“Индустриски Дизајн, македонски талент wooooow!!!“, ова е наслов на темата отворена на форумот на IТ.com.mk откако некои наши членови ја забележаа галеријата на Aпостол Тноковски на Deviant Art, друштвена мрежа за фотографија и графички дизајн. Aпостол Тноковски има 26 години и моментално ги привршува студиите по графички дизајн на факултетот за Арт и дизајн на Европски универзитет, а на професионален план соработува со продуцентската куќа „Наше маало”. Познат е по E-Ball, футурустичкиот PC, дизајн со кој се појави на многу сајтови и медиуми.

Неговите дизајни ја прeдвидуваат иднината за која Апостол вели дека „следи периодот во кој треба да избегаме од досегсашната форма на производите, да го напуштиме светот создаден од квадрати и коцки и да се прилагодиме на форми кои се блиски на природата, затоа што никаде во природата не може да се сретне квадрат, правоаголник или триаголник…“

Повеќе за Апостол, индустрискиот дизајн и неговите идеи и филозофија ќе прочитате во интервјуто во кое дел од прашањата се поставени од членовите на форумот на It.com.mk.

На твојот DeviantArt профил имаш неколку галерии, слики, фотографии… Но најмногу внимание привлекува твојата галерија „индустриски дизајн“. Што те тебе привлекува кон индустрискиот дизајн?

Апостол: Низ образовниот процес имав најразлични предмети кои ги сакав повеќе или помалку, но сепак редовно ги изработував задачите кои ми беа задавани по овие предмети. Токму затоа имам разни галерии од различни области, на мојот DeviantArt профил. Иако се занимавам со повеќе дизајнерски и умeтнички дисциплини, сепак се сметам за индустриски дизајнер, бидејќи тоа е она каде што најдобро се снаоѓам.

Основното нешто што ме привлекува е огромниот предизвик да се најде решение на одреден реален проблем / недостаток на некој производ. По природа сум човек кој ги перцепира проблемите со кој се соочуваат луѓето околу мене, а кога велам проблеми мислам на недостатоците на функции на производите кои ги користиме. По детекцијата на недостатокот кај одреден тип на производ, веднаш размислувам како да дојдам до решение за подобрување на функционалноста на тој тип на производ.

Едно прашање се повторува на форумот на IT.com.mk – Oд каде црпиш инспирација?

Апостол: Како што кажав погоре, ги перцепирам проблемите на околината и пробувам да најдам решение на констатираниот проблем. Во зависност од функцијата на производот, ја креирам и формата. Од аспект на естетиката на производите, најмногу се инспирирам од водниот свет.

На колку години, првпат си почнал да се бавиш со дизајн? (прашање од Стане, член на форумот)

Апостол: На 16 години ми го купија првиот компјутер и се сеќавам дека прво нешто што пуштив беше Photoshop и седев по цели денови и ноќи да го научам (тоа беше 1998 кога имаше само неколку добри игри, а за интернет можевме да сонуваме :))))

Активно како графички дизајнер почнав да работам од 21 година за тренинг центарот „ЦС Глобал“ и за нив го правев целиот дизајн од лого, брошури, флаери,постери и сл. (ова е период каде што киснев по 48 часа по печатници додека не ги научам сите работи околу формати, припрема за печат и сл.) , потоа продолжив да работам по маркетинг агенции додека да се запишам на факултет.

Со индустриски дизајн се занимавам од 22 години кога почнав да експериментирам со некои производи, а на 23 години учествував на првиот натпревар за индустриски дизајн.

Дали можеш да ни ги покажеш твоите први, ама баш први дела? (прашање од Taurus)

Апостол: Успеав да најдам еден ДВД плеер со многу лоша резолуција, што го имам дизајнирано меѓу првите производи, но жал ми е што не можам да ви покажам повеќе работи бидејќи голем дел од моите први дела ги изгубив откако ми се расипа хард дискот. Исто така ќе го видите и првиот 3д модел што воопшто го имам направено.

“Прво нешто што воопшто го имам направено во 3Д (maya)”

Kој софтвер го користиш? (прашање од Taurus).

Апостол: Бидејќи во моментов покрај индустриски дизајн се занимавам и со графички и веб дизајн, 3Д и 2Д анимации, видео монтажа и сл., речиси и да нема софтвер кој незнам да го работам а да е поврзан со дизајн. Конкретно, за визуелизирање на производите од индустриски дизајн, користам Maya за моделирање, а 3DS Max за материјали и текстурирање и VRay рендер. Ова е затоа што најпрво почнав да учам Maya и сфатив дека е многу комплицирана.

Твоите дела се главно футуристички. Како ќе изгледа иднината според тебе?

Апостол: Па мислам дека во поблиската иднина како што одат работите производите ќе бидат доста чисти и едноставни, без дополнителни непотребни елементи, тоа можете да го видите по Iphone, бидејќи е производ на Apple кој индиректно го диктира дизајнот во моментов и сметам дека ќе го диктира во блиска иднина. Потоа мислам дека следи периодот позади кој стојам јас како дизајнер со мојата филозофија дека треба да избегаме од досегашната форма на производите, да го напуштиме светот создаден од квадрати и коцки и да се прилагодиме на форми кои се блиски на природата, затоа што никаде во природата не може да се сретне квадрат,правоаголник или триаголник …. туку тоа се форми кои произлегуваат директно од човечката логика.

Со ова не велам дека би се правеле тотално нефункционални и нелогични дизајни, туку велам дека би се фокусирале кон дизајни кои би го смениле човековиот начин на размислување во една друга насока. Откако ќе ја надминеме ова фаза мислам дека во многу далечна иднина нема да има потреба од постоење на физичка форма, туку ќе преминеме на виртуелни дизајни.

Дали некој твој дизајн се има реализирано и дали има некоја компанија која е заинтересирана да ги реализира дизајните? (прашање од Flash)

Апостол: До сега немам реализирано некој дизајн, а нема ни заинтересирана компанија која би произвела некој од моите концепти. Искрено кажано, јас сум продуктивен дизајнер кој има визија и амбиции, но главниот проблем е што јас сум дизајнер и она што знам да го правам е да дизајнирам, а за жал не знам да се продадам. Можеби треба да си најдам менаџер или агент во иднина. :)

Познат си по E-ball, феноменалниот дизајн за PC за иднината. Од каде идејата за E-ball?

Апостол: Идејата произлегува од мојата филозофија за потребата од напуштање на досегашните “коцкасти” форми и прилагодување кон форми кои се блиски на природата. Топката како форма ја одбрав бидејќи сметам дека тоа е форма која е најатрактивна за човековото око. Може да направите мал експеримент и на мало дете кое не знае ни да зборува да му дадете коцка и топка, ќе видите дека коцката нема ни да ја погледне, туку веднаш ќе ја земе топката.

Бидејќи се работеше за натпревар за дизајн на нова генерација на персонални компјутери, сакав да ја прикажам мојата визија и мојот начин на гледање на формата во иднина, токму затоа се одлучив да направам сериозни отстапки во поглед на функционалноста, но тоа го направив свесно затоа што сакав да го презентирам мојот начин на размислување.

Дали си наградуван до сега?

Апостол: Иако, постојано учествувам на натпревари од областа на индустриски дизајн, сепак немам победено на некој натпревар. Сепак, на овие натпревари ти треба и многу среќа, бидејќи најважно е да го погодиш вкусот на организаторот или стилот на компанијата, доколку некоја компанија е организатор. Но, ако сумираме овие натпревари се многу важни за стекнување на искуство и одреден степен на своја промоција како нов дизајнер.

Дали ќе се реализира E-ball?

Апостол: Не ми се верува. Затоа што ова беше дел од натпревар за дизајн во организација на Microsoft и иако јас ги имам авторските права, сепак правата за производство ги има Microsoft и не ми се верува дека тие би го произвеле.

Што е следното од Апостол Тноковски?

Апостол: Во иднина планирам да го продолжам образованието во насока на индустриски дизајн. Моментно разгледувам програми на странски универзитети и можности за стипендирање. Од друга страна се надевам дека конечно работите ќе почнат да се движат во позитивна насока во поглед на мојата професионална кариера и дека ќе успеам да реализирам некој од производите.

Во меѓувреме ќе дизајнирам многу, многу, многу нови производи! :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии