Интервју со македонското студио Three Cats Games и нивните игри

Кажете нѝ на кратко за Three Cats Games, како настана и дали сте работеле на некои претходни проекти (игри или слично на тоа).

– Three Cats Games е многу мало македонско студио кое настана пред сè од забава и желба да се направи игра за на мобилен телефон. Изработува Андроид игри и постои отприлика една година. Кога станува збор за името, тоа потекнува од нашите три домашни миленичиња – мачињата Кика, Моника и Џесика :) Досега имаме неколку бесплатни игри на Google Play маркетот како што се Mathstones, Clouds, Shape и Four Sheep, но најголем успех во играност постигнуваме со Mathstones Memory и Ufo, па затоа целиме кон нивно надоградување и промовирање.

Колку е тешко да се биде развивач на игри од Македонија?

– Развивањето на игри во Македонија е многу малку застапено како област, па со тоа има недостаток на соработка и разменување на мислења околу тоа. Но, и покрај тоа, кога станува збор за развивање на игри за широк таргет на играчи на англиски јазик, не е важно каде се наоѓате.

Кои се најдобрите моменти поврзани со професијата?

– Најдобар момент при развивањето на игри е кога ќе го видите на екран и ќе го поиграте она кое што сте планирале да го направите. Моментот кога нацртаното на лист хартија го имате дигитално и интерактивно. Тогаш заборавате низ кои непредвидени проблеми сте поминале во периодот од бреинстормингот па се до целта.

Која е вашата омилена книга, филм и игра?

– Од книги не би можеле да издвоиме баш омилена, за филм исто така, но најверојатно би бил еден од многуте омилени хорор трилери. Како најомилена игра би ја издвоиле Broken Sword, сите делови.

На кратко за Mathstones Memory, зошто би ја играле? :)

– Приказната за Mathstones Memory започна како резултат на желбата да се направи игра меморија, попривлечна од останатите игри со меморија на Google Play, а воедно и да се направи продолжение на нашата прва игра Mathstones која што е математичка пазл игра за папагалот Ози кој се изгубил длабоко во џунглата. Исто така, играта располага и со глобална листа на поени, така што играчите цело време да натпреваруваат до каде стигнале.

Од каде интересот за игри како Ufo, или Mathstones Memory?

– Ufo и Mathstones Memory, како и останатите наши игри се вбројуваат во едноставни игри. Игри кои не бараат од корисникот да размислува многу или да чита многу текст. Играчите воопшто не се присилени да извршуваат некои комплицирани задачи, а самата механика ги води и ги тера да постигнуваат сè повеќе и повеќе. Токму тоа беше инспирација да ги направиме игрите онакви какви што се. Станува збор за игри кои може да ги играат луѓе од различна возраст, најмладите најверојатно поради изгледот, а постарите за вежба на мозокот и концентрација.

Дали вие го пишувавте кодот, или користите туѓ енџин? Колку е тешко таквото нешто?

– Да, кодот го пишувавме сами, од нула. Игрите се напишани во ActionScript 3, AIR фрејмфорк, а потоа портирани за Android. Кога се има познавање и однапред се направи план и документација што точно треба да се изработи, воопшто не е тешко.

Со кои елементи во вашите игри највеќе се гордеете?

– Најпрво, се гордееме со тоа дека имаме наши игри на Google Play маркетот кои се достапни за цел свет. Кога станува збор за елементите, секоја наша игра се карактеризира со минималистички, но во исто време и симпатичен изглед.

Дали сте наишле на проблематични багови или непредвидени компликации при развојот и како излеговте на крај со таквите предизвици?

– Во однос на логиката и гејмплејот во игрите не. Мали компликации може да се каже дека имавме во однос на имплементацијата на екстензиите за користење на Google Play сервисите.

Дали можеме да очекуваме нови механики и елементи во идните надградби на вашите игри?

– Да, секако дека може да се очекува нови надоградувања и продолженија од нашите игри. Се додека има играчи од наш таргет, ние нема да престанеме со нови изненадувања и механики на постоечките, а секако не би ја исклучиле можноста и за создавање на нови игри.

Дали моментната верзија на Mathstones Memory премногу се разликува од вашите првични планови и има ли одредени механики кои навистина сакавте да ги имплементирате, но на крајот решивте да одите со нешто поразлично?

– Па секогаш постои нешто на крајот кое што скршнува од замислената цел. Можеби не како дел од содржината на играта, туку крајната дистрибуција, односно на кои платформи ќе ги имаме игрите. Поради лимитираноста од страна на буџетот, моментално не сме во можност да ги извадиме за iOS App Store и Facebook Instant Games, кои беа дел од првичните планови.

Дали планирате и јазична локализација на македонски или некој друг јазик?

– Моментално, не. Но, доколку се зголеми интересот за игрите во други земји, може да се земе во предвид за превод на истите на нивниот јазик. За во Македонија исто така, не би ја исклучиле можноста да се направи игра на македонски јазик за најмладите.

Како сте задоволни од моделот на заработка за вашите игри и реакциите на фановите?

– Игрите се релативно нови на маркетот, па тешко може да го процениме квалитетот на моделот за заработка. Како што веќе инсталиравте и видовте, игрите се бесплатни и моментално користат само реклами без никакво форсирање. Со текот на времето и надежно испливување на игрите на повисок ранк, би биле далеку позадоволни. Доколку ги инсталирате и позитивно ги рејтувате, многу би ни значело нас, а и на игрите за подобро место на листата на игри на Google Play :)

Кои се вашите идни планови? Дали планирате да запливате и во води кои припаѓаат на малку поразлични жанрови?

– Како што напишавме погоре, еден од идните планови е да ги рашириме игрите на повеќе платформи меѓу кои iOS App Store и Facebook Instant Games. Од страна на насочување кон други жанрови, секако би биле заинтересирани, доколку се добие инспирација за тоа или како пример изработка на Click and point авантура, која отсекогаш сме имале желба да ја направиме.

Совет за моментните или идните девелопери на игри од или во Македонија?

– Оние кои веќе изработуваат игри нека продолжат, а оние кои се двоумат, без страв нека започнат. Нека испитаат какви игри сакаат играчите, а не какви игри нив им е убаво да прават. Секогаш поставете си го прашањето, како да се разликувате од другите? Да му покажеме на светот дека и од Македонија може да излезат квалитетни игри :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии