Интервју со Керолин Спенсер од Amazon: „Во Македонија има многу добри стартап идеи“

Пред некое време ја запознавме Керолин Спенсер. Керолин работи во Amazon, а во Македонија се најде преку Swiss EP програмата, дојдена во Скопје како EiR (Enterprenuer in Reidence) за да работи со македонскиот стартап еко систем. Своето знаење од Амазон и Силиконската Долина таа имаше шанса да им го пренесе на македонските претприемачи и основачи на стартапи.

Керолин ја почнала својата работа во Amazon во секторот за маркетинг, за подоцна да сфати дека повеќе ја интересира истражувањето на корисници преку кое може подобро да ги разбере проблемите на корисниците за потоа да може да го интегрира гласот на корисникот во развојот на продукти во Amazon.

„Секогаш разговараме со клиентот и сите проблеми или подобрувања ги прилагодуваме на најсоодветен начин врз основа на нивните повратни информации,“ – вели Керолин.

Какво е твоето досегашно искуство во Македонија? Кое е твоето мислење за стартап сцената тука?

Она што го приметив е дека луѓето имаат навистина добри идеи. Тука сум ограничено време, но од она што го видов е дека има навистина добри и многу различни идеи од она што го гледам кај нас. Ми се допаѓа и фактот што тука повеќето луѓе размислуваат кон дигитализација.

Она што ме изненадува и радува, е дека големите компании и корпорации сакаат да работат со луѓето од стартап екосистемот. Мислам дека тоа е одлично и дека треба да биде случај во повеќето компании. За корпорациите е потешко да размислуваат агилно и да размислуваат од таа стартап перспектива. Затоа мислам дека е добра можност и за двете страни, големите компании од една и стартапите кои имаат нови и иновативни идеи од друга страна, доколку се оствари соработка.

Дали е ова и случај во Америка? Од она што си го видела, дали постои соработка помеѓу големите компании и стартап екосистемот таму?

Би рекла дека не постои некоја голема соработка. Мислам дека некои работи повеќе се прават за поголема ПР изложеност, отколку за вистински развој на стартап екосистемот. Според мене компаниите треба повеќе да ги охрабруваат студентите и луѓето кои работат во тоа поле повеќе да размислуваат и да иновираат бидејќи тоа може да биде од корист за сите.

На ова се надоврза и Нина Николиќ, претставник на Swiss Contact програмата во Македонија, која има искуство во работење и развој на македонскиот стартап систем, како и искуство во работа со интернационални стартапи, во овој случај во Америка.

„Од она што го видов додека бев таму, е дека големите компании спонзорираат и организираат настани. Но, кога станува збор за вклучување на стартапите во работата, тоа не е случај“, – вели Нина.

Темата за полова нееднаквост сѐ уште е многу актуелна. Како е да се биде жена во тој tech свет? Дали постои полов јаз во Amazon?

Скоро во секоја поголема компанија за технологија половиот јаз постои, тоа е веќе добро познато, па и Amazon го следи овој тренд. Но, ние се трудиме да го намалиме тој полов јаз.

Со кои предизвици се среќаваш во работата? Кои проблеми се дел од твоето секојдневие во Amazon?

Мислам дека како и повеќето, менаџирање со времето и поставување приоритети. Во Amazon секогаш треба да размислуваш на долг рок, но и да ги испланираш чекорите како да стигнеш до таму и да реагираш брзо. Предизвикот кога треба да реагираш брзо е што можеш и полесно да згрешиш.

Во Amazon тимовите се навистина големи, па споделувањето на идеи исто така може да биде предизвик, како и иновативноста и располагањето со доволно време за размислување на нови идеи. Во Amazon тимовите се поделени според продукти или услуги, може да имате тим од околу 400 вработени кои работат на иста задача, што сепак е голем број. Затоа некогаш навистина е голем предизвик да се работи и размислува агилно и да се направи најдобриот продукт или услуга за корисниците на брз и најдобар начин, што за мене може да биде проблем бидејќи сум перфекционист. :)

Што би им препорачала на младите кои сега почнуваат да ја градат својата кариера?

Споделувајте ги своите цели со другите, доколку јас не ја споделив мојата желба за патување и работа со стартапи со Нина, можеби никогаш немаше да се најдам тука.

Секогаш имајте доверба во себе и останете позитивни.

За крај, можеш ли да одвоиш еден омилен продукт од Amazon?

Би рекла дека тоа е Alexa, иако тоа е сервис. За мене тоа е навистина интересно и возбудливо и мислам дека има голем потенцијал за развој. Посебно за постарите луѓе кои немаат вештини за ракување со технологија, може многу да им помогне. Пример, јас често ја користам Alexa за да и се јавам на мојата баба која е стара и не знае да користи технологија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии