Интервју со Дорота Костовска – Што значи бидеш визуелен уметник?

Визуелните уметници (visual practitioner) се уметници кои користат различни алатки и методи, вклучувајќи дијаграми, инфографици, илустрации, слики, икони, цртежи, мултимедија за да пренесат информации и да стимулираат креативно размислување. На кратко, визуелниот уметник го црта, илустрира тоа што го слуша. Вообичаено визуелните уметници може да ги сретнете на конференции, работилници, во училници, на компаниски настани и сл. Преку визуелизација, информациите може да станат полесни за паметење и секако, полесно да ви го привлечат вниманието.

На мое задоволство ја имав можноста да гледам како работи еден визуелен уметник на Startup Grind Skopje. Дорота Костовска од Полска беше дојдена во Скопје за да го визуелизира она што говорникот Пер Ерик Персон го зборуваше на публиката. Темата на настанот  беше “Скандинавското лидерство, клучот на успешните стартапи”, а делото на Дорота може да го видите подоле во текстот.

Бидејќи ова беше прв пат да гледам како работи еден визуелен уметник морав да ја запознаам Дорота подобро и да дознаам повеќе за нејзината работа.

Дали би сакала да се претставиш на нашите читатели, која е Дорота и што работи?

Јас сум визуелен уметник (visual practitioner) – ова е сеопфатен опис за моите работни обврски. Вие зборувате, јас цртам и сè е супер. Во мојата работа, користам визуелни информации од луѓе кои сакаат да вмешаат прсти, да решаваат проблеми и да водат. Како графички фацилитатор, ги осмислувам состаноците и креативните процеси. Мојата задача е да го организирам тоа што го слушам и да го претставам преку комбинирани потфати на цртање и пишување. Мојата работа има многу имиња и можеби сте ја слушнале и под имињата графичко снимање (graphic recording), визуелно пишување (visual scribing), визуелно снимање (visual recording) или визуелно олеснување (visual facilitation). Исто така, како предавач со над 10 години искуство, нудам работилници на кои ги охрабрувам луѓето да се храбри во нивните обиди за цртање и да размислуваат визуелно при исполнување на нивните секојдневни обврски.

Што те вовлече во дизајн и илустрација? Кога започна со цртање во живо?

Никогаш не навлегов во дизајн и илустрација во класичната смисла на зборот. Всушност, морав долго да патувам низ полиња како истражување на пазарот, иновативни програми за социјален развој, неформални програми за образование за возрасни со сопствен бизнис на крајот. Да скратам, во одреден момент на мојата кариера како главен специјалист за обука, бев одговорна за огромни и неверојатни програми за едукатори и библиотекари од јавниот сектор. Опкружена со одличен тим и партнери, барав иновативни методи сè додека не најдов на YouTube кратко видео кое прикажува лице како црта во живо, за време на работилници. Таквото нешто ме заинтригира и решив дека на мојата следна работилница ќе пробам да применам визуелни методи. Откритието ја промени мојата професионална патека. Во последните 15 години, работев за програмата за развој на Обединетите нации и иницијативата за глобални библиотеки (United Nations Development Programme и Global Libraries Initiative), водени од фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Во 2015 година, решив да започнам мој бизнис, изграден на цврсти темели од мое лично знаење, искуство и страст. Јас не сум уметник во вистинската смисла на формалното образование. Моите цртежи се едноставни и брзи затоа што мојата задача е да се зароби духот на еден разговор.

Дали може да ни кажеш повеќе за процесот на креирање? Како преминуваш од една идеја, од еден разговор, до целосен и завршен цртеж?

Visual facilitation е методологија која помага да го видите она што е сокриено, она што лесно се заборава и не се памети. Бидејќи мојата работа е да го олеснам разбирањето и учењето, користам многу икони и симболи кои се лесни за разбирање и препознавање. Нацртав неколку специјално за вас. Можете лесно да ги копирате и секојдневно да ги користите.

По неколку годишно искуство, инстантно можам да се впуштам во графичко снимање, дури и да не сум претходно запознаена со природата на состанокот. Но, секогаш се трудам да дознам нешто повеќе пред време, работи како кое е лицето од интерес, за каква публика е, зошто би сакале да имаат на располагање визуелен уметник, и слично. Секогаш е подобро да бидам активирана порано, за време на процесот на планирање на настанот. Исто така, постојат три различни начини на кои се поставувам при работата: публиката може да го види резултатот од графичкото снимање на крајот од разговорот, или можат пасивно да го набљудуваат за време на процесот. Или, можат да бидат поканети да разговараат со мене додека работам на графичкото снимање.

Визуелното цртање (scribbling) го привлече моето внимание поради две причини: факторот кој произлегува од работа во реално време и довербата која ми ја даваат клиентите. Кога се црта еден разговор или дебата, мора да сум најдобриот слушател во целата соба, храбро да донесувам брзи одлуки за тоа што вреди да се снима, а што не. Во исто време, мора да внимавам на структура, логика на цртежот и на просторот. Ставам точка само откако говорителот го кажува последниот збор затоа што сум научила дека поентата не е само во тоа колку е убав мојот цртеж, туку и колку добро го рефлектира целиот процес кој го сведочам.

Кои алатки најчесто ги користиш во твојата секојдневна работа?

При аналогна работа, користам Neuland маркери и професионална подлога која лесно се поместува и преклопува. Понекогаш, исто така користам и огромни листови хартија залепени на обичен ѕид. Кога работам дигитално, користам iPad Pro и Apple Pencil, а моите омилени алатки за цртање се Adobe Draw или Sketches.

Што те инспирира највеќе? Од каде црпиш инспирација за да создаваш нови работи?

Јас сум секогаш инспирирана од луѓе. Сакам да поразговарам на кратко со говорниците пред да скокнат на сцената. Моето омилено прашање е: која порака сакате да пренесете на вашата публика? Слушам со цел да откријам метафора, или, барем, шаренолика споредба. Исто така, сакам да провлечам сопствени мисли, на сличен начин како во Скопје, за време на Startup Grind. Кога се спомена еднорог за време на разговорот (крајно посакуван од сите во startup светот), решив да го организирам целото графичко снимање околу еднорогот и го поставив на пиедестал, како статуа (вие имате толку многу статуи и споменици во Скопје, но не и еднорог, па, некако, решив да го променам тоа).

Како веќе етаблиран уметник, кој би бил твојот совет за млади и амбициозни уметници кои би сакале да успеат во ова поле на работа?

Пристапувајте кон учењето со отворен ум и агилност. Дури и да сте исплашени, сепак направете го планираното. Барајте совети и повратни информации и дури тогаш донесете ваша лична одлука. Правете паузи, не можеме да бидеме креативни и продуктивни цело време, сосема нормално е да земете слободен ден, особено во креативната индустрија.

Како може луѓето да стапат во контакт со тебе и каде можат да ја проверат твојата работа? :)

Можете да ме најдете на мојот Instagram: @dorota.kostowska и LinkedIn. Ме радуваат и нотификациите преку добриот, стар и-мејл: kontakt@dorotakostowska.pl

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии