Влегуваме во новата година возбудени дека ќе видиме неверојатни ИТ достигнување, но не во светот, туку во Македонија. Изминатава 2012-та година беше навистина интересна за македонската ИТ сцена, на која се појавија куп стартапи, професионални и стартувани од ентузијасти; се отворија куп нови е-продавници, и се донесоа куп нови паметни телефони и таблет компјутери. Во новата година сите овие трендови ќе продолжат. Мобилното користење ќе стане приоритет за младите ИТ професионалци кои ќе се обидат да бидат први во мобилните или облак сервиси, додека постоечките сервиси и сајтови ќе си го адаптираат бизнисот за новите 4, 7 и 10 инчни екрани.

Факт на денот“ е дека во 2013-та ќе видиме се поголем број на корисници на паметни уреди и се повеќе луѓе ќе се поврзат на интернет. Информатичката индустрија во Македонија веќе не е само за гикови, туку е мејнстрим, и што побрзо го сфатите ова, толку побрзо ќе може да напредуваме.

Но, да земеме малку здив, и да се соочиме со реалноста. Македонија е ужасно сиромашна земја за да бараме од корисниците да инвестираат пари во нови уреди и време во сервиси од кои немаат корист. Македонија не е Силициумската долина. Не е ниту „информатичко општество“ како што вели ПР машината. Во Македонија одговорноста уште лежи кај професионалците и властите да понудат иновативни локални сервиси, односно пари со кои ќе ја развијат и мотивираат ИТ сцената, и ќе ги едуцираат граѓаните за сајбер просторот.

Новата година ќе започне со либерализацијата на македонскиот домен, кој сега ќе биде достапен во кирилична форма. Во 2013-та година ќе видиме како МАРНет ќе им го предаде доменот на други приватни компании да го продаваат и да го регистрираат. Ова е одличен почеток за македонскиот сајбер простор, како за компаниите кои полесно ќе излезат на интернет, така и за корисниците кои полесно ќе се снаоѓаат со кириличните домени.

Очекуваме во 2013-та година да видиме и поголем број владини сервиси и подобри сајтови на институциите со поголем број информации. Но, не очекувајте дека Министерството за информатичко општество ќе биде нешто поактивно од сега. МИО сега на грбот ја има тешката администрација, и се чини дека сите ресурси се насочени кон нејзино организирање и правење на е-Влада. За жал, сите ги знаеме проблемите на македонската администрација и способноста да се адаптираат и да воведат ред, па ќе треба да почекаме да се среди тој хаос пред да видиме некакви се сериозни проекти за развој на ИТ сцената. До тогаш, за жал, ќе гледаме краткорочни решенија како давање на ваучери или отварање на едногодишни е-продавници.

Кога сме кај МИОА, и покрај нивните најави, скептици сме дека ќе го видиме PayPal во Македонија во најблиска иднина. Ако ги ставиме законите и административните проблеми со наплаќање, можеби најголем проблем е што во Македонија нема развиена е-трговија (ако воопшто има). Причината за тоа лежи во навиките на корисниците, во потешкотиите за наплаќање и достава, и незаинтересираност да се инвестира во веб проект. Како вечни оптимисти, навиваме PayPal да се појави до крајот на 2013-та година.

Додека чекаме за чудо, годинава би требало да ја видиме вистинска мобилната (р)еволуција во Македонија која може да отклучи два потенцијални пазари. Првиот е локалниот пазар на кој фалат квалитетни мобилни сервиси, пандан на Time.mk, Grouper.mk и другите успешни приказни. Вториот е што со малку креативност може да се излезе надвор од земјата и да се тргува со останатиот дел од светот. Стартапите од регионот, посебно Хрватска и Србија, веќе привлекоа интерес на странски ангели кои се вољни да инвестираат по 50.000 долари во мобилен сервис, но и кои бараат тој сервис да даде резултати. Дали македонските програмери можат да го обезбедат тој квалитет останува само на нив?

Среќна Нова 2013-та година ИТ заедницо! Ви посакуваме уште повеќе ИТ настани, дружби, апликации, телефони, интернет без цензура, дружење на друштвените мрежи, нарушување на приватност, и многу одлични дискусии. :) 

1 коментар на “IT.com.mk ви посакува Среќна Нова Година!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии