Интервју со Иво Ивановски

Престојувајќи 11 години во САД, Иво има работено како менаџер на ИТ секторот во најголемата приватна компанија за производство на плексиглас Plaskolite. На оваа функција тој бил задолжен за развој и одржување на компјутерската технологија, ИТ архитектурата, тренинг и развој на вработените, како и одржување на VPN инфраструктурата помеѓу четирите фабрики на компанијата. Во Plaskolite тој започнал во 1997 година како технички специјалист за одржување на компјутерска опрема.

Освен функцијата министер за информатичко општество, Иво Ивановски е и советник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за прашања поврзани со информатиката и економијата. Тој зборува англиски, српски и хрватски, а разбира и шпански.

Иво Ивановски е активен член на Македонско-Американската Пријателска Асоцијација, како и член на раководниот одбор на македонската црква во Колумбус, Охајо.

На многу луѓе не им е јасно што всушност претставува позицијата Министер за информатичко општество? Кои се Вашите обврски и функции и со што сé се соочувате во текот на еден просечен работен ден?

Министерот за развој на информатичкото општество, како што стои и во самиот наслов, е задолжен за развивање на информатичкото општество во државата, преку предлагање на нови проекти, истражувања, развој, следење и реализирање на проектите што ја опфаќаат информатичката технологија во сите институции во Владата на РМ. Координацијата на сите проекти е многу битна за да не дојде до дуплирање на проектите и непотребно трошење на буџетските средства. Затоа и го оформивме и Секретеријатот за информатичко општество, како тело кое што задолжително ќе биде консултирано, пред започнување на нови ИКТ проекти.

Покрај проектите, значајна е и политиката што треба да ја спроведува  Владата, да предлага закони кои што министерствата треба да ги променат или донесат, за да се направи добра клима во Македонија за да имаме побрз развој и подобра позиција за привлекување на странски директни инвестиции.

Веќе година и пол откако сте на оваа позиција, кои се позначајните проекти кои се во тек или пак се веќе финализирани со кои би се пофалиле?

Најголемиот проект во изминативе 15 месеци откако сум на функција, како и во историјата на  Македонија, за развојот на информатичкото општество, е проектот Компјутер за секое дете. Набавката и инсталирањето на 100,000 работни компјутерски станици во средните и основните училишта, е проект со кој што Македонија веќе станува препознатлива во целиот свет за воведувањето на ИКТ за модернизација на образованието. Проектот ќе биде целосно комплетиран до крајот на август оваа година.

Исто така како успешен проект е и доделувањето на ваучерите за секој апсолвент, каде што се искористија околу 13,000 ваучери во вредност од 200 ЕУР за набавка на преносни или статични компјутери. Покрај тоа што 13,000 фамилии набавија компјутер во своите домови, ова претставуваше и стериод за растот на хардверската индустрија во приватниот сектор.

До каде е проектот со здравствени е-картички и кога би можеле граѓаните да очекуваат да биде завршен и имплементиран?

Заврши отворениот меѓународен повик за компанија која што би направила дизајн и изработка на интегриран систем за електронско здравство. Во тек е евалуацијата на понудите. Доколку се оди според планот, очекуваме кон крајот на 2009 да се почне со издавање на електронска здравствена картичка.

Што всушност претставува проектот е-Македонија?

Проектот е-Македонија претставува иницијатива за поттикнување на македонското население да се образуваат и да ги користат информационите и комуникациските технологии, со цел да се запознаат со благодетите што ги нудат ИКТ ресурсите во поедноставување и подобрувањето на  животниот стандард. ИКТ не треба да претставува луксуз, него неопходност.

Договорот со Microsoft истече при крајот на 2007 година, дали истиот е обновен?

Договорот не е обновен.

Министерството за финансии на конференција оддржана од страна на UNDP во Скопје неодамна изјави дека на серверите во министерството користат Дебиан, кој е Вашиот став за ова и дали знаете каква е ситуацијата со другите министерства? Дали користењето на Open Source решенија е значајно за Македонија и зошто?

Мојот став е следниов:  Македонија не е многу богата земја и нема потреба да се инвестираат средства во скапи комерцијални решенија, кога постои слично  решение кое што е бесплатно. Проблемот со решенијата од отворен код во јавната администрација е во привлекувањето и задржувањето на експертскиот ИТ кадар што ќе се грижи за тоа решение со плата на државните службеници. Голем број држави ги издвојуваат ИТ кадрите од групата на државни службеници и ги плаќаат според пазарот.  На жалост моментално тоа во Македонија не може да се реализира и преставува проблем. Ги поддржувам сите институции кои што сакаат да користат решенија од отворен код, но претходно потребно е да обезбедат кадар кој што ќе се грижи за истите без деградација на квалитетот на решението и дополнително оптеретување на функционалноста на институцијата.

Каков е Вашиот став за е-трговијата во Македонија и што мислите дека треба да се превземе и направи од страна на приватниот и државниот сектор за да се забрза неговиот развојот?

Голем проблем е што банките немаат склучено договори со странските сервисери за да можат да ги користат своите платежни картички во електронската трговија. Оваа Влада, во соработка со деловната заедница, изработи и донесе добар закон за водење на електронска трговија. Ретки се случаевите каде што легислативата е донесена, а деловната заедница да не е спремна да ја искористува. Ние како Влада правиме напори да ја поттикнеме деловната заедница повеќе да ги афирмираат своите производи на Интернет, но на жалост банките го кочат развојот на е-Трговијата, со исклучок на една банка.

Македонија недостасува на листата на PayPal кој е еден од најпознатите сервиси за трансфер на пари преку електронски пат бидеќи е класифицирана како земја со висок степен на ризик од сајбер криминал и измами. Дали Владата има стратегија за регулирање на сајбер криминалот во земјата?

Веќе се предвидени измени во кривичниот законик со кои што ќе се опфатат санкционите мерки при сајбер криминал. Во МВР постои одделение задолжено за сајбер криминалот, кое што ќе продолжи да се надградува со капацитети за борба против сајбер криминалот.

Имате живеено во САД подолго време и ги имате почуствувано благодетите на брз и стабилен интернет пристап за ниски цени, што треба да се направи во Македонија за да се обезбеди побрз, неограничен и стабилен интернет по задоволувачки цени?

Реално, денешниве цени се доста пониски споредено со минатата година. Исто така се подобрени и услугите што ги нудат како и квалитетот на истите. Она што Владата го прави е стимулирање на конкуренцијата и либерализација на телекомуникацискиот пазар. Живееме во пазарна економија, каде што пазарот ја утврдува цената на услугата. Со доделувањето на дваесетте WiMAX лиценци и намалувањето на интерконекцискиот договор,  ќе продолжат да паѓаат цените за Интернет услугите.

За западните компании југоисточна Европа станува се поинтересен регион за outsourcing, што би ги советувале македонските ИТ компании кои сеуште не го практикуваат овој начин на работа да направат за да ја искористат поволната бизнис клима и да го прошират својот бизнис?

Мојот совет до македонските ИТ компании е да не чекаат западните компании да им тропнат на врата, него тие да одат и да ги промовираат своите кaпацитети, со цел да ги привлечат во Македонија. Но мора да се напомене дека и владее страв помеѓу македонските ИТ компании дека привлекувањето на бренд ИТ компании во Македонија, ќе направи уште поголем вакум во дефицитарниот ИТ кадар.

Неодамна објавив статија за МАРнет и процесот за регистрација на .мк домен, и повеќе од очигледно е дека овој застарен процес им пречи на скоро сите корисници на .мк поддомени. Кој е Вашиот коментар на ова и дали има планови овој процес да се модернизира и поедностави во блиска иднина?

Се сложувам дека процесот е комплициран со МАРнет и треба да се најде посоодветно решение. Оформена е работна група со цела да се преструктуира МАРнет и тоа во блиската иднина ќе имаме решение. Се размислува и за комерцијализирање на делот на домаинот од МАРнет, исто како што е и во западните земји.

Ваше лично мислење: Windows или Linux оперативен систем?

Мас ОS X   :-)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии