Интервју со Wootra Games, независно македонско студио за видео игри

Морам да признаам дека и покрај моите напори да бидам во тек со гејмингот кај нас, бев пријатно изненаден кога дознав дека во Македонија има студио кое работи на видео игри и освен тоа добро им оди. Се работи за Wootra Games кои до сега имаат издадено неколку Flash игри, и кои се доволно ентузијасти да размислуваат за издавање на AAA игра во 2013-та година. Разговаравме со Ѓорѓи Крстевски, програмер во Wootra Games, за да го сподели своето искуство со креирање игри и како се снаоѓаат во Македонија.

Дали би сакале ли да ги запознаете нашите читатели со краток историјат на компанијата и издадени наслови на игри до сега, кога е основана Wootra Games и колку игри имате изработено до сега?

Всушност, постоиме како независно (Indie) студио со неофицијално име. Можеби во иднина ќе постои и компанија, но за сега не е во план. Игри изработуваме нешто помалку од 3 години и имаме изработено и објавено десетина наслови.

[youtube]OlE5J_3RQEY[/youtube]

Која платформа е ваш „прв“ избор? 

Станува збор за Flash игри, кои се всушност игри за прелистувач(browser), така да не зависиме од една платформа. Flash е поддржан на речиси сите оперативни системи, па со самото тоа и не постои „прв“ избор.

Како сте задоволни од досегашниот прием на вашите видео игри и од нивната
заработка?

Па, секогаш може подобро, нели, но генерално, се турка некако. :) Што се однесува до приемот на игрите, за секоја поединечно има различни резултати – играноста се движи од половина милион па до 14 милиони играња по игра, во зависност од играта.

Дали размислувате за изработка на ААА наслов, иако се чини дека иднината, барем што се однесува до заработката дефинитивно е во „casual“ и игрите на друштвените мрежи?

Да, се разбира, сме размислувале за изработка на ААА наслов. Меѓутоа, таков наслов би барал поголема екипа (моментално сме двајца + надворешен сорабтник за музика), и секако, големи финансии. Моментално сме далеку од можностите за изработка на таков наслов.

Игрите што моментално ги изработуваме се за casual пазарот, па повеќе сме насочени кон тој пазар. Се сложуваме дека иднината е во casual мултиплејер игрите, затоа и натака се придвижуваме, но за тоа сепак ќе биде потребно време. Ако се иде по планот,здравје, очекуваме во 2013 година да ја издадеме првата таква игра.

За жал во Македонија товарот за развој на целата индустрија е оставен на грбот на ентузијастите. Но, индустријата за видео игри е речиси целосно извозно ориентирана, па најголем дел од државите обезбедуваат, посебни олеснувања за гејминг студијата. Kакви се вашите искуства во Македонија?

Кога започнавме сè уште не постоеше категорија за оданочување на овој вид на заработка и сè уште се водиме под „останато.” За сега нема никакви олеснувања, ниту регулативи за производителите на игри, а не веруваме дека сега за сега ќе промени нешто на тој план.

Што најмногу би ви помогнало за развивање на вашата компанија, но и за напредок на гејминг индустријата во Македонија?

Даночни олеснувања секако дека би помогнале, но многу поважно е државата (или некој трет) да направи напори и конечно да го донесе PayPal во Македонија. Поголема покриеност во медиумите моментално не би донела некоја корист, со оглед на фактот дека игрите се „извозно ориентирани“. Се разбира, посакуваме да направиме и игра на македонски јазик, но за тоа е потребно некоја приватна или државна компанија да застане зад тој проект, т.е. да сака да се рекламира на тој начин.

Имавме претставување пред македонската публика со неколку наши игри на порталот „Кајгана“ и генерално беа добрo прифатени. Се разбира, некои наши игри беа објавени и на други портали, но и самите портали не верувамe дека знаеле дека се работи за македонски игри. :)

[youtube]wZiNPvOk6N8[/youtube]

Дали имате податок колку од играчите се од Македонија а колку се од „надвор“?

Игрите кои ги изработуваме се наменети за портали за игри, кои се најчесто на англиски јазик и го покриваат целиот свет. Играчите од Македонија споредено со генералната бројка се многу мали, но од друга страна, сме и мали по бројност на жители, па тој факт не изненадува.

Какви се вашите предвидувања за иднината на гејмингот дали мислите дека гејмингот во облакот е иднината и дали „gaming on demand“ може да ви помогне, со оглед на тоа дека во ваков случај сите игри ќе бидат достапни на сите уреди од SmartTV до десктоп PC-a?

Мислам дека сепак тоа е технологија која повеќе им помага на десктоп игрите, отколку на игрите базирани на прелистувач, така да од тие нови технологии немаме корист и ниту сме ги разгледувале. Влегува во категоријата: можна иднина. :)

Што би им порачале на младите дизајнери на видео игри?

Добро да размислат дали сакаат да влезат во индустријата на игри. Ова е индустрија кога бара посветеност 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Една мала пауза и веќе си пропуштил многу работи. Значи, ако некој сака да прави игри, мора да се збогува со работното време од 9 до 17 часот.

Исто така, илузија е и дека со еден наслов може да се заработи многу. За тоа сепак е потребно време, искуство и најважното – контакти. Се разбира, постојат исклучоци од ова, но е многу ретко. Кој сака да влезе во оваа индустрија, му посакуваме многу среќа и се разбира, тука сме за соработка.:)

6 коментари на “Интервју со Wootra Games, независно македонско студио за видео игри

  1. Многу добро интервју! Се сложувам со многу работи!

    Секако нема пауза во дизајнирањето на игри.

    Подготвуваме и ние од Тетово добар наслов и добра авантура… :) :) :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии