опуштена, забавна и најважно од се – продуктивна. Функционираме како спортски тим, секојдневно се надминуваме себеси, заедно сме во пораз, заедно прославуваме успеси и токму таа синергија не прави различни во однос на нашите конкуренти. Дополнително, секој член на тимот има можност за посета на конференции и настани, флексибилно работно време и работа надвор од канцеларија, фитнес, базен, патувања и секако teambuilding активности.
Најфреквентно катче ни е дефинитивно просторот за игра и забава од каде што потекнуваат најиновативните идеи на кои работиме и го “нарушуваме“ денешното гледиште кон софтверот и хардверот.

Како заштитен знак на нашата култура би ги навеле хакатоните кои често ги одржуваме. Од изработка на агрегатор за групни попусти за помалку од 13 часа до мобилни апликации со милиони корисници.
Овие настани се доказ за нашата успешност и ефикасност.

За крај не може да не го споделиме успехот со добро-познатата мобилна апликација Crack Your Screen која бележи повеќе од 20 милиони симнувања и која не стави рамо до рамо на светската мапа со водечките компании од оваа област.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?
Најголемиот дел од нашите клиенти се базирани во САД, конкретно Колорадо и Њујорк. На европскиот континент, клиентите ни се претежно од Швајцарија и Холандија. Иако домашниот пазар не ни е примарен фокус со задоволство соработуваме со компании отворени за иновација и во Македонија.

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Прво и најважно, сметаме дека не се потребни неограничени ресурси за да се промени македонската ИКТ сцена. Доволно е и појавата на искрени и амбициозни поединци кои се подготвени да направат навидум “луди“ работи.

Најдобар доказ за тоа сме самите ние кои од идеја и вложен труд дојдовме до успешна апликација забележана од Samsung која и ден денес се користи.

Образованието и искуството го имаат најголемото влијание во поглед на ресурсите кои се потребни за да се променат одредени работи. Ние сме вклучени во бројни организации и иницијативи кои се стремат кон подобрување на образвониот систем со што би се создале повеќе подготвени ИТ кадри.

И за големи промени се почнува со мали чекори. Компаниите треба да се посветат на интерна едукација на своите тимови. Наша редовна практика е секој четврток во стандарден термин од 14 часот да имаме TechTalk сесии каде што едни од други учиме, го надоградуваме сопственото знаење, откриваме нови теми од различни области кои не секогаш се поврзани исклучиво со развој на софтвер. Често организираме и гостување на различни експерти од својата област како менаџмент, маркетинг, бизнис планирање, crowdfunding, blockchain и сл.

10. Што ќе работи GSIX во 2022 година?
Во нашите девизи за визија и мисија ќе ја најдете фразата „иновативни решенија со последната технологија„. Не се трудиме да ја предвидиме иднината, но го претчувствуваме трендот поради техничката и претприемничката интуиција во секој член на GSIX.

2022 година и не е толку далеку со оглед на брзината со која технологијата се движи напред. Од денешна гледна точка, постојат многу технологии кои се уште во рана фаза (иако се изминати повеќе години, голем дел од нив се уште немаат конкретна примена и се во експериментална фаза) за 4 години од сега сигурни сме дека ќе имаме изработено неколку најјаки решенија со користење на Blockchain или AI или AR или пак спој на сите три и веќе работиме на случајот.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Главниот Slack канал за комуникација ни се вика #studio.

Официјален сајт:
http://gsix.me/

GSIX на друштвени канали:

Facebook / LinkedIn / TwitterInstagram

Посетете го профилот на GSIX на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.