Lamborghini Madura на Славче Таневски може да стане дизајнoт за првиот хибриден Lamborgini кој е најавен во 2016 година.

Славче е студент по транспортен дизајн на Факултетот за дизајн во Минхен, Германија. Првиот проект кој го работел таму бил спонзориран од Lamborghini. За проектот студентите имале задача да дизајнираат суперавтомобил кој ќе вози 300 километри на час. Останатото е оставено на слобода на студентите. По три месеци дизајнирање, проектите биле преставени пред Филипо Перини, шеф за дизајн во Lamborghini, кој одбрал 3 модели. Меѓу трите одберени е и дизајнот за Lamborghini Madura.

Го прашав Славче како се чувстува знаејќи дека може да влезе во историјата на познатиот италијански автомобил.

„Апсолутно фантастично!“ вели тој.

Славче моментално е на пракса во Mercedes, а претходно работел 9 месеци во BMW (Mini Design) како дизајнер на екстериер. Има уште 2 семестри до завршување на студиите.

Што те привлече кон индустрискиот дизајн? Посебно кон дизајнирање автомобили?

Роден сум со желбата да станам дизајнер на коли. Уште од многу мал цртав разни возила и отсекогаш сум имал желба да станам конструктор на коли (како дете не знаев за поимот дизајнер). Се интересирав многу за темата и многу напорно цртав, вежбав, и истражував. Тоа ми причинува големо задоволство.

Од каде доаѓаат идеите, од каде црпиш инспирација?

Па немам некој таен и вечен талисман или муза што ме инспирира и ме држи фит цело време :), туку сé доаѓа најмногу од талентот, а и од искуството. Сите концепти ги правам така да припаѓаат на некоја марка, во спротивно сметам дека изгледаат безлични. Значи освен позадината на марката, нејзината традиција, и дизајн јазик, одбирам теми кои би биле карактеристични за самиот концепт, и тоа е всушност инспирацијата. Со тоа му давам научна поткрепа, смисла и аргументи на дизајнот. На пример доколку се работи за луксузна лимузина, темата на концептот ја барам во светот каде што би припаѓала колата, на пример кај некои луксузни предмети: часовници, палки за голф или слично. Доколку е суперавтомобил, од борбени авиони, формула 1, sci-fi…

Веќе е клише дека природата како најдобар дизајнер е добар извор, како и модата, апстрактната уметност, но се обидувам да најдам нешто интересно и таму каде што помалку се очекува, на пример начинот на кој се сервира храната и слично.

Инаку при креирањето, задолжително ми е пуштен iPod-от.

За Madura велиш „Правењето на поефикасен и поеколошки автомобил не значи дека не треба да биде возбудлив, да изгледа добро и да е брз.“ Кога имаш идеја што доаѓa прво – дизајнот како да изгледа колата или преформансите кои таа ќе ги има?

Перформансите, и намената на автомобилот (да биде семеен автомобил или спортски и сл.) како и целната група ни се однапред дадени во задачата, или сам ги избирам, па потоа го изработувам концептот, значи конфигурацијата на ентериерот, го дефинирам волуменот, па следи стајлингот, пропорциите, па деталите.

Кој софтвер користиш при дизајнирањето?

Јазикот на дизајнерите е цртањето. Многу млади дизајнери на автомобили почнуваат многу рано дигитално да дизајнираат, и го акцентуираат 3д моделирањето уште на почетокот од разработката на концептот, што мислам дека е погрешно. Секако, програмите за рендерирање и моделирање се од огромна полза и помош, меѓутоа скицата сеуште е најважна, и најчесто таа го продава дизајнот.

Јас, како и 99 отсто од дизајнерите го користам Photoshop за рендерирање на скиците, а за моделирање го користам Alias StudioTools од Autodesk, како водечки програм за моделирање во студијата за автомобилски дизајн. И двата програми се фантастични и имаат бескрајни можности.

Каква би била твојата реакција да видиш кола која ти си ја дизајнирал да те претекне на автопат?

Многу е хипотетичко прашањето. Незнам како би реагирал, можеби ќе ги информирам сопатниците дека јас сум ја дизајнирал колата….Секако дека би ми било драго. Сон на секој дизајнер е неговата креација да биде произведена, но најчесто кај автомобилите денес е случај тие да бидат мешавина од повеќе предлози, на пример фаровите од еден дизајнер, страничната силуета од друг, третманот на површините од трет итн. Најчесто дизајнот е тимски спорт.

Твојот Lamborghini Madura e предлог дизајн за првиот хибриден Lamborghini во 2016 година. Сигурно е возбудливо да имаш шанса да бидеш дел од историјата на Lamborhini?

Апсолутно фантастично!

Какво е твоето гледиште за идните автомобили? Се зборува многу за хибридните автомобили, за автомобили на соларна енергија…

Тоа не зависи од дизајнерите. Тука се важни други фактори, економија, лоби групи, нафтена мафија итн. Факт е дека електричните возила не функционираат денес, имаат мала автономија, претешки се и поскапи од оние на гориво, а не се и многу поеколошки. Електричната енергија не се добива секогаш без последици по околината, а и литиум-јонските батерии не можат комплетно да се рециклираат, и содржат штетни материи. Во секој случај електро возилата би биле помало зло, меѓутоа нивно интензивно имплементирање не е на повидок, барем не во наредните 7 години.

Што би препорачал на читателите кои сакаат да работат индустриски/графички дизајн? Каде да ја најдат инспирацијата? На што треба да се фокусираат?

Професијата дизајнер е една од најпрестижните, и според мене една од накул, професии, барем во Европа, и патот до успехот е многу тежок. Oсвен талентот, упорност и љубовta кон тоа што го работат, потребно е многу, многу работа.
Би препорачал сите да бидат свои при креирањето, многу да вежбаат, да бараат туториали на интернет, да контактираат со дизајнери.

Освен вештината за дизајнирање, многу е важно да знаете како да го продадете дизајнот и како да презентирате.

Што е следното од Славче Таневски?

Моментално работам на таен проект во Mercedes и се надевам дека наскоро ќе можам да го покажам на јавноста. Инаку имам доста необјавени креации, но нека биде изненадување…

За крај… кој ти е омилениот автомобил?

Како дизајн јазик и марка омилен ми е Lamborghini, а како модел има многу: сите актуелни Lamborghini, Alfa Romeo Brera, Mercedes CLS…

Доколку го испуштивте погоре, еве линк до DeviantArt профилот на Славче.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии