iPad Pro е фантастичен таблет, но поскап е од фантастичен лаптоп

iPad Pro најверојатно е најинтересниот уред кој го презентираше Apple на својот специјален настан, не бидејќи новиот iPhone или Apple TV не се добри производи, туку бидејќи таблетот сепак е производ кој е поголем ризик за компанијата. Продажбата на iPad последните неколку години е во пад, па Apple се обидува да го реанимира пазарот со уред кој не само што ќе биде генерално за забава, туку ќе биде и покорисна алатка.

„Цената на iPad Pro е иста како цена на солиден добар лаптоп, и поскап од просечен лаптоп. Иако Apple никогаш не ги таргетираше евтините пазари, сепак прашањето е дали ќе се исплати?“, пишува Wall Street Journal.

Иако iPad Pro не е првиот уред кој доаѓа со електронско пенкало, ниту пак е прв таблет компјутер на чии екран може да бидат презентирани две апликации; дел од дизајнерите и останатите професии како архитекти ja поздравија новата верзија. Можеби најголемото изненадување се дел порталите за техника кои се воодушевени од големината, димензиите, електронскиот молив, како iPad Pro да е првиот 13-инчен таблет компјутер. Но, можеби е најдобар 13 инчен компјутер. iPad доминира со пазарот на таблет компјутери бидејќи е навистина солиден уред. Новиот таблет компјутер коj е со 12,9-инчен дисплеј, всушност е зголемен iPad, а односот на страните останува ист, па корисникот има чувство како во рацете да држите нешто познато, само зголемено скоро два пати. Резолуцијата од 2732х2048 исто така е рекордна за iOS па презентацијата мораше да биде направена со бета верзијата на iOS 9, а шпекулациите се дека iPad Pro и iOS 9.1 ќе бидат достапни заедно во ноември.

„Иако Apple ги откри перформансите на новиот чип, овие неколу минути користење не ме убедија колку е моќен таблетот. Да, видеото и видеоигрите се движат одлично, но прерано е како перформансите се споредуваат со другите уреди со истата цена – и не само со Surface Pro, туку и со ултратенките лаптопи“, вели Engage во својата рецензија.

Најверојатно најголемиот недостаток на iPad Pro е ист со 800 долари вредните Microsoft Surface Pro и Microsoft Surface RT, кои исто доаѓаат со можност за тастатури, но таа не е вклучена во високата цена. Електронскиот молив, Apple Pencil доаѓа за 100 долари, а за тастатурата се потребни дополнителни 170 долари. Овие пари и не се премногу, доколку Apple и навистина успее да им понуди алатка на корисниците со која ќе можат да завршат работа, а не само како дополнително средство кое би можело да помогне. Но, конечно iPad Pro чини околу 1.000 долари, а за тое пари секој корисник очекува повеќе.

Неодамнешната рекордна заработка на Surface на пазарот за хибридни уреди покажува дека има интерес за овие таблет/лаптоп уреди, но интересот не е премногу голем. Сепак доколку Apple успее да го направи она што најдобро знае, да земе некоја идеја и да ја усоврши, тогаш не би требало да имаат проблем со доминација на уште еден пазар. Доколку помисливте дека ова го загрижи Microsoft, најверојатно се излажавте, компанијата испрати свој тим на презентацијата на iPad Pro за да ги презентира можностите на програмскиот пакет Office.

iPad Pro доаѓа во ноември, а цените се од 800 до 950 долари, додајте ги на ова и 270-те долари за тастатура и дури и основната верзија на iPad Pro доаѓа за над 1.000 долари. Иако iPad е фантастичен уред, сепак за тие пари можете да купите одличен лаптоп.

3 коментари на “iPad Pro е фантастичен таблет, но поскап е од фантастичен лаптоп

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии