Интервју со Борче Трајковски, програмер чии Android апликации се симнати над 11 милиони пати

Повеќегодишен програмер и фриленсер, Борче Трајковски е исто така и продуцент, DJ, инжинер за звук и креатор на музички софтвер. Неговото име е познато по креирање на 15 Android апликации, од кои најпознати му се: My Piano (околу 7.000.000.симнувања, со рејтинг 4,4 од 12.857 корисници), My Guitar (околу 2.000.000 симнувања, со рејтинг 3,9 од 2.910 корисници) и DJ Control (околу 2.500.000 симнувања, со рејтинг 3,4 од 3.690 корисници).

Колку време трае твојата кариера како Аndroid програмер и која е твојата работна или образовна позадина?

Случајно влегов во светот на Android пред неколку години и тоа беше благодарение на мои колеги, кои го работеа токму тоа и од нив добив желба да пробам. Инаку одамна имам работено на мобилни апликации на Windows Mobile платформа, но тогаш тоа не беше толку актуелно, односно имаше многу малку уреди со мобилни апликации и во тој момент не ми претставуваше некој предизвик. Околу образованието, поради мојата голема наклонетост кон електрониката и музиката, бев во дилема како да го продолжам образованието, но информатичките науки преовладуваа и се запишав на Електротехничкиот факултет во Скопје, а подоцна се префрлив на Техничкиот Факултет во Битола, на тогаш единствената студиска програма по информатика, Техничка Информатика.

Прво бев .NET програмер, меѓутоа малку се „скаравме“ со Microsoft, па фатив малку да работам со микроконтролери и еmbedded поради тоа што тогаш работев на такви проекти. Сакајќи да одморам од дебагирањето на микроконтролери, сосема случајно наидов на Android апликации, а во тој период беа поактуелни и поради натпреварот, организиран од VIP, за кој се подготвуваа и мои колеги.

Од каде ти е идејата да креираш токму вакви апликации? И која апликација беше изработена прва?

Моја огромна љубов кон музиката ја рангирам исто на прво место како и компјутерите. За жал, постои проблем во Македонија, каде не можеш да живееш само од музика и диџејство и многу се разликуваме од странските земји, каде се профитира од продажба на албуми и настапи, а кај нас е обратно, се плаќа за да се има песна, за да се стане популарен.

Сакав да ја спојам музиката со програмирањето и најпрво што направив е разгледав што нуди Android Market, сегашно Google Play. Сакав да проверам што нуди пазарот, дали веќе има такви апликации од големи компании, со кои на почетокот, искрено не сакав да се натпреварувам. Но навистина се изненадив дека немаше доволен број такви апликации, затоа што тогаш главните музички апликации беа наменети за iPhone и iPad. На Android имаше малку апликации кои беа направени од програмери, кои реално се гледаше дека немаат особени познавања од музика и јас се пронајдов токму тука, да ја пополнам празнината. Прво пробав и ја креирав My BeatBox, за креирање ритам од свои снимки на гласови, која излезе на Android Market во 2009 година, но за жал таа немаше многу голем успех. Потоа сфатив дека за да има голем успех, треба да имаш апликации кои се навистина квалитетни, брзи, кои не зафаќаат многу простор, со лесен интерфејс, многу можности, добра графика итн. Тогаш кога ја креирав My BeatBox беше на брзина, колку да пробам и да видам како оди сето тоа. Но учејќи од грешките, ја креирав и втората апликација, My Piano, за која на почетокот претерав со тоа што ја нареков „Најдоброто пијано на Android Market“ и поради тоа Google секогаш ме листаше подолу :). Но со тек на време, и со апдејтите, мислам дека го постигнав тоа, пред сè поради тоа што знам што би барал еден музичар од апликацијата, за разлика од другите програмери кои мислат дека знаат што треба да има, а не согледуваат така лесно кои се потребите на музичарите.

Кои се твоите полиња на интерес во поглед на развивање на мобилни апликации? Дали досега си изработувал само Android апликации? Дали освен музички апликации имаш креирано други, поинакви?

Пробав и со друг вид на апликации, за да не биде стереотипно, цело време со музички апликации, но мислам дека идејата е во тоа што си најдобар таму да се задржиш. Во контекст на ова, сакам да напоменам дека Thermometer ја креирав во моментот кога во Македонија, а и во светот имаше екстремно ниски температури, тоа беше зимата 2011. И успехот на апликацијата дојде токму поради согледаната потреба на луѓето во тој момент, затоа што сите бараа да измерат која е температурата.

Како изгледа процесот на креирање на една апликација? Имаш ли препорака за дополнителна литература за програмирање, која самиот ја имаш користено?

Прво имаш идеја, која може да биде многу сложена или многу едноставна, но потоа мораш да провериш дали таа идеја е веќе разработена. Ако најдете апликација која ја содржи таа идеја и е навистина квалитетна, тогаш можеби е подобро таква апликација воопшто да не работите, поради тоа што ако има еден тим од 20 програмери кои ја изработиле, сам како freelancer, никогаш нема да ги стигнете. Може да се проба, ако имаш свој тим или пријатели кои ти помагаат и не мора да значи дека си сам. Јас на пример имам соработка со повеќе луѓе низ светот, кои ми помагаат поради тоа што јас на пример не сум графички дизајнер, а претходно напоменав дека квалитетна апликација си бара и квалитетна графика и интерфејс. Ако сепак увидете можност да направите апликација која е подобра од тие што веќе постојат, тогаш апсолутно седнете, работете ја.

Има работи кои не можат да се направат. Моите колеги програмери ќе кажат дека се’ може да се направи, но според мене има еден лимит на изводливост, на пример креирање на апликација, за која времето што би го потрошил, не се исплати и на крај воопшто не би било рентабилно.

Значи првична е идејата, па проверката за потребата и изводливоста на таква апликација, потоа поедноставување на идејата и понатаму следи изработката и имплементацијата. Работата може да трае недела – две, месец или повеќе месеци, каде паралелно се работи и графика и код и звук. На почетокот напоменав дека работев .NET, а не Java и особено не ми се допаѓаше Java поради тоа што беше бавна. Сега ќе кажат дека не е така, меѓутоа тогаш компјутерите и мобилните уреди беа и поспори и може да се каже дека сега сето тоа е надминато, поради современите машини кои имаат огромна моќ, па Java не претставува никаков проблем. Важна е функцијата на програмскиот јазик и логиката за изведба на една апликација, а не синтаксата.

Младите програмери не треба воопшто да се плашат од нови и поинакви програмски јазици, затоа што програмерската работа е всушност таква што мора постојано луѓето да се надоградуваат, нормално, ако сакаат да постигнат успех во тоа поле. Денес литературата за програмирање може да се најде на интернет и многу корисни информации се добиваат од форумите. На форумите може да се најде се’. Овде можам да напоменам дека доколку некој работи во компанија, колегите се исто така огромен извор на помош.

Дали наиде на некакви пречки при создавањето на апликации?

Поради тоа што се работи претежно за музички апликации, потребно е претходно да се снимаат и обработат звуците. Се случувало да не може да се изведе, одреден звук да биде толку голем, толку долг или толку квалитетен како што било замислено и мора во реално време да се поедноставува, да се менува концептот или идејата.

Многу важна е опремата на која се работи, па така по неколку проблеми со компјутерската опрема, морав да вложам малку повеќе и да земам солиден систем и конфигурација од Apple и голем број на мобилни уреди за тестирање.

Објасни ми го процесот на лансирање на една ваква апликација на Android Market, сегашно Google Play.

Во изминативе неколку години, оваа постапка многу малку се промени. Лансирањето на една апликација се врши со креирање на профил по релативно ниска цена и потоа може да се испрати што се сака, без претходна проверка од тим за ревизија, но може да се случи тој тим да провери дали апликацијата е во сооднос на договорот, односно на нивните услови. Сакам да напоменам малку повеќе за разликата на промоцијата на една апликација во однос на порано и сега. Порано, кога ќе испратиш своја апликација за Android Market, истата беше излистувана последна и со тек на време и зголемување на бројот на симнувања на истата, така се искачувавте на листата. Така беше со моите први апликации и со My Piano, кога ја лансирав бев некаде на дното. Сега, политиката на Google во однос на ова е променета, со тоа што кога ќе испратите нова и квалитетна апликација, веднаш сте во врвот. Ова од една страна е многу лошо за старите девелопери и програмери, а многу добро за новите, со што сакаат да ги мотивираат младите, да креираат апликации кои побрзо би можеле да станат популарни и да достигнат поголем број корисници.

Која ти е шемата на заработка од апликациите и дали таа заработка е доволна како мотивација и за дополнително надградување, доусовршување на апликациите. Зошто го одбра токму моделот на бесплатни апликации, зошто не платени?

Бесплатните апликации имаат модел на заработка преку реклами, меѓутоа тоа рекламирање и таа заработка е многу мала, во споредба со бројот на корисници. Секако попрофитабилно би било ако тие апликации се плаќаат, меѓутоа за жал од Македонија сè уште не може да се продаваат легитимно. Има луѓе кои продажбата на нивните апликации ја прават на друг принцип, преку пријател или роднина во странство, односно преку туѓа PayPal сметка.

За да увидам на каков начин е најдобро да се пристапи со пласирањето на апликации, дали да бидат бесплатни или платени, направивме тест, заедно со еден пријател. Ставивме апликација бесплатна и истата таква, со повеќе можности, во „Pro“ – комерцијална верзија. Резултатите беа следни: комерцијалната верзија беше значително помалку барана од бесплатната и дојдовме до заклучок дека во суштина ништо не е исплатливо. Ниту малата сума на заработка од рекламите на бесплатната верзија, ниту бројот на купувања на платени апликации, поради тоа што луѓето секогаш бараат бесплатна замена за платената апликација. На iTunes ова е сосема поинакво, затоа што на платените апликации работат големи професионални тимови или компании, друг е пазарот, поинаков тип на корисници се во прашање, кои можат да си дозволат такви апликации. Android пазарот е претежно во Кина, Индија и Источна Европа и многу малку се купуваат апликации. Па така одлучив да продолжам со пласирање на бесплатни апликации, со кои полесно можеш да изградиш добро портфолио, преку кое ќе те знаат многу повеќе луѓе и компании.

Можам да кажам дека заработката е главно од проекти понудени од фирми или поединци преку интернет, врз база на кредибилитетот на портфолиото и успехот на веќе креираните апликации, кои морам да ги одржувам постојано, за да го задржам или унапредам нивниот квалитет и бројот на корисници.

Според тебе, каков вид на апликација би била актуелна во моментот, во смисол на привлекување поголем број корисници?

Постојано го следам Google Play и мислам дека моментално најактуелни се игрите, не апликациите. Игрите се навистина мултидисциплинарни и се потешки за изработка, каде потребен е цел тим за да се креира солидна игра, но истите се и далеку посимнувани. Креирањето на игри може да привлечат компании-издавачи и студиа, кои подоцна можат да те регрутираат да работиш и креираш игри за нив. Исто така доста популарни се и апликациите кои нудат можност за споделување на содржината од игрите и апликациите на друштвените мрежи. Меѓутоа не ми е во план да ја интегрирам некоја од моите апликации со друштвените мрежи, затоа што мислам дека далеку повеќе вреди квалитетот и корисноста, од самото вмрежување и усложнување.

Кои се твоите идни планови во поглед на развивањето на мобилни апликации и дали моментално работиш на некоја нова апликација?

Отворен сум за соработка, за евентуално креирање на некоја игра, иако потешка за изработка, на крај би била исплатлива. Како и да е, мислам дека повторно во иднина би се задржал на музиката и идеи за апликации поврзани со тоа. Спремам нешто во тој домен, но засега не би ги откривал сè уште.

За крај, може ли да направиш кратка демонстрација од некоја од твоите апликации, по можност најомилената ;)

[youtube]jqM7hBgfQBs[/youtube]

10 коментари на “Интервју со Борче Трајковски, програмер чии Android апликации се симнати над 11 милиони пати

  1. Супер ова, ама барем да имаш и апликација со македонски интерфејс? Или повеќе-јазичен интерфејс?

    1. si me spasil od gubenje vreme, razvivam edno 2 meseca i sega gledam deka nemozat da se prodadat, sto ne mi e jasno sto ima vrska zemjata od kaj si, kako znaat za registracija prite da gi zemat bez problem?
      pozdrav i prodolzi so dobrata rabota

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии