Ambio.me e нов македонски стартап кој успеа да стигне до финалето на SeedCamp New York 2012. Разговараме со Митко Цабевски за неговото искуство во неодамнешното натпреварување на SeedCamp, eден од најпознатите европски стартап инкубатори, за предизвиците со кои се соочува со неговиот стартап, но и за мобилниот пазар за кој Митко вели дека „е комплетно нова димензија која бара комплетно нов пристап“.

„На мобилниот маркетинг треба да му се пристапи од кориснички аспект. Имено, мобилниот телефон е најперсоналниот уред кој едноставно не трпи традиционални и интрузивни облици на маркетинг. Мобилниот маркетинг треба да носи лична, директна и „контекстуална” порака димензионирана со локација, време и потреба.“

Објасни ни што е Ambio.me? Се брендира како локален магазин, но што значи тоа?

Приказната за Ambio.me (во слободен превод „околу мене”) започна од една едноставна потреба – една апликација, каде што на едно место, ќе можам да ги откријам најдобрите и најинтересните работи околу мене. Денес имаме буквално терабајти на гео-тагиранa содржина (текст, фото, видео, аудио), фрагментирана на различни сервиси и платформи, која едноставно само чека да биде „откриен” и „искусен”. Постојат десетици апликации за ресторани, барови, храна, пијалоци, мода, продавници, знаменитости или локални атракции, и едноставно станува невозможно да ги користиме сите одеднаш.

Ни фалеше едноставно решение кое што ќе овозможи целата оваа содржина, расштркана на различни сервиси и платформи, да не пронајде нас, а не ние него. Идејата на Ambio е компајлирање, анализирање и персонализирање на целиата таа содржина, спакувана во една едноставна апликација и прикажана во форма на мултимедијално-богат дигитален „магазин” – кој се менува зависно од вашата локација и потреби.

Вториот дел на Ambio е унифицирано локално пребарување. Зошто да пребарувате десетици апликации за да го пронајдете најдобриот ресторан, кафетерија, бар, продавница, знаменитост кога тоа можете да го сторите на едно место. Со тек на време сакаме да изградиме сервис кој што ќе ги познава вашите потреби и желби, се со цел да ви понудиме персонализирани информации на право место и во право време.

Аmbio.me влезе во финалето на SeedCamp, еден од најпознатите европски стартап инкубатори. Како си задоволен од тоа што го нуди Ambio.me во споредба на стартапите кои беа претставени во финалето? 

Прво морам да истакнам дека бевме апсолутно изненадени што не одбраа како финалист во таква конкуренција. Посебно поради фактот што сме сè уште во релативно рана фаза од развојот. Како што спомнав и претходно, голем дел од останатите стартапи веќе се излезени на маркет, а некои од нив остваруваат и профит. Дополнително, нивото на човечки капитал со кој располагаат е навистина за секоја почит.

Презадоволен сум што успеавме да влеземе како финалист во такво друштво, но да бидеме реални –  мораме да работиме уште многу за да можеме се „носиме” со нивото на „западните” стартапи. Посебно со тие од САД.

Во едно твое долго споделување на искуство во гостински пост за Комуникации.нет, велиш дека на SeedCamp си се дружел со инвеститори од Google, Microsoft и куп други познати ИТ гиганти. Како на кратко би го објаснил искуството кое го здоби? Дали Ambio.me доби одредена поддршка од инвеститорите?

Не би сакал да се повторувам, но како што споделив во излагањето на Комуникации.нет, искуството беше навистина неверојатно. Замислете група на луѓе на кои секојдневна работа им е да бараат, откријат, но и да препознаат добра идеја/производ во зародиш. Едноставно нивото на познавање и длабоко разбирање кое што го имаат за ИТ индустријата е фасцинантно.

Она што ме воодушеви е што голем дел од нив го доживуваат производот од своја перспектива и несебично ја споделуваат својата визија честопати во правец на кој воопшто не би ни помислиле.

Ако можам да издвојам неколку работи на кои скоро сите од нив обрнуваат големо внимание се: кој е тимот што стои позади стартапот,  сакаат да го „почувствуваат” ентузијазмот, енергијата и вербата во она што го работите, колку добро го познавате пазарот, приликите и конкуренцијата, минимум можности за „traction” и „scalability” и секако можности за профит.

Како Ambio добивме одличен фидбек, но сепак ќе се држам до онаа старата: прво скокни па кажи оп :)

Ambio.me е во алфа фаза, дали имаш конкретни планови за како понатаму и што може да очекуваме? 

Точно, Ambio е сè уште во затворена алфа фаза каде што тестираме со одредена група на корисници и ги пегламе работите за бета. Доколку се оди како што планираме, оваа есен ќе се појавиме на маркет т.е. апликацијата ќе биде достапна за симнување.

Како што можете да забележите, се имаме зафатено со мошне комплексна работа и развој, така што нашите планови се сега да се појавиме со одреден број на функционалности кои редовно ќе ги надградуваме и прошируваме се додека не успееме комплетно да ја материјализираме нашата визија за Ambio.

Претпоставувам дека апликацијата ќе го таргетира европскиот/светскиот пазар. Зошто не и Македонија? Како би го привлекол интересот на корисниците на овој локален пазар кој сè уште е во рана фаза за да го искористи комплетно тоа што го нудат паметните телефони?

Ambio ќе може да се користи независно дали сте во Македонија или во било која друга држава од светот. Секако нашите планови првенствено се насочени кон европскиот/светскиот пазар, токму поради причините кои ги спомна во прашањето. Сепак мораме да бидеме реални и да признаееме дека бројот на паметни телефони во Македонија е сè уште релативно скромен. Но она што сакам да го истакнам е дека и покрај трендот на раст, искористувањето на напредните функции не го следи истиот. За жал кај нас паметните телефони сè уште се гледаат како статусен симбол, наместо како алатка за работа и унапредување на секојдневниот живот. Перцепција која дефинитивно мораме да ја промениме.

Кога сме веќе кај пазарот, сакам да споделам и пар реченици за бизнис-делот и мобилниот маркетинг во глобала. Нешто што мене и на мојот ко-основач Никола Намичев ни е секојдневна брејнсторминг тема :)

Можеби ќе звучи претенциозно, но мобилниот маркетинг во формата која што ја имаме денес едноставно не функционира. Портирање на „десктоп” интернет маркетинг решенијата многу тешко поминуваат на мобилен. Мобилниот маркетинг е комплетно нова димензија, која бара комплетно нов пристап. Огромен број на компании работат на оваа проблематика и допрва ќе бидеме сведоци на нови форми и облици на мобилен маркетинг.

На мобилниот маркетинг треба да му се пристапи од кориснички аспект. Имено, мобилниот телефон е најперсоналниот уред кој едноставно не трпи традиционални и интрузивни облици на маркетинг. Мобилниот маркетинг треба да носи лична, директна и „контекстуална” порака димензионирана со локација, време и потреба.

Благодарејќи на т.н. „social graph” во комбинација со бројните сензори на мобилниот телефон, истиот има потенцијал да стане најперсоналната платформа за маркетинг, но само доколку пораките се лични и со директен или индиректен бенефит за корисникот. Презентацијата мора да биде визуелно богата, интерактивна и да стимулира персонален однос помеѓу брендот и корисникот.

Како бизнис-дел од Ambio ќе се обидеме да понудиме алатка (ја нарековме „adLocations”) преку која поединци, продавници, ресторани, компании, брендови, односно практично секој ќе може на едноставен начин да креира комуникација со потенцијални и постоечки корисници на вистинското место, во вистинското време и со вистинската порака.

Три кратки совети за сегашните и идните претприемачи кои сакаат да се впуштат во креирање на стартап? Како да започнат и како да продолжат? 

Малку е неблагодарно некој кој што сè уште го гради својот стартап да дели совети, но доколку морам, би ги издвоил следниве 3 работи како најважни:

  1. Доколку се одлучите да креирате нешто свое гледајте тоа да биде од областа во која што сте најдобри и имате најповеќе познавања. Нешто што ви е лична пасија и сон. Не гледајте на стартап компаниите како можност за брза заработка. Девет од десет стартап компании за жал не успеваат. Само доколку она што го градите е дел од вашата личност, нешто на што мислите нон-стоп, дури и кога сте на кафе со друштво или навечер пред заспивање, може да успее и е вистинската причина да се впуштите во овој „rollercoaster”.
  2. Вработувајте и опкружете се со луѓе кои се попаметни од вас. Успехот на еден стартап не зависи толку од идејата колку што зависи од луѓето позади неа. Третирајте ги вашите девелопери, дизајнери, инженери и сите кои се дел од тимот како ѕвезди. Тие се „моторот” на вашиот стартап.
  3. Have fun and enjoy the ride :)
За било какви прашања, коментари или добар geek-овски муабет, слободно можете да ме контактирате на mc [at] ambio.me или на Twitter @mitko239