Интервју со eкипите-учесници на IEEEXtreme

Покрај редовните студии и колуквиумите, и двата тима и нивниот ментор Петре Ламески најдоа момент да одговорат на неколку прашања споделувајќи го успешното искуство.

Kaко се чувствувате после ваков успех.

Екипа mkFeit1: Задоволни, затоа што во тешка конкуренција завршивме на 4-тото место. Искрено, бидејќи веќе подолго време учествуваме на натпревари по информатика, уште како средношколци имаме настапено на повеќе национални,балкански и светски Олимпијади по информатика, а како студенти на повеќе ACM натпревари, веќе знаевме што да очекуваме на натпреварот. Голем дел од конкуренцијата веќе и лично ја познаваме, дел од нив се и освојувачи на медали на светски и регионални Олимпијади.

Пред почетокот на натпреварот очекувавме можеби на крајот да бидеме во првите 20-тина екипи, но резултатот е многу подобар. Настрана од пласманот, презадоволни сме затоа што успеавме да ги решиме сите задачи.

Екипа mkFeit2: Па, генерално сме задоволни од постигнатото, иако, нели, секогаш се може повеќе. Пред се ние сме мотивирани за понатамошна работа. Би сакале повторно да учествуваме на слични настани, се разбира со надеж за уште поголем успех.

Со какви програмерски и општи проблеми се соочивте на IEEEXtreme?

Екипа mkFeit1: IEEEXtreme е натпревар во програмирање кој трае 24 часа, и е доста различен од сите натпревари на кои сме учествувале досега. Многу е важна стратегијата и тимската работа. Проблемите се сведуваат на анализа на задачите, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Дел од задачите беа релативно едноставни и бараа едноставно имплементирање на она што е дадено во текстот на задачата, додека дел од задачите бараа познавање и имплементирање на напредни структури на податоци, познавање на графови, динамичко програмирање, алгоритамски игри, математика, итн…

Екипа mkFeit2: Најголем проблем со кој се соочивме на натпреварот беше заморот. Како што веќе знаете, IEEExtreme траеше 24 часа, во текот на никој од нас речиси воопшто не спиеше. Од техничка гледна точка, проблемите беа алгоритамски, бараа доста голема концентрација, што беше навистина тешко да се постигне, особено во последната четвртина од натпреварот кога имавме уште 6 часа до крајот на натпреварот.

Што понатаму? Продолжувате со образованието, но знаејќи го вашиот потенцијал дали имате идеи за некој проект?

Екипа mkFeit1: Покрај редовните обврски на факултет и проектите на кои работиме таму, вклучени сме и во организацијата на натпреварите по информатика за учениците од основно и средно образование, а заедно работиме и на еден релативно нов проект -http://ioi.ii.edu.mk – имено, систем за натпревари по информатика со дел за тренинг каде се поставени задачи од повеќе државни и меѓународни натпревари. Системот е достапен 24/7 и е целосно автоматизиран.

Проектот е замислен како место на кое би се собирале сите оние кои се заинтересирани за натпреварите по информатика, би разменувале мислење, материјали… Во проектот, покрај нас (Бојан Костадинов е главен иницијатор, дизајнер и администратор, останатите се модератори), се вклучени и голем број поранешни натпреварувачи по информатика, студенти (како од ФЕИТ, така и од ИИ-ПМФ), професори, итн…

Од минатата година (со одлука на Здружението на информатичари на Македонија), системот се користи за спроведување на официјалните натпревари по информатика за учениците од основно и средно образование, а оваа година се користеше и на Балканската Олимпијада по информатика (како официјален систем за спроведување на натпреварот).

*** Кога веќе пишуваме на оваа тема, честитки и за успесите кои средношколците успееја да ги постигнат оваа година на балканските и светските Олимпијади по информатика (три медали во исклучително тешка конкуренција).

Екипа mkFeit2: Па, да, се разбира, студирањето и што поскоро дипломирање ни се приоритети во моментов, иако се надеваме дека ќе имаме време и шанса за нешто повеќе.

Што е IEEE, а што IEEXtreme? За какви програмерски проблеми станува збор на натпреварувањето?

Петре Ламески: IEEE (Institute of Electrical and Electronic Engineering), е најголемата и најстарата организација на инженери во светот, додека IEEEXtreme е online натпревар, во кој учесниците се натпреваруваат 24 часа во решавање на алгоритамски проблеми. Проблемите опфаќаа најразлични области: динамичко програмирање, графови, имплементација на напредни структури и нивната тежина беше доста варијабилна. За време од 24 часа, секоја година се добиваат определен број на проблеми, при што, натпреварувачите не го знаат точното време на објавување на проблемите. Уште повеќе, оние тимови кои побрзо ќе го пратат точното решение на проблемот се во предност над оние кои ќе ја решат задачата подоцна, поради што, секогаш треба да има барем еден член од тимот кој ќе внимава на тоа што се објавува на порталот на натпреварот.

Зошто до сега не сте учествувале на IEEEXtreme?

Петре Ламески: За натпреварот знаевме уште од пред две години. Оваа година се оддржа четвртиот ваков натпревар во организација на IEEE. Како и секој друг успешен настан и овој станува се по масовен. Причината што лани не успеавме да пријавиме тим на натпреварот е тоа што терминот за натпреварот беше една недела пред колоквиумската недела на ФЕИТ. Сепак студиите на факултетот имаат приоритет, а самото учество на натпреварот бара големо залагање и енергија од страна на учесниците.

Ова е позитивен пример кој покажува дека има потенцијал кај .мк студентите. Што е потребно за понатамошно унапредување и продолжување на успесите?

Петре Ламески: Студентите кои оваа година учествуваа на натпреварот се едни од најдобрите во нивната генерација. За понатамошни успеси потребна е само желба за натпреварување и желба за работа од страна на студентите. IEEEXtreme не е единствениот натпревар на кој учествуваат студентите од ФЕИТ. На сите натпревари на кои што учествуваат, пласманот на нашите тимови е одличен. Се надевам дека овој успех на нашите студенти ќе биде мотив за останатите студенти што по масовно да се вклучат во ваквите натпреварувања.

6 коментари на “Интервју со eкипите-учесници на IEEEXtreme

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии