Интервју со Кати Ицева, одговорен менаџер за развој на софтвер во Microsoft

Оваа година од 7-ми до 10-ти ноември по седми пат ќе се одржи Самит Македонија2025, динамична платформа за споделување на знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите.

Меѓу говорниците на Самитот Македонија2025 ќе биде и Кати Ицева, одговорен менаџер за развој на софтвер во Microsoft, која ќе биде дел од панелот за дигиталната трансформација како бизнис овозможувач (Digital Transformation as a Business Enabler). Имавме можност да разговараме со Кати за нејзината кариера во Mirosoft, како и што да очекуваме од овогодинешниот Самит Македонија2025.

Кажи ни нешто повеќе за себе, која е Кати Ицева?

Уште од мала, многу сакав математика и се натпреварував на републичко и (тогаш) сојузно ниво. Тоа ме наведе да студирам компјутерска техника и информатика на Електротехничкиот факултет во Скопје. За време на студиите бев активно вклучена во ИАСТЕ, прекрасна организација која е сѐ уште многу активна, на која и должам за богато меѓународно работно искуство за време на студиите. По дипломирање и кратко работно искуство во Македонија заминав на постдипломски студии на универзитетот Worcester Polytechnic Institute во Масачусетс, каде добив стипендија, а работев и како асистент. Потоа се вработив во Microsoft, каде повеќе од 15 години работам на креирање нови технологии и испорачување производи кои се користат ширум светот, вклучувајќи .NET Entity Framework и Power Query, технологија интегрирана во Excel. Моментално работам како Principal Software Engineering Manager во Azure Stream Analytics, скалабилен клауд сервис за аналитика во вистинско време..

Кога не работам, уживам во јога, скијање, трчање, планинарење и лизгање. Со сопругот Александар и нашите деца Филип (13) и Миа (9) живееме во Сиетл, Вашингтон.

Твоето работно искуство е навистина импресивно. Како „заврши“ во Microsoft?

За време на постдипломските студии, во период кога економијата не беше многу добра, бев единствената од универзитетот што доби летна пракса во Microsoft, делумно благодарејќи на истражувањата на кои што работев, добрите оценки, и претходното ИАСТЕ искуство.  По успешната пракса ми понудија да се вратам на постојана работа по завршување на студиите. Тоа беше остварување на мојот професионален сон. Ми даде можност да придонесувам во иновирање на најнови технологии притоа соработувајќи и учејќи од врвни експерти во индустријата. Тоа е една од главините причини што сум сѐ уште во Microsoft.

Како изгледа еден работен ден на Кати? Кои се твоите задолженија во Microsoft?

Како инженерски менаџер во Azure Stream Analytics, јас работам на имплементирање нови функции, надградба на дизајнот и визијата на сервисот, комуникација со клиентите, и напори подобро да го разберам нивното искуство и потреби, да се погрижам тимот да е целосно запознаени со инженерскиот циклус, како и да соработувам со останатите тимови од Microsoft за да се допринесе кон лесно прилагодливи продукти за нашите клиенти.

Мојот ден обично започнува со утрински состанок со мојот тим. Потоа, се информирам со активностите на тимот кој ги поддржува нашите клиенти околу светот. Остатокот од денот го посветувам на изработка на соодветна стратегија за производи, планирање и соработка со другите тимови од Microsoft, како и прегледување дизајни и кодови.

Застапеноста на жените во оваа индустрија не е на посакувано ниво, ИТ секторот сѐ уште е доминиран од мажите. Дали мислиш дека овој тренд ќе продолжи? Според тебе, на што се должи овој полов јаз?

Да, како што знаеме, жените се и тоа како недоволно застапени во технолошките компании, особено кога ќе се земат во предвид лидерските позиции. Има бројни докази за тоа како различна работна сила допринесува кон цврст морален столб и подобро функционирање на бизнисите. Охрабрувачки е тоа што, во последно време, се забележува свесноста кај технолошките компании и се преземаат напори кон правилно разрешување на оваа прашање.

И покрај ова, сметам дека можеме уште многу да направиме. За почеток, уште од раните години, можеме да ги нудиме истите можности на девојчињата како и на момчињата, и подеднакво исто да ги изложуваме децата на технолошкиот напредок и производи. Можеме да нудиме и да ги охрабруваме девојчињата да одат на кампови посветени на технологијата и образованието, за истите да не се чувствуваат како да потфрлиле во тој поглед и да им се скратени можностите при бирање кариера. Покрај ова, како дополнителна бариера, често се истакнува стереотипот дека девојчињата и жените не се по инженерски/ компјутерски науки и дека таму не им лежи интересот. Во борба против таквото нешто, беа лансирани кампањи како „Јас изгледам како инженер“ (I look like an engineer), кои ги прикажуваат жените како успешни во нивната работа, но и како мајки, модни дизајнери, или спортисти. За крај, за да ги поддржиме жените кои влегуваат во оваа индустрија, би требало да бидеме свесни за пристрасноста која би можела да произлезе од половиот јаз и да научиме правилно да го препознаваме таквото нешто, во нас, но и кај другите. Microsoft, на пример, има задолжителна обука на вработените за таканаречената несвесна пристрасност.

За сите они кои сонуваат за напредок во својата област и за работа во некоја од најголемите светски компании како што е Microsoft, на што би им препорачалa да се фокусираат за да успеат?

Постојат многу добри совети за напредување во кариерата, но би изделила 3 совети кои, сметам дека не само што се исклучително корисни, туку и се универзални и применливи за каква било кариера.

Прво, навистина помага да сте опседнати со полето во кое специјализирате или со работата која ја работите. Полесно го инвестирате вашето време и енергија во нешто за што имате вистинска страст, а и поголеми се шансите вашиот труд да вроди подобри резултати.

Второ, што и да работите, вложувајте максимум и потрудете се најдобро што можете да ги извршите вашите обврски. Дури и да не ја работите вашата омилена работа во моментот.

Последниот совет е и најважен, а тоа е да пристапувате кон работите со отворен ум и да сте отворени кон доживотно учење. Се работи за изградување став чија цел нема да е да знаете сѐ, туку да учите сѐ. Бидете отворени за нови идеи и не брзајте да ги отфрлите идеите кои се поразлични од вашите. Сево ова подразбира и дека не треба да се плашите од порази, туку да мислите што сѐ можете да научите од нив.

Ваквиот начин на размислување, кој целосно се фокусира на правилен развој, е во сржта на културата на Microsoft и сметам дека позитивно влијае на успехот на компанијата, искуството на клиентите и растот и задоволството на вработените, особено во последните години.

Доаѓаш во Македонија како еден од говорниците на Macedonia 2025, која е пораката која ќе ја испратите оваа година?

Како и секоја година, самитот ќе биде одлична прилика да се чуе за трендови во економијата, регионалните инвестиции и трговија, како и за најновите технолошки достигнувања во технологијата и здравството.

Јас ќе зборувам на панелот за дигиталната трансформација како бизнис овозможувач (Digital Transformation as a Business Enabler). Во време кога, компјутерската наука и пресметките имаат пуштено корени во сите аспекти на вистинскиот свет, од производство, финансиски услуги и сервиси, здравство, образование, нафтената и гасната индустрија, земјоделството, ова е тема која се наметнува како исклучително важна за сите бизниси и организации. Јас ќе истакнам одредени технолошки достигнувања кои допринесуваат кон обработка на податоци и вештачка интелигенција со кои што повеќе бизниси ќе можат да ги имплементираат продуктите на технолошката иновација.

Подеднакво се радувам за работите кои ќе ги споделам, но и за работите кои ќе ги научам од останатите учесници и останатите говорници.

 

Доколку сакате да учествувате, карти за самиотот може да најдете на следниот линк.


Напомена: IT.mk е медиумски партнер на Самит Македонија2025.

1 коментар на “Интервју со Кати Ицева, одговорен менаџер за развој на софтвер во Microsoft

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии