Интервју со Александар Ников и Панче Чавковски за овогодинешното издание на CodeFu

Оваа година, по 12-ти пат, Netcetera го организира CodeFu. CodeFu е натпревер во програмирање наменет за студенти, апсолвенти и постдипломци. Право на учество на натпреварот имаат сите студенти на универзитетите во Македонија, како и македонски граѓани кои студираат во странство.

Со секој изминат ден сме сѐ поблиску до дванаесетото издание на CodeFu, па во недостаток на трпение решивме да дознаеме нешто повеќе за овој настан. Повеќе детали околу натпреварот и предизвиците околу организацијата споделија со нас Александар Ников и Панче Чавковски од Netcetera.

CodeFu е веќе традиција на македонската девелоперска сцена… кажете ни малку повеќе за тоа кога започна натпреварот во 2007 година, што беше идејата и целта на настанот?

Во 2007-ма почнаа да стануваат популарни алгоритамските натпревари на светско ниво, како што се TopCoder и CodeJam, па нам ни дојде идеја да организираме натпревар на којшто ќе се обидеме да ги мотивираме најдобрите студенти од Македонија да се натпреваруваат и да се подготвуваат за другите натпревари. Тогаш воопшто не ни помислувавме дека CodeFu ќе стане толку популарен и дека ќе организираме толку многу натпревари во иднина.

Дали имате некоја бројка колку точно натпреварувачи поминале низ Codefu низ годиниве?

select count(*) from competitor; 6391
select count(distinct competitorid) from solution; 2130
select count(*) from round; 85
select count(*) from solution; 30537

Колкав предизвик е да се организира еден од најдолговечните натпревари за девелопери во Македонија? Што ве мотивира толку години да го организирате натпреварот?

Предизвикот е голем, а напорот е доста мал, со оглед на тоа дека доста се забавуваме и уживаме во организирање натпреварот. Помагањето на натпреварувачите да научат и да се натпреваруваат на други светски натпревари ни е вистинска мотивација.

Натпреварот е организиран од Netcetera, дали е ова една од алатките за регрутирање на компанијата?

Можеби не директно, но сепак целта е да ни овозможи да ги запознаеме лично натпреварувачите и да го изградиме имиџот на компанијата помеѓу студентите.

Во кратки црти, како се одвива натпреварот?

Вака изгледа е темплејтот по којшто се одвиваат 99% од натпреварите:

  • Понеделник, состанок за идеи за задачите;
  • Вторник, скица на иницијалните верзии на задачите
  • Петок, паника дека задачите сѐ уште не се готови
  • Сабота навечер (или цела ноќ), тестирање и дотерување на задачите;
  • Недела од 12:00 до 14:00 натпревар;
  • Недела од 14:00 до 15:00 тестирање и објавување на победниците.

Инаку организираме сезонски натпревари (community) каде што задачите ги прават студентите и главниот CodeFu натпревар кој е составен од две онлајн рунди и една on-site рунда каде 32 најдобри од онлајн рундите се натпреваруваат.

Кои се најголемите предизвици во организирањето?

Платформата која ја развивме за организирање на CodeFu натпреварот ни овозможува брзо и едноставно да ги организираме натпреварите. Предизвикот е во креирањето на задачите. Во еден натпревар секогаш учествуваат неколку луѓе од Netcetera (па дури и нашата менторка Нета J), со правење на задачите, нивно тестирање и средување. Сето тоа бара време и ангажман.

Со оглед на тоа дека на овој натпревар сте во директен контакт со девелоперите како би го оцениле нивното знаење и вештини споредбено година со година? Кои трендови ги забележувате? Дали се подобрува или стагнира општото знаење?

Забележуваме дека има доста голем напредок кај натпреварувачите, па поради тоа, како што поминува времето задачите што ги поставуваме ги правиме посложени и потешки.

Какво искуство добиваат учесниците на натпреварот и кој е најдобриот одговор на прашањето – зошто да учествуваат?

Адреналин. Програмирањето е интересно, но најчесто не носи некоја посебна возбуда. Со алгоритамски натпревари навистина е интересно тоа што времето е ограничено, задачите мора да бидат точни на сите тестови и до последната секунда не се знае кој е победникот. Се разбира, дополнителна мотивација се инаградите. На секој натпревар доделуваме телефони или таблети за победникот и за еден натпреварувач по случаен избор.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии