Интервју со Матеј Плавевски, еден од победниците на Google Code-in

Image Courtesy of Matej Plavevski

Google Code In е натпревар во програмирање наменет за помладите генерации. Илјадници ученици и средношколци од целиот свет учествуваат на натпреварот, а како помош на учениците се јавуваат поголемите организации кои работат со отворен код. Она што е одлична вест, и ќе ги израдува сите наши читатели е дека оваа година еден од победниците беше и Матеј Плавевски – средношколецот од Скопје, кој веројатно го помните по популарниот текст во кој тој ни го опшица целиот процес за развивање на дрон како „помошник“ во борбата со загадување. Матеј има направено и Twitter бот кој ги пинга властите кога загадувањето ќе го надмине дозволениот левел.

По повод добивањето на признание на Google Code In, Матеј го посети Сан Франциско и седиштето на Google, а ние помуабетивме со него на таа тема.

Google ве повика сите учесници во Сан Франциско на наградно патување. Како помина патувањето?

Матеј: Наградата за сите победници беше патување во Сан Франциско, Калифорнија. Во 5те дена додека бевме таму ги посетивме канцелариите на Google во Сан Франциско и кампусот во Силиконска долина. Имавме презентации на проектите на кои што работевме. Ни беа организирани презентации на теми за кои претходно изразивме интерес. Ни беше понудено и самите да станеме ментори на GCI и да се пријавиме за програмата Google Summer of Code која е наменета за студенти. Секако не прошетаа и низ Сан Франциско и ни дадоа цел куфер подароци :-).

Најдобриот дел од патувањето беше тоа што сите победници меѓусебно се здруживме (комунициравме и на приватен чет кој јас го креирав уште кога дознавме дека сме победници), а истовремено остваривме контакти со луѓе од најразлични организации и сектори. Секој учесник беше пречекан и од вработен во Google кој доаѓа од неговата земја. Мене ме пречекаа двајца. Тетка Нада која работела на Google Glass и други wearables проекти, и Максим. Тетка Нада беше толку среќна што ме гледа што и по завршувањето на официјалниот дел продолживме да се дружиме. Патувањето ми беше највредна награда што некогаш сум ја добил.

Матеј Плавевски во седиштето на Google во Сан Франциско (Image Courtesy of: Матеј Плавевски)

Кажи ни нешто повеќе за Google Code-in. Како се пријави? Тежок ли беше натпреварот и кои беа задачите? Дали се изненади кога се виде во листата на победници?

Матеј: Google Code-in е натпревар за ученици од 13 до 17 години со цел да се поттикнат да се приклучат кон придонесување на проекти кои се под Слободен Софтвер. Се вклучуваат разни организации чии ментори се задолжени за креирање на задачи (проблеми) кои учесниците ги решаваат во период од 7 недели.

Имаше задачи за секого. Некои тешки, некои полесни. Задачите беа од типот на програмирање, дизајн, документација и проверка на кодот (Quality Assurance).

Кога дознав дека победив беше наутро и последен ден пред зимскиот распуст. На мојот телефон имаше нотификација за нов мејл од Google. Кога го отворив ја дознав веста дека моите ментори не одбрале мене и уште еден учесник за победници од нивната организација (CCExtractor). Веднаш се расонив :-). Во меѓувреме дел од менторите ми честитаа на платформата каде што комунициравме, а моите соученици и наставници дознаа по официјалното известување на Google, две недели подоцна.

Матеј Плавевски во седиштето на Google во Сан Франциско (Image Courtesy of: Матеј Плавевски)

Каква пак беше конкуренцијата?

Во Code-in учествуваат повеќе организации како што се Drupal, Fedora Project, JBoss, KDE, openWISP, PostgreSQL и други. Некои од нив привлекуваат повеќе учесници, некои помалку. Некои од учесниците се повеќе запознаени со овие организации и знаат добро на кој начин функционираат. Во Code-in имаше едно главно правило што сите го знаевме, квалитет пред квантитет. И со 100 решени задачи можеш да изгубиш од некој што решил 15, ако тој работел на посложени задачи и дал поголем придонес кон решавање на проблемот.

Од каде ти се појави желбата за програмирање и како научи да програмираш?

Татко ми е тој што ми го покажа светот на програмирањето. Тој ми ги даде основите и со големо трпение ме воведуваше во различни проблематики. По природа сум чепкало и сакам да пратам се што се случува во ИТ светот. Редовно читам за новитетите и пробувам да ги користам и комбинирам различните технологии. StackOverFlow, GitHub и моите најблиски се тие што секогаш ми помагаат да се подобрувам.

Матеј Плавевски во седиштето на Google во Сан Франциско (Image Courtesy of: Матеј Плавевски)

Твојот текст за користење на дронови за мерење на загадувањето наиде на одличен фидбек од нашата публика. Дали покрај овој работиш и имаш работено и на некои други твои проекти?

Од темата за загадување на воздухот имам изработено и Twitter бот кој твиташе кон надлежните кога загадување беше над дозволениот лимит на AQI нивото.

Во моментот работам на проектот [SpeakOut] кој беше одбран како еден од најдобрите проекти на светско ниво од страна на УНИЦЕФ. Ова е тимски проект и за него добивме финансии за реализација, која во периодов ја спроведуваме. Дел од проектите кој сум ги работел може да ги најдете на GitHub: [@matejmecka]

Помеѓу сите обврски на училиште, кога наоѓаш време да се посветиш на програмирање?

Се обидувам да ги завршам прво сите обврски кон училиштето, а потоа се посветувам на програмирањето и другите хобија. Не е секогаш лесно, имало непроспиени ноќи, ама сето тоа се заборава кога проектот ќе се покаже како успешен. Едноставно уживам во работата :-).

Матеј Плавевски во седиштето на Google во Сан Франциско (Image Courtesy of: Матеј Плавевски)

Што би сакал да работиш во иднина? Дали се гледаш во Google можеби? :)

Би било убаво да работам во Google :-). Од областа на информатиката во последно време најмногу ме интересира Machine Learning и можеби тоа ќе биде мојата идна професија.

Имаш ли некој совет за сите твои соученици кои сакаат да започнат да програмираат?

Програмирањето не е страшно, туку напротив забавно. Ако од прва не работи, не се откажувајте. Програмирањето бара трпение и работа. Со тек на време станува се полесно и се решаваат се покомплексни проблеми. Битно е да се ужива во процесот. Ни Рим не бил изграден за ден :-)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии