Интервју со македонското студио Sindex за нивната игра SciGirl: The Internship

Откако нè заинтригира демото на македонската игра SciGirl: The Internship, решивме деновиве да поразговараме со Михајло, претставник од студиото Sindex и да поставиме бројни прашања не само за нивната игра, туку и за нивните интереси и размислувања поврзани со гејмерската индустрија.

Кажете нѝ на кратко за Sindex, од кого е составен тимот, колку време постои, каде е седиштето и дали сте работеле на некои претходни проекти (игри или слично на тоа).

  • Идејата, желбата и пасијата за создавање на видео игри кај нас постои од кога за првпат сме се запознале со нив. Откако работевме на неколку проекти и го формиравме вистинскиот тим, решивме дека е време да ги раскажеме нашите приказни преку создавање на уникатни искуства кои можат да се доживеат преку нашите игри. Sindex како студио за развивање на игри, официјално постои една година. Тимот е составен од луѓе за кои што креирањето е рамнотежа помеѓу редот и хаосот, логиката и уметноста, кодот и дизајнот. Студиото се наоѓа во Скопје како бренд на Web Factory, компанија за развивање на софтвер која потои повеќе од 11 години.

Колку е тешко да се биде развивач на игри од Македонија?

  • Како во секоја индустрија така и во оваа, почетоците не се лесни, но пасијата, желбата и страста кон технологијата се двигателите кои што ни даваат мотив да продолжиме и го правиме тоа што најмногу го сакаме. Во 2009 година, кога започнавме со Web Factory, поставивме неколку цели што сакавме да ги оствариме. Најважно беше да се изгради место што ќе ни помогне да создаваме, да се развиваме и да го извлечеме најдоброто од нас. Место каде луѓето можат да станат подобра верзија за себе, да го постигнат својот целосен потенцијал и да ја изразат својата страст. После 11 години напорна работа, можам да кажам дека ја остваривме првата цел.
  • Другите цели беа да сето она кое сме го научиле низ годините, сите вештини кои ги стекнавме, ги искористиме и преку технологијата ја покажеме нашата пасија на одредени полиња. Во 2019 ја претставивме страста за ML (Machine Learning) и AI (Artificial Intelligence) преку Pendulibrium, (истотака бренд на Web Factory) кој се фокусира на развој на софтверски решенија со употреба на машинско учење и вештачка интелигенција. Неодамна, го претставивме и официјално нашето студио за игри, Sindex.
  • За да се изгради успешен тим за развој на игри во Македонија е навистина предизвик. Од претходното искуство што го имаме со правење апликации, развивање на игра е дефинитивно најкомплетниот вид на “апликација” која ги опфаќа сите аспекти со кои се имаме сретнато до сега. Самото тоа бара многу разновиден тим со различни дисциплини и искуства, кои заедно треба да ги решаваат сите предизвици.

Кои се најдобрите моменти поврзани со професијата?

  • Најдобрите моменти се оние моменти кога самите го гледаме крајниот резултат и чувството на задоволство што го доживуваме знаејќи претходно колку напорно сме работеле за да си ја оствариме замислата и целта. И секако еден од најдобрите моменти е што играњето игри е дел од нашата работа.

Која е вашата омилена книга, филм и игра?

  • Бидејќи не би можеле да одвоиме по една книга, филм или игра, ќе наброиме неколку. Од книги/стрипови би ги одвоиле: The Hitchhiker’s Guide to the Galaxy, Wolverine: The End, Batman: The Court of Owls, Dune (цела серија) и Teenage Mutant Ninja Turtles: The Idw Collection. Од филмови би биле: Idiocracy, Lord of the rings, Lock, Stock & Two Smoking Barrels,  Equilibrium и Monty python and the holy grail. Додека пак од игри би биле: Assassin’s Creed (цела серија), Minecraft, Mass Effect (цела серија), Anno (цела серија), Commander Keen и Street Fighter. Секако и нашата прва игра SciGirl: The Internship.

На кратко за SciGirl: The Internship, зошто би ја играле? :)

  • SciGirl: The Internship, е 2D авантуристичка игра, платформер, сместена во универзитетска лабораторија каде што професорот на протагонистот Соња, се обидува да синтетизира хемикалија што може да ги направи работите помали или поголеми. Нашиот протагонист е пост-дипломирана млада девојка, водена од своите соништа да стане вистински научник, која што започнува со пракса во универзитетската лабораторија под раководство на професорот. Рачно нацртаниот дизајн доволува уникатно искуство, каде играчите треба да решаваат едноставни, но предизвикувачки загатки и да се спротивстават на непријателите во потрагата на главниот лик, раскажана преку интересна приказна претставена во мешана форма на стрип и игра. Играчите ќе ја контролираат Соња (протагонистот во играта) со помош на тастатура или контролер, додека таа се движи низ различните нивоа што се поделени во четири различни „света“, наносвет, микросвет, милисвет и минисвет.

Од каде интересот за ваква игра?

  • Љубовта кон стрипови, желбата да се прикаже еден поинаков свет, како и долгогодишното играње на платформери и игри со загатки беа клучните фактори за тоа со каков тип на игра ќе почнеме да ги раскажуваме нашите приказни.

Дали вие го пишувавте кодот, или користите туѓ енџин? Колку е тешко таквото нешто?

  • Во денешно време, посебно за инди студија е скоро незамисливо да не се користат туѓи енџини како Godot, Unity, Unreal и останати, бидејќи без нив времето за изработка би се продолжило многу, а тоа подразбира и зголемување на трошоците кои и те како се важни за едно инди студио. Како што користењето на туѓи енџини има предности, така има и слабости кои се елиминираат со тоа што се пишува свој дополнителен код преку кој се изработуваат механики или имплементира дизајн за да се комплетира целосната идеја за играта.

Со кои елементи од играта највеќе се гордеете?

  • Дизајнот, приказната и уникатната механика на зголемување и намалување на органски работи се елементите од играта со кои што се гордееме најмногу. Преку рачно нацртаниот дизајн сакаме да доловиме уникатен свет како што ние го замислуваме бидејќи не може да се види со голо око во секојдневието. Долгогодишната страст кон читање стрипови не натера да ја претставиме приказната во вид на стрип, за кој е во план по објавување на играта, да издадеме и реална стрип верзија од целата игра. Уникатен елемент во оваа игра е и самата механика која овозможува зголемување и намалување на непријателите и органските препреки.

Кој е најпроблематичниот или, можеби, најсмешниот баг кој ви одземал најмногу време и ресурси за исправање?

  • Багот кој ни одземал најмногу време е поврзан со првата загатка која се наоѓа на средина од демото, и всушност мислам дека сеуште се појавува во одредени ситуации. Се надеваме дека ќе го поправиме во најбрз можен рок :)

 Дали моментната верзија на SciGirl: The Internship премногу се разликува од вашите првични планови и има ли одредени механики кои навистина сакавте да ги имплементирате, но на крајот решивте да одите со нешто поразлично?

  • Моменталната верзија од играта се разликува од првичните планови каде идеата беше да се направи посимплицифирана платформер игра, но како што влегувавме подлабоко во дизајнот на механиките, се повеќе ни се појавуваше желбата за креирање на покомплексна игра која ќе биде проследена со добра приказна и претставена со уникатен рачно нацртан дизајн. Во првите 2-3 месеци си игравме со најразлични механики и дизајн на нивоата, се додека не ги прилагодивме сите работи за да заклучиме како ќе изгледа и какви механики ќе има финалната верзија. Сега сме во фазата каде техничкиот дел од играта, програмирањето и механиките се скоро завршени и тоа што преостанува е имплементација на визуелниот дел, дизајнот, анимациите, ефектите и стрипот за да се долови приказната.

Дали ќе можеме да ја видиме играта на некоја друга платформа освен Steam?

  • SciGirl: The Internship ќе биде игра за десктоп компјутери и конзоли. Покрај Steam, ќе може да се превземе и од GOG, а се работи и на тоа да биде достапна и на PlayStation Store и MicrosoftStore за Xbox.

 Дали планирате и јазична локализација на македонски или некој друг јазик?

–         Покрај англиски јазик, ќе има локализација на повеќе јазици од кои еден ке биде и македонскиот јазик.

Кога би можеле да ја очекуваме финалната верзија на SciGirl: The Internship?

  • Финалната верзија на SciGirl: The Internship е планирано да излезе при крајот на 2021 година.

 Дали можеме да очекуваме нови механики и елементи во финалната верзија?

  • Секако, играта содржи и други механики и елементи, покрај тие што се претставени во демото, кои се стекнуваат во текот на играта. Како се прави прогресија од еден во друг свет, така се добиваат и нови механики.

 Кои се вашите идни планови? Дали планирате да запливате и во води кои припаѓаат на некој друг жанр?

  • Има неколку идеи кои имаат потенцијал да бидат претворени во игри, а припаѓаат на други жанрови, но повеќе за тоа би можеле да кажеме по објавувањето на нашата прва игра. Исходот на тие идеи и која следна игра би започнале да ја развиваме ќе зависи и од успехот на SciGirl: The Internship.

Кажете нѝ за игра што навистина би сакале да ја направите, независно од пречките?

  • Независно од сите пречки би направиле Arcade-Fighting игра, некаков twisit на Evil Genius или пак некоја игра во отворен свет каде карактерот би бил во трето лице.

Совет за моментните или идните девелопери на игри од или во Македонија?

  • Без разлика дали е програмер, аудио инженер, дизајнер, продуцент, инженер за квалитет и слично, што се занимава или сака да почне да се занимава со развивање на игри, треба од самиот почеток да знае дека индустријата на игри е една од најтешките во која што може да се влезе, а уште потешко е да се задржи континуитетот на пазарот со повеќе игри. Желбата и пасијата на тимот секако се основни и главни двигатели на еден тим за развој на игри. Меѓутоа никогаш не смее да се занемари и потребата од напорна работа, искуство во работа на комплексни проекти и секако истрајноста. Најбитно од се е да се изгради соодветниот тим кој ќе дели единствена цел. Многу е битно секој член од тимот да може целосно и слободно да може да ја искаже и посвети својата креативност и знаење во идеите за игри. Секој кој сака да работи во тим кој ќе развива видео игри е многу битно да се пронајде во тимот и околината, каде што ќе се чувствуваат најисполнето, и целосно и безрезервно ќе може да се вложат во креирањето. Успехот сам по себе ќе си дојде.

Демото од играта може да се превземе од Steam преку следниов линк!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии