Интервју со тимот зад платформата “Дигитални услуги за сите”

Разговараме со тимот кој стои зад платформата за дигитални услуги, која Асоцијацијата за е-трговија ја изработи со поддршка на ФИТР како дел од Јавниот повик “КРЕАТОН”.

Тимот кој се “крие” зад изработката на платформата е составен од млади ентузијасти со голема пасија за е-трговија и дигитални услуги. Марија, Лина, Бојана, Виктор, Андреј и Филип се лицата кои секојдневно се трудат да изнајдат начини и истите да ги пренесат на платформата, а со крајна цел секој граѓанин да има можност паметно и ефикасно да го искористи времето поминато дома.

Дали идејата за ваков вид на платформа постои од претходно или истата е “благодарение” на новонастанатата состојба со Ковид-19?

Идејата постоеше од претходно, но дефинитивно состојбата со Ковид-19 и Јавниот повик од ФИТР беа стартна точка кога рековме ова е моментот, да го искористиме и да ја креираме платформата. Уште од самите почетоци, кога се наметнаа правилата за седење дома настанати од коронавирусот, како Асоцијација за е-трговија размислувавме како во оваа ситуација можеме да помогнеме на што повеќе луѓе да може да имаат пристап до сите бесплатни дигитални услуги што се нудат, со една цел да се обидеме да им овозможиме времето кое го поминуваат дома да го потрошат продуктивно.

По иницијалните состаноци и неколкукратен “brainstorming” од страна на сите вклучени (во тој момент во идејата) имавме иницијален концепт од кој започна се. Понатаму беше доста полесно бидејќи се предлагаа новитети и се дискутираше околу начинот на категоризирање на истите. Исто така, извесно време во рамките на АЕТМ разговаравме дека во нашата земја недостасува место на кое ќе се интегрира целата понуда, односно сите е-продавници ќе бидат селектирани и внесени на едно место. Бидејќи станува збор за значаен број на трговци кои воопшто не е едноставно да се излистаат за да се најде посакуваната продавница, сметавме дека најпаметно ќе биде да се групираат трговците во неколку категории со цел полесно да може да се пребарува по одредена дејност.

Рокот за изработка на проектот зададен од ФИТР изнесуваше 15 дена. Колку време ви беше неопходно за изработка на платформата, од почеток до крај?

Креативниот дел за изработка на платформата траеше многу подолго, речиси уште од самиот почеток на ситуацијата со коронавирусот, во кој имаше период на размислување, размена на различни идеи, категоризирање и рекатегоризирање на бесплатните дигитални алатки и онлајн продавници, размислување околу маркетинг стратегијата итн. Најпрво краткиот рок да се прибере содржина, да се изработи плафтормата и да се направи целосен план за маркетинг со цел истата да допре до што е можно повеќе наши сограѓани беше навистина амбициозен, но со самото тоа што претходно го кажавме, позади платформата стои и амбициозен млад тим кој со многу прекувремена работа успеа да ги запази сите рокови и крајниот резултат да биде постигнат во дадениот рок. Дека за краток рок сме направиле доста соодветна алатка која секојдневно се користи, зборува и фактот дека на дневно ниво платформата се посетува од околу 1.000 лица, а досега за само неколку денови има над 10.000 посети.

Согласно официјалните статистики, заклучно со 31.12.2019 година активни се 1.020 е-продавници. Дали сите е-продавници се достапни на платформата и како се соочивте со предизвикот да успеете да ги мапирате сите е-продавници?

Планот и крајната цел на платформата е сите е-продавници да се достапни за посетителите, со цел тие да можат на брз и едноставен начин да ја лоцираат бараната продавница, да ја посетат и да ги најдат работите кои сакаат да ги купат. Притоа, освен информативниот карактер, платформата во иднина ќе игра важна улога и во обезбедување информација за тоа дали одредена е-продавница е официјална и легална, бидејќи таа ги содржи единствено регистрираните онлајн продавници. Значи, откако ќе се внесат сите официјални е-продавници, доколку бараната продавница ја нема на платформата би значело дека истата нема регистрирано официјален платежен канал. Кога сме кај мапирањето на е-продавниците, во овој дел особено значајна беше соработката со банките и тоа што тие беа респонзивни на нашето барање да ни достават листа со официјално регистрирани е-продавници во нивната банка. Петте банки кои нудат е-трговија ни доставија комплетен регистар со веб страници кои имаат имплементирано е-трговија. Искрено се надеваме дека оваа пракса ќе продолжи со цел платформата редовно да биде ажурирана со најновите трговци и да биде одржлива и по завршувањето на пандемијата со Ковид-19.

Покрај е-продавниците, платформата располага со дополнителни интересни иновативни содржини. Имате ли некој специфичен модел на кој ги прибирате и селектирате содржините кои се објавуваат, кажете ни нешто повеќе околу тоа?

Идеите се раѓаа најчесто седејќи дома, бидејќи во периодите кога движењето беше ограничено сите ние имавме доволно слободно време за да анализираме кои се работите што можеме да ги правиме од дома – дигитално, а притоа квалитетно да го исполниме времето поминато во изолација. Па така, најпрво започнавме неопходните информации за функционирање во период на глобална пандемија да ги споделувавме со членовите на Асоцијацијата, со цел меѓусебно да си помогнеме. Како минуваа деновите се повеќе алатки беа бесплатно достапни за сите.  Размислувавме од сите аспекти, од аспект на тоа кои можности за неформална едукација им се на располагање на граѓаните со цел по завршувањето на кризната состојба тие да се стекнат со нови знаења, оние кои сакаат да одат во театар или на концерти имаа можност онлајн да проследат бројни театарски и уметнички содржини кои исто така се дел од платформата и секојдневно се надополнуваат. Голем дел од вработените беа пренасочени да работат од дома и се јави потребата да ги презентираме сите можности за работа од дома, од функционални алатки до начини на комуникација. Веројатно највеќе погодени беа спортистите и оние кои се физички активни, за нив се потрудивме да понудиме различни типови на вежби и активности кои ќе не одржуваат во добра физичка и психичка кондиција додека сме затворени во рамките на семејството. Речиси секој нов ден значеше и нова идеја која ја имплементиравме на платформата. Во периодите кога банките и останатите компании поради полицискиот час го скратија работното време и се создадоа огромни колони од клиенти кои чекаа и по неколку часа за да платат сметки одлучивме дека е потребно да отвориме категорија која е наменета за плаќање на сметки за комуналии и режиски трошоци. Оваа категорија го содржи сите компании кои на граѓаните им нудат можност месечните сметки да ги платат онлајн.

Дополнително, ги вметнавме и е-продавниците на платформата со цел истата да биде уште повеќе атрактивна и корисна и на едно место да им овозможи информации за безбедно онлајн купување на граѓаните. Впрочем, ова е од огромна важност, на едно место да се прикажани сите легални е-трговци, бидејќи во ова време на корона пандемијата, се појавија и многу нелегални фејсбук продавачи кои директно придонесуваат за развој на сивата економија во државава, а ние искрено сметаме дека сега во овој период, треба да се грижиме за закрепнување на економските последици и тоа директно може да го помогнеме со борба против сивата економија.Но, бидејќи често произлегуваа и нови дигитални алатки достапни за сите, на веб платформата поставивме и посебна форма преку која секој посетител може да предложи конкретна бесплатна алатка да биде објавена и промовирана. Исто така, доколку сте сопственик или купувач од е-продавница која не е дел од платформата поднесете барање преку контакт формата со цел да се прикаже саканата онлајн продавница и на тој начин повеќе луѓе да бидат информирани од каде може безбедно онлајн да купуваат и да ги користат предностите кои ги нуди дигитализацијата.

Дали планирате во иднина да вметнете дополнителни содржини на платформата со цел истата да биде одржлива и по завршувањето на пандемијата или сметате дека ваква како што е во моментов ќе функционира и во иднина?

Зборуваме за платформа која се однесува на дигитални услуги, а сите ние знаеме со која динамика се менуваат работите во денешно време. Тоа што е актуелно и иновативно денес, веќе за неколку години е застарена работа. Поради овие причини планираме на платформата постојано да се подобруваат функционалностите, да се имплементираат иновации и да се работи на зголемена понуда на нови содржини. Во ниту еден случај не планираме нејзиниот развој да заврши тука и да се остави самата да функционира. Веројатно со тек на време животот ќе започне да се враќа во нормала, а ние ќе продолжиме повторно да ја ажурираме платфомата со содржини кои ќе придонесат за доброто на граѓаните. Дигитализацијата е процес кој корона кризата несомнено го забрза, а сметаме дека оваа платформа, која има за цел и да помогне на граѓаните користејќи дигитални услуги да се подобри нивото на едукација, ќе има важно значење во процесот. Во периодот што следи ќе работиме на тоа да имплементираме голем дел од идеите и предлозите за соработка кои секојдневно пристигнуваат од најразлични компании.

Промоцијата на платформата започна со емотивно видео кое се однесува на два типа на луѓе… Што сакавте да постигнете со него и дали ефектот е задоволителен?

Идејата за видеото се роди во пикот на пандемијата во нашата држава, кога беше неизвесен секој нареден ден и кога дел од граѓаните беа приморани да го поминуваат времето дома, а другиот дел храбро се бореа во „првите борбени редови”. Токму затоа многу ни беше важно да ја истакнеме важноста на технологијата и дигиталните алатки не само во овој период, туку општо – и да го направиме тоа преку реални приказни на луѓе кои се реални херои од нашето опкружување. Навистина беше огромен предизвик да се организира снимање во време кога полицискиот час беше најстрог, луѓето скептични и исплашени и пандемијата застрашувачка. Меѓутоа знаевме уште од почетокот дека не сакаме да направиме класична „реклама“ за платформата – затоа што заслужува многу подобро. Па така сите се сложивме на најкомплицираното сценарио кое го креаирав и тимски „влеговме во оган“ за сложената идеја да стане реалност.

Изградивме платформа која е безвременска и која може да се користи и по завршувањето на корона-кризата и баш интересно е што веќе корисници споделуваат дека дел од алатките ги имаат ставено на својата to-do листа – што многу нѐ радува! Исто нѐ радува што еве веќе една недела од објавувањето на видеото – сѐ уште пристигнуваат позитивни коментари и пораки од луѓе кои го изгледале. Целиот процес ги надмина нашите очекувања и се надеваме дека ќе продолжи да го прави тоа и во иднина, затоа и постојано кажуваме: Да, има два типови на луѓе, ама иднината и за едните и за другите дефинитивно е дигитална.

Повеќе на https://digitalniuslugi.ecommerce.mk/

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии