Интервју со Митко Цабевски, ко-основач на u:Plug и гостин на Startup Grind Skopje

(Oва е гостински интервју на Ирена Ефремовска од бизнис тренинг центарот Clear View, и организатор на Startup Grind Skopje)
_____________________________________________________________________________________________

Посветеноста кон иновации е тоа што го води Митко Цабевски да креира нови стартапи. Покрај учеството на еден куп регионални и светски стартап настани, поранешниот менаџер за иновации на Vip, веќе има претставено два стартапи – Ambio.me и u:Plug, и е еден од организаторите на Startup Weekend Скопје. Митко е талентиран продукт менаџер, докажан во развојот на стратегии и лансирање на нови продукти, и затоа ни е чест што го имаме како гостин на четвртиот Startup Grind Skopje, каде ќе го сподели своето знаење за како да се дизајнира и продаде иновативен продукт.

Едно од уникатните искуства на Митко е со гео-локацискиот магазин Ambio.me со кој настапи на SeedCamp во Њујорк во 2012-та година. Сега Ambio.me e дел од Itgma. Дали тоа значи дека Itgma ја купи твојата апликација?

„ITgma влезе во Ambio со ореден процент при што мнозинскиот дел го задржавме јас и мојот ко-основач Никола Намичев. Во таа смисла добивме пристап до девелоперскиот тим на ITgma и до нивните ресурси. Заедно развиваме пар интересни апликации за приближување на офлајн и онлајн светот на места како кафулиња, ресторани, продавници, настани и слично“.

Митко во моментот е зафатен со u:Plug, кој е еден од ретките хардверски стартапи во Македонија. u:Plug е иновативен штекер, креиран во соработка со хрватски претприемачи, кој беше поддржан со 25.000 евра инвестиција од бугарскиот акселератор Eleven. Следната фаза е нова инвестиција која ќе им го забрза процесот на производство на штекерот.

„Покрај финансиската поддршка исто така добивме пристап до широка мрежа на ментори и инвеститори. Сепак она што сакам да го напоменам е дека 11 ни овозможи пристап до големи брендови и компании кои имаат своја дистрибутивна мрежа за пласирање на u:Plug. За стартап компании кои се занимваат со хардвер, ваквите конкретни контакти и купувачи значат многу, посебно уште во самите почетоци“, вели Митко.


Советот кој тој го дава е дека да се биде успешен стартап мора да почнеш со добар тим. Никој нема да инвестира во компанија која нема комплетен и способен тим, кој ќе може да ги реализира идеите и да ги претвори во продукт. „Тоа е разликата помеѓу тимовите што победуваат и тимовите кои сакаат да си играат стартапи“, вели Митко. Способен тим може да креира иновативен продукт кој сам по себе ќе си повлече инвестиции.

Митко ќе го сподели своето искуство на четвртиот Startup Grind Skopje, каде ќе се обиде да ги мотивира македонските претрпиемачи да креираат нешто ново. Поттик за ова е што стартап сцената полека се менува на подобро, вели тој, со позитивни примери кои влеваат надеж дека ќе изградиме нешто од тука. Но, македонските претприемачи ги чека многу работи за да изградат солидна стартап сцена.

„Еден од главните проблеми е стравот да се почне нешто свое. Аверзијата кон ризик се уште е многу голема и се пренесува од генерација на генерација. Навистина сум тажен кога млади и паметни луѓе се одлучуваат за некоја „сигурна” работа во администарција наместо да пробаат нешто свое. Било што.

Едноставно треба да се смени начинот на размислување односно ставот кон ризик и неуспех. Ниту еден претприемач не успеал од првпат. Најчесто има десетеци неуспешни проекти позади себе пред да успее. Но за разлика од кај нас неуспехот не се сфаќа трагично и како “крај на светот”. Напротив, во земјите со развиена стратап сцена младите луѓе се мотивираат од секој неуспех да научат нешто повеќе и никогаш да не се откажуваат“, вели Митко.

1 коментар на “Интервју со Митко Цабевски, ко-основач на u:Plug и гостин на Startup Grind Skopje

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии