Интервју со Благој Трајкоски, Network Implementation Engineer во Google

IT.mk редакција

во Интервјуа

Благој Трајкоски е инженер, кој последниве 7 години работи како Network Implementation Engineer во Google. Тој е дел од тимот кој работи на изградба и развој на глобалните оптички системи. Во Google отишол по препорака на поранешен колега.

Кажи ни нешто повеќе за себе. Каде живееш сега? Како стигна до Google?

Роден сум во Битола каде ги завршив основното и средното образование, а потоа дипломирав и магистрирав на ФЕИТ во Скопје. Моментално со мојата сопруга Сања живееме во Даблин, Р. Ирска. Во 2013г. бев препорачан од колега во Google. По ова следуваше стандарден процес од телефонски и интервјуа во живо кои успешно ги поминав. Имав среќа што моето искуство и вештини беа тоа што има требаше на работната позиција. 

Што работеше пред да отидеш на ова работно место, како започна да работиш во оваа индустрија?

Пред да почнам со работа тука, работев во Неотел ДОО, Скопје, како инженер за оптички мрежи. Оваа индустрија ми беше многу интересна уште како студент. Со првата студентска пракса во Словачка имав одлично искуство да навлезам детално и уште повеќе да ја засакам. 

На твојот LinkedIn профил пишува дека си Network Implementation Engineer, што е ова и како вообичаено изгледа твојот работен ден?

Со мојот тим работиме на изградба и развој на глобалните оптички системи (long haul Dense Wavelength Division Multiplexing (DWDM) coherent systems) на Google. Моето секојдневие најчесто е возбудливо затоа што се среќаваме со уникатни и нови предизвици кои произлегуваат од имплементацијата на последните технологии и рапидниот раст. Најголем дел од секојдневието ми поминува во самостоен дизајн и планирање на изградба на нови мрежни врски. Но и во конструктивна дискусија со колеги во врска со истите.

Веќе 6 години си во Google, кое е твоето искуство на работа во навистина огромна компанија? Со оглед на тоа дека е навистина компанија која е на самиот врв го почувствува ли „imporstor syndrom“?

Пред да започнам со работа тука моите очекувања беа многу големи. По 6 години можам да кажам дека дефинитивно се исполнија и надминаа :).

Начинот на работа со тимска поддршка е една од најголемите предности тука. Дополнето со феноменалниот однос од колегите кај мене не оставаат простор за ефектот на “impostor syndrome”. 

Како ти помогна твоето претходно искуство кога ја промени средината?

Мислам дека со искуството од факултет и студентската организација ИАЕСТЕ добив одлична основа за ваква интернационална можност. Шансата да запознаваам луѓе од цел свет преку ИАЕСТЕ и да учам за нивните култури и традиции беше огромен плус за мене, надополнет со стручните пракси во странство. Исто така сум многу задоволен од работното и колегијалното искуство во Неотел каде уште посериозно навлегов во мојата струка.

Технологијата се менува прилично брзо, како се прилагодуваш на новите трендови?

Точно, често со колегите се потсетуваме на фразата: “единствената константа во денешницата е промената” :). Се сметам за човек кој сака нови предизвици и прилагодување на напредни технологии и тоа ми дава дополнителен ентузијазам во овие услови.

Ова е период во кои средношколците се подготвуваат за упис на факултет. Квалитетот на образованието и прилагоденоста на современите технологии се постојана тема на разговор. Кој е твојот став, ти помага ли твоето формално образование денес?

Дискусиите за адаптираноста на формалното образование на пазарот на трудот беа многу актуелни и во моите студентски денови. Мислам дека формалното образование беше од исклучително значење за мене. Главно таму се стекнува пристап и вештини за решавање на непознати проблеми во професионалната иднина.

Индивидуална одговорност е секој постојано да учи за новите технологии и храбро да експериментира. Всушност секој од нас треба да ги прошири своите хоризонти во насока на континуирано подобрување на дигиталните знаења, бидејќи натаму одиме. Според еден извештај од Европската Комисија 90% од работните позиции во наредните 10-15 ќе бараат одредено ниво на дигитални вештини.

Од она што сум запознат, мислам дека во ФЕИТ и ФИНКИ се работи доста успешно кон осовременување на програмите за студии.

Ова е чуден период со ковид-19 пандемија, сите се прилагодуваме на нова реалност. Како тебе те погоди ова, кои мерки ги презема твојот сектор?

Да, навистина ова е голема промена во секојдневниот живот, сите сме различно погодени, сепак јас сум многу благодарен за условите кои што ги имаме тука.

Уште од првата половина на март работиме дома. Со цел да планираме идни активности Google нѝ ја продолжи можноста за волонтерско работење од дома до 30-ти јуни 2021 за позициите што немаат задолжително присуство в канцеларија. IT секторот, а посебно мојата компанија се грижи за нашите потреби и дава уште пофлексибилно работно време како и поддршка во насока на одржување и подобрување на психофизичката благосостојба. 

Ситуацијава си носи и предности и недостатоци. Многу повеќе време за семејни активности, но и некои недостаноци. Ми недостигаат неформалните средби и дискусии со колегите, работните патувања и целата атмосфера на кампусот во Даблин. Од друга страна ова е еден момент за психофизички рестарт и овозможува повеќе време за активности и идеи кои не дочекале шанса за реализација од динамичното секојдневие. 

Ја сум оптимист и мислам дека ќе најдеме начин да функционираме во сите сфери и во овие услови и во знак на почит и поддршка на здравствените работници и сите кои се грижат за справување со ситуацијава, наша одговорност е да го одржуваме социјалното дистанцирање.

Слободно ако имаш да додадеш нешто, или ако мислиш дека е поинтересно…

За крај би сакал да споделам една мисла што ме води до сега во работата: „Бори се да го работиш она што го сакаш, но и научи да го сакаш она што го работиш“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии